Младите прашуваат...
Хомосексуалност — како да ѝ се спротивставам?
„Кога имав 12 години, ми се допадна едно девојче на училиште. Бев збунета и се загрижив да не сум лезбејка“ (Ана).a
„Како тинејџер, се борев со себеси бидејќи ме привлекуваа машките. Длабоко во душата, знаев дека тие чувства не се нормални“ (Олеф).
„Се бакнавме еднаш или двапати со мојата другарка. Бидејќи сѐ уште ме привлекуваа машки, се прашував да не сум бисексуалец“ (Сара).
ПОРАДИ попустливите ставови што преовладуваат денес, многу млади биле наведени да започнат врска со истиот пол. „Многу девојки во моето училиште тврдат дека се или лезбејки, или бисексуалци или, пак, се прашуваат како би било да имаш интимни односи или со едниот или со другиот пол“, вели 15-годишната Беки. Криста, која има 18 години, вели дека ситуацијата е слична и во нејзиното училиште. „Всушност, две соученички веќе ми предложија да имам односи со нив“, вели таа. „Едната ми напиша порака на ливче и ме праша дали сакам да видам како е да си со девојка.“
Со оглед на тоа што толку отворено и без срам се зборува за врски со истиот пол, можеби се прашуваш: „Дали е навистина лошо да си хомосексуалец? Што ако ми се допадне некој од мојот пол? Значи ли тоа дека сум хомосексуалец?“
Кое е Божјето гледиште за хомосексуалноста?
Денес, многу луѓе — па дури и некои свештеници — ги ублажуваат работите кога станува збор за хомосексуалноста. Но, Библијата е сосема јасна по ова прашање. Таа ни кажува дека Јехова Бог ги создал мажот и жената и дека неговата намера била сексуалните желби да бидат задоволени само помеѓу маж и жена кои се во брак (1. Мојсеева 1:27, 28; 2:24). Затоа, воопшто не зачудува што Библијата ја осудува хомосексуалноста (Римјаните 1:26, 27).
Се разбира, мнозина ќе кажат дека Библијата е старомодна. На пример, 14-годишната Меган тврди: „Некои работи од Библијата навистина не важат во денешниов свет“. Но, зошто некои толку брзо доаѓаат до ваков заклучок? Честопати, тоа е затоа што гледиштето на Библијата не се поклопува со нивното. Тие ја отфрлаат Божјата реч бидејќи таа учи нешто спротивно на она во што тие сакаат да веруваат. Но, таквото гледиште не е објективно, а Библијата нѐ поттикнува да се издигнеме над таквите размислувања што се засноваат само на чувства! Всушност, Јехова Бог нѐ охрабрува во својата Реч да мислиме на тоа дека неговите заповеди се за наше добро (Исаија 48:17, 18). Тоа е разумно. На крајот на краиштата, кој нѐ познава подобро од нашиот Творец?
Како млада личност, ти веројатно чувствуваш најразлични емоции. Што ако ти се допаѓа некој од твојот пол? Дали ова автоматски значи дека си хомосексуалец? Не. Не заборавај, ти си во „цутот на младоста“, период во кој и без своја волја можеш сексуално да се возбудиш (1. Коринќаните 7:36). Можеби некое време вниманието ќе ти биде насочено на некој од истиот пол. Но, само тоа што те привлекува некој од истиот пол не значи дека си хомосексуалец. Всушност, статистиката покажува дека таквите склоности обично исчезнуваат со текот на времето. Сепак, можеби се прашуваш: ‚Како воопшто можат да се родат такви желби?‘
Некои велат дека хомосексуалноста е одредена во гените. Други велат дека се учи. Но, целта на оваа статија не е да расправа дали хомосексуалноста е наследна или се стекнува во животот. Всушност, се чини дека би било претерано поедноставување да се каже дека хомосексуалноста е производ на само еден фактор. Таа, исто како и другите видови однесување, е далеку посложена појава.
Без оглед на причините, важно е да сфатиме дека Библијата ги осудува хомосексуалните постапки. Според тоа, лицето што се бори против привлечноста кон истиот пол пред себе има достижна цел — може да избере дали ќе постапи во согласност со тие желби или не. Да наведеме една споредба: Можеби еден човек е ‚склон кон гнев‘ (Изреки 29:22). Можно е во минатото честопати да доаѓало до изливи на бес. Но, откако почнал да ја проучува Библијата, тој сфатил дека мора да развие самосовладување. Значи ли ова дека никогаш повеќе нема да зоврие од гнев во себе? Не. Сепак, бидејќи знае што вели Библијата за неконтролираниот гнев, тој не си дозволува да им се препушти на таквите чувства. Слично е и со оној на кого му се допаѓале лица од истиот пол, но сега дознал што вели Библијата за хомосексуалните постапки. Одвреме-навреме кај него сѐ уште може да се јави неисправна желба. Сепак, ако го послуша советот од Библијата, тој може да се воздржи и да не постапи во склад со таа желба.
Мора да се признае, привлечноста кон истиот пол може да биде многу силна. Но, биди уверен дека дури ни длабоко вкоренетите погрешни желби не се несовладливи (1. Коринќаните 9:27; Ефешаните 4:22-24). На крајот, ти имаш контрола над твојот живот (Матеј 7:13, 14; Римјаните 12:1, 2). И, покрај тоа што некои го тврдат спротивното, ти можеш да научиш да ги контролираш своите нагони — или, во најмала рака, да не постапуваш во склад со нив.
Одбиј да постапуваш погрешно
Што ќе ти помогне да не се впуштиш во хомосексуални постапки?
◼ Прво: Сите свои грижи фрли ги на Јехова во молитва, и биди уверен дека ‚тој се грижи за тебе‘ (1. Петрово 5:7; Псалм 55:22). Јехова може да те зајакне давајќи ти го мирот „кој ја надминува секоја мисла“. Тој мир може ‚да го чува твоето срце и твојот ум‘ и да ти даде „сила, која ја надминува нормалната“, која ќе ти помогне да не постапиш според погрешните желби (Филипјаните 4:7; 2. Коринќаните 4:7). Сара, која се измачувала со помислата дека можеби е бисексуалец, вели: „Секогаш кога ќе се вознемирам, се молам, и Јехова ми помага. Без негова помош, не ќе можев да се справам со овој проблем. Молитвата ми е јаже за спасување!“ (Псалм 94:18, 19; Ефешаните 3:20).
◼ Второ: Полни си го умот со изградувачки духовни мисли (Филипјаните 4:8). Читај ја Библијата секој ден. Никогаш не потценувај ја нејзината моќ да го обликува твојот ум и срце на добро (Евреите 4:12). Еден младич по име Џејсон вели: „Библијата има силно влијание врз мене, а особено стиховите во 1. Коринќаните 6:9, 10 и Ефешаните 5:3. Ги читам овие стихови секогаш кога кај мене ќе се јават неисправни желби“.
◼ Трето: Немој да гледаш порнографски материјали и што и да е друго чија цел е да се фрли поволна светлина врз хомосексуалноста — тие можат само да ги разгорат погрешните желбиb (Псалм 119:37; Колошаните 3:5, 6). Освен тоа, во некои филмови и телевизиски емисии хомосексуалноста се прикажува само како алтернативен начин на живот. „Извртените гледишта на светот влијаеја врз моето размислување и придонесоа уште повеќе да бидам збунета во врска со ова“, вели Ана. „Сега се тргам настрана од сѐ и од сите за кои хомосексуалноста е нешто најнормално“ (Изреки 13:20).
◼ Четврто: Најди си лице на кое можеш да му се довериш, и кажи му какви мисли те мачат (Изреки 23:26; 31:26; 2. Тимотеј 1:1, 2; 3:10). Олеф, кој побарал помош од еден христијански старешина, вели: „Неговиот совет многу ми помогна. Ми беше криво што не му се доверив многу порано“.
Не предавај се!
Се разбира, некои ќе речат дека нема зошто да се прават сите овие чекори и дека едноставно треба да им се препуштиш на своите сексуални нагони и да се прифатиш таков каков што си. Но, Библијата вели дека можеш да направиш многу подобар избор! На пример, ни кажува дека некои од првите христијани, кои исто така пред тоа биле хомосексуалци, успеале да се променат (1. Коринќаните 6:9-11). И ти можеш да ја добиеш битката — дури и ако моментално таа се води само во твоето срце.
Ако и понатаму имаш неисправни желби, не предавај се и не заклучувај дека си изгубен случај (Евреите 12:12, 13). Сите ние понекогаш се бориме со погрешни склоности (Римјаните 3:23; 7:21-23). Ако решително одбиеш да постапиш во склад со погрешните желби, со текот на времето најверојатно ќе ги снема (Колошаните 3:5-8). Но, пред сѐ, потпирај се на Јехова за помош. Тој те сака и знае што ќе те направи среќен (Исаија 41:10). Да, „имај доверба во Јехова и прави добро... па ќе добиеш од него што ти срце сака“ (Псалм 37:3, 4).
[Фусноти]
a Имињата во оваа статија се сменети.
b „Метросексуалноста“ — начин на живот на мажи кои си обрнуваат претерано внимание на себеси, а особено на својот надворешен изглед — придонела многу да се замагли границата помеѓу хомосексуалците и хетеросексуалците. Според човекот кој наводно го измислил овој термин, метросексуалецот „може да се изјаснува како хомосексуалец, хетеросексуалец или бисексуалец, но ова воопшто и не е важно, бидејќи тој најмногу се сака себеси, а неговото сопствено задоволство одредува со кој пол ќе биде“. Една енциклопедија вели дека овој термин стана популарен „откако хомосексуалците полека станаа прифатени од општеството, и ова доведе до слабеење на табуата во поглед на хомосексуалноста и до промена на гледиштата во врска со тоа што претставува вистинската машкост“.
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ Зошто Бог е против хомосексуалноста?
◼ Како да се бориш против чувствата ако ти се допаѓаат лица од истиот пол?
◼ Кому можеш да му се довериш ако се бориш со хомосексуални склоности?
[Слика на страница 30]
Побарај помош од некој зрел возрасен христијанин