Бубамара — пријателка на градинарот
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
ИАКО многумина не ги сакаат бубачките, обично немаат ништо против божјата бубалка, попозната како бубамара. Децата се просто фасцинирани од бубамарите, а градинарите и земјоделците ги дочекуваат со раширени раце. Зошто бубамарите се толку популарни?
Зошто се популарни?
Повеќето видови од оваа симпатична мала бубачка едноставно уживаат да јадат растителни вошки (на сликата лево) — многу ситни инсекти со меки телца кои им го цицаат сокот на градинарските и на земјоделските култури. Некои возрасни бубамари можат да изедат неколку илјади вакви вошки во текот на својот живот — а и нивните ларви имаат огромен апетит. Освен тоа, бубамарата се храни и со многу други штетници, а на некои им е вкусна и мувлата што се лепи на растенијата и ги оштетува. Ништо чудно што градинарите и земјоделците толку многу им се радуваат на бубамарите!
Кон крајот на 1800-тите, еден вид инсекти од родот Icerya purchasi случајно биле донесени од Австралија во Калифорнија (САД). Овој штетник се намножил толку брзо што постоела опасност целосно да ги сотре овоштарниците со цитрусни дрвја и да ја уништи оваа индустриска гранка. Знаејќи дека овој инсект не претставувал никаква опасност за растенијата во својата родна земја, еден ентомолог отишол во Австралија да го побара природниот непријател на овој штетник. Открил дека тоа е австралиската бубамара од родот Rodolia cardinalis. Околу 500 вакви бубачки биле пренесени во Калифорнија, и за една година штетните инсекти биле речиси целосно уништени. Насадите со цитрусни дрвја биле спасени!
Една година од животот на бубамарата
Оваа неодолива мала бубачка има тркалезно или елипсовидно телце што личи на купола, а стомачето ѝ е рамно. И покрај тоа што имаат огромен апетит, повеќето видови бубамари се пократки од 12 милиметри. Тврдите, сјајни покрилци (елитри), кои ги покриваат нежните крилца за летање, можат да имаат најразлични живописни шари. Кога инсектот лета, овие покрилци се отвораат за да не им пречат на задните крилца при летањето. Иако бубамарите честопати се прикажани со црвена боја и црни точки, речиси 5.000-те видови можат да бидат со најразлични комбинации од бои и точки. Некои се портокалови или жолти со црни точки. Други се црни со црвени точки. Неколку видови воопшто немаат точки. А некои, пак, имаат коцкасти шари или пруги.
Многу видови живеат само една година. Возрасните ја преспиваат зимата во суви, заштитени места. Се будат кога времето се стоплува и полетуваат во потрага по растенија нападнати од мушички. Откако женката се пари, положува цел куп ситни жолти јајца (сликата десно) од опачината на некој лист во чија близина има многу мушички. Од секое јајце се изведува ларва со шест нозе, која повеќе личи на крвожедно мало алигаторче (лево) отколку на идна бубамара. Бидејќи ларвата не прави ништо друго освен што јаде мушички, наскоро ѝ станува претесно во сопственета кожа. Откако ја менува неколку пати, ларвата се закачува за некое растение и се претвора во кукла. Во куклата, ларвата продолжува да расте сѐ додека на крајот од неа не излезе возрасна единка. Додека е сѐ уште мека и бледа, таа останува на растението чекајќи да ѝ се стврдне телцето. За само еден ден, се појавуваат нејзините карактеристични шари.
Непријателите учат да ја избегнуваат шарената бубамара. Кога ѝ се заканува опасност, оваа бубачка испушта од зглобовите една жолта течност со непријатен мирис и со ужасен вкус. Грабливците, како, на пример, птиците или пајаците, никогаш не ја забораваат својата прва непријатна средба со бубамарата, а нејзините впечатливи бои постојано ги потсетуваат на таа средба.
Една проблематична бубамара
Еден вид бубамари, кој во почетокот се користел во борбата против штетниците, на некој начин и самиот станал штетник. Видот Harmonia axyridis, кој е познат и како шарена азиска бубамара, среќно си живее со другите видови бубамари во својата природна средина во североисточна Азија. Бидејќи оваа бубамара е позната по својот невообичаено голем апетит за мушички и други растителни штетници, неодамна била донесена во Северна Америка и во Европа. За жал, таа ги довела во опасност домашните бубамари бидејќи им ја јаде сета храна. Кога оваа бубачка ќе ја изеде својата омилена храна — а нема непријател што би можел да ја изеде неа — таа почнува да ги јаде локалните бубамари, како и други корисни инсекти. Ентомолозите се плашат дека во иднина цели видови бубамари би можеле да се соочат со истребување. Оваа азиска бубамара не е пожелна и затоа што лакомо ги јаде сочните плодови што се зрели за берба, а наесен во роеви влегува во домовите на луѓето за да се скрие од студот.
Има уште неколку други видови бубамари кои, наместо да јадат штетници, ги јадат драгоцените плодови. За среќа, повеќето од нив се добредојдени за градинарите.
Срдечен дочек за бубамарите
Како можеш да ги привлечеш бубамарите во својата градина? Домашните цветни растенија им се омилен извор на полен и нектар. Некое мало место обраснато со плевел или една плитка чинија вода исто така може да ги примами да дојдат. Ако е можно, немој да користиш хемиски пестициди. Неколку паднати лисја кои лежат врз растенијата или на земја во текот на зимата ќе им обезбедат топол дом за да презимат. Обиди се да не смачкаш ниедна бубачка или јајца што ќе ги најдеш во градината. Со тоа би можел да ја убиеш следната генерација бубамари.
Запомни, само неколку вакви малечки убави инсекти ќе ти помогнат да се ослободиш од штетниците без да користиш никакви штетни пестициди. Ако се грижиш за бубамарите, тие ќе те наградат за твојот труд. Бубамарите се уште еден пример за мудроста на нашиот Творец, за која зборувал и псалмистот кога рекол: „Колку се многубројни твоите дела, Јехова! Сите мудро си ги направил, полна е земјата со твоите творби“ (Псалм 104:24).
[Извори на слики на страница 16]
Горе:© Waldhäusl/Schauhuber/Naturfoto-Online; двете лево: Scott Bauer/Agricultural Research Service, USDA; во средина: Clemson University - USDA Cooperative Extension Slide Series, www.insectimages.org; јајца: Bradley Higbee, Paramount Farming, www.insectimages.org
[Извори на слики на страница 17]
Лево: Jerry A. Payne, USDA Agricultural Research Service, www.insectimages.org; втората од лево: Whitney Cranshaw, Colorado State University, www.insectimages.org; третата од лево: Louis Tedders, USDA Agricultural Research Service, www.insectimages.org; четвртата од лево: Russ Ottens, The University of Georgia, www.insectimages.org; бубамари на лист: Scott Bauer/Agricultural Research Service, USDA