Младите прашуваат...
Зошто толку многу правила?
„Ме излудуваше тоа што ми беше одредено време кога да сум дома! Збеснував кога ќе видев дека на другите им е дозволено да остануваат подолго од мене“ (Ален).
„Ужасно е цело време да ти го проверуваат мобилниот телефон. Се однесуваат со мене како со мало дете!“ (Елизабет).
ДАЛИ ти е преку глава од сите правила што ти ги поставуваат дома? Дали некогаш ти дошло скришум да излезеш од дома или да ги излажеш родителите за нешто што си направил? Ако ти се случило нешто такво, веројатно имаш исти чувства како една тинејџерка која ги опишува своите родители како премногу заштитнички настроени и вели: „Мора да ме остават да дишам малку!“
Куќните правила, како што понекогаш се нарекуваат, се правилата што твоите родители или старатели ги поставиле за тебе во врска со тоа што смееш и што не смееш. Овие правила може да се однесуваат на домашните задачи, работите што треба да се завршат низ дома и времето до колку ти е дозволено да излегуваш, а може да се однесуваат и на тоа колку ќе го користиш телефонот, колку ќе гледаш ТВ или колку ќе го користиш компјутерот. Понекогаш се однесуваат и на работи надвор од дома, на пример, како да се однесуваш на училиште или какви пријатели да избереш.
Многу млади честопати ги прекршуваат правилата што им ги поставиле родителите. Речиси две третини од тинејџерите што биле интервјуирани за едно истражување рекле дека биле казнувани затоа што ги прекршиле куќните правила, а тоа е, всушност, и најчестата причина за казна.
Меѓутоа, повеќето млади признаваат дека мора да има некои правила за да не дојде до потполн хаос. Но, ако куќните правила се навистина потребни, зошто некои од нив толку одат на живци? И, ако мислиш дека твоите родители те задушуваат со правила, што можеш да направиш?
„Не сум веќе бебе!“
„Како да им дадам на моите родители до знаење дека не сум веќе бебе и дека мора да ме остават да пораснам?“, прашува една тинејџерка по име Емили. Дали некогаш и ти си се чувствувал така? Како Емили, можеби и тебе те нервираат правилата затоа што сметаш дека те третираат како беспомошно бебе. Се разбира, твоите родители веројатно поинаку гледаат на работите. Тие, најверојатно, сметаат дека нивните правила се неопходни за да те заштитат и да те подготват за одговорностите што ќе ги имаш како возрасен човек.
Дури и ако имаш извесна мера слобода, можеби мислиш дека, со текот на годините, правилата во твојот дом не се менуваат за да одговараат на твојата возраст. Ова може да биде особено болно ако ти изгледа дека со твоите браќа и сестри се постапува попопустливо. Една девојка по име Марси вели: „Имам 17 години и навечер морам рано да си дојдам дома. Добивам казни за сѐ што ќе направам погрешно, а кога брат ми беше на мои години, му беше дозволено да излегува до колку сака и никогаш не беше казнуван“. Сеќавајќи се на своите тинејџерски години, за својата сестра и за братучетките Метју вели: „Девојчињата ќе си поминеа лесно дури и за најстрашната беља!“
Без правила?
Разбираме дека можеби копнееш по живот што нема да го контролираат твоите родители. Но, дали навистина ќе ти биде подобро без нивните правила? Веројатно познаваш некои на твоја возраст што навечер остануваат до колку сакаат, носат што сакаат и излегуваат со своето друштво кога сакаат и каде сакаат. Можеби нивните родители се едноставно премногу зафатени за да забележат што прават нивните деца. Како и да е, ваквиот пристап во воспитувањето на децата досега нема дадено добри резултати (Изреки 29:15). Тоа што во светот нема љубов во голема мера се должи на тоа што има сѐ повеќе себични луѓе, од кои мнозина израснале во дом во кој ништо не им било забрането (2. Тимотеј 3:1-5).
Еден ден можеби ќе имаш поинакво гледиште за куќните правила. Да разгледаме едно истражување во кое биле вклучени млади жени кои израснале во дом во кој имало многу малку куќни правила и кои родителите многу малку или воопшто не ги надгледувале. Кога ќе се сетат на тоа време, ниедна од нив не го одобрува тоа што немале никаква стега. Напротив, тоа го сметаат за доказ дека нивните родители не се грижеле или дека не биле способни.
Наместо да им завидуваш на младите на кои им е дозволено да прават сѐ што сакаат, труди се да гледаш на правилата што ти ги поставуваат родителите како на доказ за нивната љубов и грижа. Со тоа што ти поставуваат разумни граници, тие го следат примерот на Јехова Бог, кој на својот народ му рекол: „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш. Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“ (Псалм 32:8).
Но, сега-засега правилата можеби ти изгледаат премногу тешки. Затоа, разгледај некои практични чекори што можеш да ги направиш за животот дома да ти биде поубав.
Комуникација која носи резултати
Без разлика дали сакаш поголема слобода или само помалку нервози со слободата што ја имаш сега, решението е во добрата комуникација. ‚Но јас пробав да зборувам со моите родители, ама едноставно не ни оди!‘, можеби ќе рече некој. Ако и ти се чувствуваш вака, прашај се: ‚Можам ли да направам нешто за да комуницирам подобро?‘ Комуникацијата е многу важна, зашто може да ти помогне или 1) да го добиеш она што го сакаш или 2) подобро да разбереш зошто нема да го добиеш она што го сакаш. Навистина, ако сакаш да те третираат како возрасен, нормално, ќе мора да научиш да комуницираш како зрел човек.
◼ Научи да си ги контролираш чувствата. Библијата вели: „Безумникот го излева сиот свој гнев, а оној што е мудар, останува мирен до крајот“ (Изреки 29:11). Добрата комуникација не се состои само од поплаки. Ако само се жалиш, најверојатно ќе добиеш само уште една лекција од родителите! Затоа труди се да не кенкаш, да не се муртиш цело време и да не се лутиш детинесто. Колку и да ти доаѓа да ја треснеш вратата или да се валкаш по подот кога родителите ќе ти забранат нешто, таквото однесување може само да доведе до уште правила, а не до поголема слобода.
◼ Труди се да гледаш на работите како твоите родители. Трејси, една млада христијанка која живее во семејство со еден родител, увидела дека ова многу ѝ помага. Таа раскажува: „Си велам: ‚Што се обидува мајка ми да постигне со своите правила?‘ Се труди да ми помогне да станам подобра личност“ (Изреки 3:1, 2). Ако се потрудиш да сфатиш што ги загрижува твоите родители, ќе можеш полесно да им објасниш како ти ги гледаш работите. На пример, замисли си дека не сакаат да те пуштат да одиш на некоја забава. Наместо да се караш со нив, можеш да ги прашаш: „Што ако некој зрел пријател во кого имате доверба дојде со мене?“ Можеби родителите нема секогаш да ти ги исполнат барањата; но ако разбереш што ги загрижува, веројатно ќе можеш да им предложиш некоја прифатлива опција.
◼ Стекни ја довербата на твоите родители. Да ја стекнеш довербата на твоите родители е слично со тоа да собираш пари на банковна сметка. Можеш да извадиш само онолку пари колку што претходно си ставил на сметката. Ако отидеш во минус може да добиеш казна, а ако тоа ти се случи повеќепати, може сосем да ти ја затворат сметката. Да добиеш дополнителни предности е како да вадиш пари од сметка — ќе добиеш само ако претходно си се покажал како одговорна личност.
◼ Имај реални очекувања. Родителите се одговорни во разумна мера да водат сметка за твоите постапки. Затоа во Библијата се зборува за ‚заповедта на татко ти‘ и ‚упатствата на мајка ти‘ (Изреки 6:20). Сепак не треба да мислиш дека куќните правила ќе ти го уништат животот. Напротив, ако си им подложен на своите родители, Јехова ветува дека, долгорочно гледано, ќе „ти биде добро“! (Ефешаните 6:1-3).
Повеќе статии од рубриката „Младите прашуваат...“ можеш да најдеш на Веб-страницата www.watchtower.org/ype
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ Кои правила ти е најтешко да ги следиш?
◼ Кои мисли од оваа статија ќе ти помогнат полесно да се држиш за правилата што ти ги поставуваат родителите?
◼ Како да стекнеш поголема доверба кај твоите родители?
[Рамка/слики на страница 11]
Кога ќе прекршиш некое правило
Оваа ситуација можеби ти е добро позната: Си дошол дома подоцна од дозволеното време, не си ги завршил задачите што ти биле дадени или си зборувал на телефон подолго од што ти е дозволено. И, сега мораш да се соочиш со родителите! Што можеш да направиш за и така лошата ситуација да не стане уште полоша?
◼ Кажи ја вистината. Нема да ти помогне ако се обидуваш да ги излажеш родителите; биди искрен и кажи ги деталите (Изреки 28:13). Измислените приказни може да ја поткопаат секоја доверба што твоите родители ја имаат во тебе. Немој да се оправдуваш или да ја намалуваш сериозноста на она што се случило. Секогаш имај на ум дека „благиот одговор го смирува гневот“ (Изреки 15:1).
◼ Извини се. Исправно е да покажеш дека ти е жал за тоа што си им создал грижи, разочарување или дополнителна работа, а тоа, исто така, може да ја ублажи и казната што ќе ја добиеш (1. Самоилова 25:24). Меѓутоа, мора вистински да ти биде жал.
◼ Прифати ги последиците. Кога ќе добиеш некоја казна, можеби веднаш ќе ти дојде да се буниш, особено ако ти се чини дека не е фер (Изреки 20:3). Но, да ги прифатиш последиците од своите постапки, е знак на зрелост (Галатите 6:7). Можеби најдобро ќе биде едноставно да работиш на тоа повторно да ја стекнеш довербата на твоите родители.
[Слика на страница 12]
Труди се да сфатиш што ги загрижува твоите родители