Завети за апстиненција?
ВО ПОСЛЕДНИВЕ години, меѓу младите станаа многу популарни заветите за девственост, односно апстиненција како, на пример, „Секс пред брак — не!“ Ваквите завети се вредни за пофалба и се во согласност со библиските заповеди (1. Коринќаните 6:18; Ефешаните 5:5). Но, прашање е колку се делотворни. Според една анкета, 60 отсто од тинејџерите го прекршиле својот завет уште во првата година.
Друга причина за загриженост е самата дефиниција која некои млади им ја даваат на зборовите „апстиненција“ и „девственост“. Во својата книга Луди по момци! (Boy Crazy!), Шарлин К. Џанети и Маргарет Сагарезе напишале: „Има експерти што ја поврзуваат зачестеноста на оралниот секс, па дури и на аналниот, со тоа што некои млади сакаат ‚технички‘ да ја задржат својата девственост. Според нив, сѐ што не е полов однос, не е секс“.
По сѐ изгледа, ваквото гледиште е сосема вообичаено. Откако интервјуирал над илјада тинејџери, еден писател рекол: „Се чини дека од сто тинејџери само еден до двајца сметаат дека оралниот секс е секс“. Тој додал: „Треба да сфатите дека така најверојатно мисли и Вашиот тинејџер, па дури и Вашето помало дете“.
На оние што се држат за библиските мерила им е сосема јасно дека и оралниот и аналниот секс се — како што покажуваат и самите називи — секс. Библиската заповед ‚да се воздржуваме од блуд‘ се однесува на воздржување од сите облици на недозволени сексуални односи (1. Солуњаните 4:3).