Уживала во она што го научила
ПРЕД кратко време, беше најдено едно писмо што една жена го напишала непосредно пред својата смрт од рак во мај 2004 година. Таа не го довршила писмото, очигледно затоа што нејзиното здравје ненадејно се влошило. Но, оние кои подоцна го прочитале тоа писмо, кое никогаш не било испратено, биле трогнати до солзи, а нивната вера во Бог се изградила.
Сузан, која го напишала писмото, раскажува дека прв пат му се јавила по телефон на еден христијански старешина на Јеховините сведоци кога била млада тинејџерка во Конектикат (САД). Понатаму ја објаснува ситуацијата со која се соочувала во тие тинејџерски години. Мајка ѝ на Сузан го добила тоа трогателно писмо на крајот од минатата година и испратила примерок до централата на Јеховините сведоци во Њујорк.
Сузан пишува дека го нашла телефонскиот број на старешината во Конектикат во телефонскиот именик во 1973 година. „Таа година, кога имав 14 години“, објаснила таа, „врз основа на она што го прочитав во Стражарска кула и Разбудете се! заклучив дека ова мора да е вистината. Бидејќи немав сретнато Јеховин сведок, ги побарав во телефонскиот именик и го избрав бројот што ги имаше истите први три цифри како мојот. Кога брат Генрик одговори, беше изненаден што јас никогаш немав сретнато некој Сведок“.a
Тешки околности
Во своето писмо, Сузан објаснува дека кога имала десет години, била испратена да живее кај сестра на мајка ѝ во Конектикат. Таму требало да остане само привремено, но по некое време Сузан ѝ кажала на мајка си, која живеела сама на Флорида, дека сака да остане каде што е. Понатаму во своето писмо, Сузан вели дека нејзината ситуација личела на „она што е наречено Стокхолм-синдром, при што човек се приврзува за своите угнетувачи“.b Таа била многу малтретирана.
„Тетка ми и нејзиниот придружник“, напишала Сузан, „многу ме малтретираа. Освен тоа, многу ретко некој доаѓаше во куќата. Кога ми беше дозволено да одам на училиште, не ми даваа ручек ниту соодветна облека, иако мајка ми дарежливо праќаше пари за моја издршка. Имав само еден пар долна облека, додека двете ќерки на тетка ми, кои беа неколку години помлади од мене, имаа сѐ“. Тоа го раскажала за да биде јасно зошто била свесна дека ќе има сериозни проблеми кога тетка ѝ ќе дознае дека таа се интересира да дознае повеќе за Библијата.
Како Сузан научила повеќе од Библијата
„Брат Генрик ме запозна со Лора, една зрела христијанска сестра“, напишала Сузан, „и таа помина доста време за да ги одговори многуте прашања од Библијата што ги имав, најчесто така, што ќе се сретневме кај една јавна пералница“. Сузан објаснила дека никогаш до тогаш не донела самостојна одлука за нешто, но дека по тие дискусии и откако ја прочитала литературата темелена на Библијата, како што била книгата Вистина која води до вечен живот, за првпат го сторила тоа.
„Беше петок навечер“, продолжила Сузан, „кога ѝ кажав на тетка ми дека разговарав со Сведоците. Таа ме натера да останам будна цела ноќ и да стојам среде кујната. Тоа ме направи порешена од кога и да е порано да станам Сведок“.
Оттогаш натаму, брат Генрик постојано ја снабдувал Сузан со литература за да ѝ помогне да ја разбере Библијата. „Цврсто во мислите ми стои Годишникот на Јеховините сведоци за 1974“, напишала Сузан, „затоа што раскажува за тоа како Сведоците во нацистичка Германија претрпеле прогонство пред и за време на Втората светска војна... Тогаш го замолив старешината да ми ги сними песните на Царството на касета за да можам да ги научам. За една година можев да ги пеам по ред сите 119 песни во песнарката од 1966 година, ‚Пеејќи и придружувајќи се со музика во своето срце‘.
Во меѓувреме, брат Генрик ми остави и касети со библиски предавања, драми и конгресни програми. Ќе ги оставеше покрај автопатот, во близината на одредена телефонска бандера и јас ќе ги земев од таму... Мојата ситуација сега почна да ме нервира бидејќи имав напреднато колку што беше можно без да одам на ниту еден состанок. По сѐ изгледа дека немав повеќе сила да се борам“.
Сузан кажува дека следните неколку години ѝ биле многу тешки. Прекинала секаков контакт со единствените двајца Сведоци што ги знаела. Но, потоа рекла дека ‚тоа што ги научила сите песни ѝ било „проклетство“‘. Зошто? „Затоа што ќе ми дојдеа зборовите од некоја песна, како на пример ‚Војниците на Јах не бараат лесен живот‘. Знаев дека тие зборови ги напишал некој Сведок додека бил во германски концентрационен логор за време на Втората светска војна, и ми стануваше уште потешко. Се чувствував како кукавица и мислев дека Јехова кренал раце од мене“.c
Конечно слободна
„До пресвртница дојде на мојот 18. роденден. Кај нас немаше дојдено Сведок со години, затоа што за нашата куќа некој ставил знак ‚не оди таму‘. Но, тој ден кај нас дојде некој од друго собрание, и имавме можност да поразговараме затоа што немаше никој друг дома. Ми беше прв пат во животот да сум сама дома во сабота. Тоа го сметав за доказ дека Јехова не се откажал од мене. Му се јавив на брат Генрик, со кого контактирав во почетокот, му кажав дека сум подготвена да си заминам и го прашав дали може да ми даде некаков предлог. На крајот, ми помогнаа да се иселам.“
Сузан се преселила на друго место во април 1977 година. Во писмото вели: „Во текот на следната година, конечно можев да присуствувам на сите состаноци и конгреси и почнав да одам во службата на проповедање. Повторно стапив во контакт со мајка ми. Таа не знаеше дека сите тие години бев страшно малтретирана и беше многу погодена. Веднаш ги презеде работите во свои раце и се погрижи да имам сѐ што ми треба. Неколку години пред тоа мајка ми се имаше преселено во Алјаска. Бидејќи многу се заинтересира за библиската вистина, во 1978 година се преселив во Алјаска за да бидам со неа. На крајот и таа стана Сведок и е верна до ден денес.
Откако почнав да одам на состаноци, брат Генрик планираше едно групно патување до светската централа на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк, и ме покани и јас да одам со групата. Тоа беше еден од најтрајните подароци што некој ми ги дал, затоа што разгори во мене едно доживотно ценење за Јеховината организација. Па, тоа е сѐ. Ова е збиено затоа што сакав да го завршам навреме“.
Горенаведените изјави, всушност, се само извадоци од едно писмо од шест и пол страници напишано во збиени редови. Кон крајот на она што го напишала, Сузан рекла: „Минатиот месец имав многу тежок напад и си мислев дека сигурно е завршено со мене... Го молев Јехова да ми даде добро здравје уште барем две недели за да си средам некои работи... Не очекувам уште долго да живеам, но морам да кажам дека овие години во вистината беа толку убави, најдобриот живот што некој би можел да го има“.
Немаше никаков формален заклучок или потпис, ниту, пак, писмото беше испратено. Оние што го најдоа не знаеја до кого треба да биде испратено. Но, како што беше претходно спомнато, писмото на крајот беше испратено до мајка ѝ на Сузан.
Нешто повеќе за Сузан
Откако Сузан се крстила на 14 април 1979 година, мајка ѝ се вратила на Флорида. Сузан останала во Алјаска затоа што развила блиско пријателство со членовите од собранието Норт Поул. Кратко потоа почнала со полновремена пионерска служба. На крајот се преселила на Флорида, и во 1991 година се омажила за еден христијански старешина, исто така пионер, кој починал кратко откако починала Сузан.
Како брачна двојка, Сузан и нејзиниот сопруг биле многу сакани од другите и заедно учествувале во полновремената служба сѐ додека нејзината болест им дозволувала да продолжат. Сѐ на сѐ, таа поминала преку 20 години во полновремената служба. Говорот на нејзиниот погреб бил поврзан телефонски со собранието Норт Поул.
Писмото на Сузан може да ни помогне уште повеќе да ги цениме духовните благослови што ги имаат оние кои му служат на Јехова и ја имаат прекрасната надеж за воскресение (Дела 24:15). Оваа животна приказна исто така јасно истакнува дека Бог е близу до сите кои му се приближуваат! (Јаков 4:7, 8).
[Фусноти]
a Брат Генрик и неговата сопруга умреа во трагична несреќа во 1993 година.
c Пејте му фалби на Јехова, песна бр. 29, „Напред, Сведоци!“
[Истакната мисла на страница 23]
„Овие години во вистината беа толку убави, најдобриот живот што некој би можел да го има“
[Слика на страница 21]
Сузан на десет години
[Слика на страница 23]
Сузан со својот сопруг, Џејмс Симор