Младите прашуваат...
Што ако некој ми предложи „секс-шема“?
„Младите влегуваат во ‚секс-шеми‘ само за да видат колку далеку можат да одат со спротивниот пол и со колку луѓе можат да спијат“ (Пени).a
„Момчињата зборуваат без срам за тоа. Се фалат дека си имаат девојка, но истовремено спијат и со многу други девојки“ (Едвард).
„Тие што ми предлагаа ‚секс-шеми‘ беа многу директни. И не се откажуваа кога ги одбивав!“ (Ида).
ВО НЕКОИ земји се познати како „секс-шеми“. На други места имаат поинаков назив. На пример, во Јапонија ги викаат „врска без обврска“, вели младата Акико. „Се користи и изразот sefre, што значи ‚пријател (пријателка) за секс‘“, вели таа. „Единствената причина за таквото пријателство е сексот.“
Сеедно какво име ќе му се даде, значењето е исто — слободен секс без никакви емоционални обврски.b Некои млади дури се фалат со своите таканаречени „пријатели (пријателки) за уживање“ — познајници со кои можат да имаат односи без да се изложуваат на „компликациите“ што ги носи една подолга љубовна врска. „Секс-шемата нуди моментално задоволување“, вели една девојка. „Го добиваш она што го сакаш и си заминуваш.“
Како христијанин, ти треба да ‚бегаш од блуд‘c (1. Коринќаните 6:18). Бидејќи си свесен за ова, веројатно се трудиш да не дојдеш во искушение да ги прекршиш Божјите закони. Но, понекогаш искушението може само да ти дојде. „Многу машки на школо ми предложиле секс-шема“, вели Синди. Истото може да се случи и на работа. „Шефот ми предложи секс-шема“, вели Маргарет. „Беше толку упорен што морав да дадам отказ!“
Од друга страна, пак, немој да се изненадиш ако таквите предлози те стават во искушение. „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ“, вели Библијата (Еремија 17:9). Ова го почувствувала и една девојка по име Лорин. „Всушност, ми се допаѓаше дечкото што ми предложи да имам односи со него“, признава таа. Џејн минала низ нешто слично. „Моите чувства кон него беа силни“, во доверба вели таа. „Тоа што го одбив беше најтешкото нешто кое го имам направено во животот.“ Едвард, кој беше цитиран погоре, исто така признава дека не е лесно да се остане морално чист. „Многу девојки ми нудат да спијам со нив, и за мене тоа е најтешката борба што морам да ја водам како христијанин“, вели тој. „Тешко е да кажеш ‚не!‘“
Ако си се чувствувал слично како Лорин, Џејн и Едвард, но сепак си постапил како што бара Јехова Бог, ти си за пофалба бидејќи си го направил она што е исправно. Утешно е да знаеш дека и апостол Павле постојано се борел со погрешни желби (Римјаните 7:21-24).
Кои библиски начела треба да ги имаш на ум ако некој ти понуди слободен секс?
Сфати зошто слободниот секс е погрешен
Библијата ги осудува половите односи надвор од бракот. Всушност, блудот е толку тежок грев што оние кои го прават „нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10). За да му се спротивставиш на искушението да имаш односи со некого, мора самиот да гледаш на таа работа како што гледа Јехова. Ти мора да бидеш решен да останеш морално чист.
„Цврсто верувам дека Јехова најдобро знае како треба да живееме“ (Карен, Канада).
„Оној што ги отфрла Јеховините морални закони за само неколку моменти задоволство, навистина губи многу“ (Вивиен, Мексико).
„Немој да забораваш дека си нечиј син или ќерка, дека си пријател на многу луѓе и дека си дел од собранието. Ако попуштиш на искушението, ќе ги изневериш сите!“ (Питер, Британија).
Апостол Павле напишал: „Испитувајте што е прифатливо за Господарот“ (Ефешаните 5:10). Ако го прифатиш Јеховиното гледиште за блудот, ќе можеш да го ‚мразиш злото‘ иако можеби тоа ќе биде привлечно за твоето несовршено тело (Псалм 97:10).
◼ Стихови што може да се прочитаат: 1. Мојсеева 39:7-9. Забележи колку храбро Јосиф му се спротивставил на искушението да ѝ подлегне на сексуалната привлечност, и што му помогнало во тоа.
Биди горд на својата вера
Не е ништо невообичаено младите да се гордеат и да бранат некоја работа во која веруваат. Како христијанин, ти имаш чест со своето примерно однесување да го одбраниш Божјето име. Немој да се срамиш од својот бескомпромисен став во врска со предбрачниот секс.
„Уште од самиот почеток, покажи им јасно на сите дека имаш високи морални начела“ (Ален, Германија).
„Нема никаква причина да се срамиш од своите верувања“ (Естер, Нигерија).
„Врсниците нема да го почитуваат твојот став кон предбрачниот секс ако им кажеш: ‚Моите родители не ми дозволуваат да излегувам со спротивниот пол‘. Мора да им ставиш на знаење дека ти лично не сакаш да го правиш тоа“ (Џенет, Јужноафриканска Република).
„Момчињата со кои учев во средно знаеја која сум, и знаеја дека само ќе си го губат времето ако ми предлагаат такво нешто“ (Вики, САД).
Ако цврсто ги браниш своите верувања, покажуваш дека стануваш зрел христијанин (1. Коринќаните 14:20).
◼ Стих што може да се прочита: Изреки 27:11. Сфати дека со начинот на кој ќе постапиш можеш да го направиш најважното нешто — да го посветиш Јеховиното име!
Биди цврст!
Важно е да се каже „не“. Но, некој може погрешно да го протолкува твоето одбивање како: „Потруди се малку за да ме добиеш“.
„Одбивањето може да се сфати како предизвик, како пречка што треба да се надмине, и може да им биде уште поинтересно да те ловат“ (Лорен, Канада).
„Сѐ што е поврзано со тебе — твојата облека, твојот говор, лицата со кои разговараш и како се однесуваш со нив — треба да покаже дека твоето ‚не‘ навистина значи ‚не‘“ (Џој, Нигерија).
„Твоето ‚не‘ мора да биде јасно и гласно“ (Даниел, Австралија).
„Биди цврста! Кога еден дечко ми пристапи со непристоен предлог, му реков: ‚Тргни ја раката од моето рамо!‘ — и веднаш заминав со строг израз на лицето“ (Елен, Британија).
„Мора да бидеш многу директна и да кажеш дека не си заинтересирана за тоа — ни сега ни никогаш. Во таква ситуација не е време да си благ!“ (Џин, Шкотска).
„Еден дечко постојано ми досадуваше со непристојни предлози и ми се потсмеваше. Дојде моментот кога морав да бидам многу строга со него. Дури тогаш престана да ме вознемирува“ (Хуанита, Мексико).
„Мора јасно да му ставиш на знаење дека тоа што го бара нема никогаш да го добие. Никогаш не прифаќај подароци од момчиња кои сакаат да спијат со тебе. Би можеле да го искористат тоа против тебе, како да им должиш услуга“ (Лара, Британија).
Јехова ќе ти помогне ако имаш цврст став. Од лично искуство, псалмистот Давид можел да го каже следново за Јехова: „Со лојалниот постапуваш лојално“ (Псалм 18:25).
◼ Стих што може да се прочита: 2. Летописи 16:9. Забележи колку Јехова е спремен да им помогне на оние што му се оддадени со цело срце.
Биди претпазлив
Библијата вели: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 22:3). Како можеш да го послушаш овој совет? Така што ќе бидеш претпазлив.
„Колку што можеш, избегнувај да бидеш во друштво на луѓе што зборуваат за такви работи“ (Наоми, Јапонија).
„Избегнувај друштво и ситуации што можат да бидат опасни. На пример, познавам млади што подлегнале на искушение кога биле под дејство на алкохол“ (Иша, Бразил).
„Не давај лични податоци, како адреса или телефон“ (Дијана, Британија).
„Немој по навика да ги бакнуваш сите сокласници“ (Естер, Нигерија).
„Внимавај како се облекуваш. Твојата облека не смее да биде провокативна“ (Хајди, Германија).
„Голема заштита е да имаш добар однос со родителите и да им кажеш ако дојде до вакво нешто“ (Акико, Јапонија).
Размисли како зборуваш, како се однесуваш, со кого се дружиш и на какви места одиш. Потоа, прашај се: ‚Дали се доведувам во ситуации или, пак, на некој начин давам знаци што би можеле да ги поттикнат другите да ми даваат непристојни предлози?‘
◼ Стихови што може да се прочитаат: 1. Мојсеева 34:1, 2. Види до какви трагични последици довело тоа што една девојка, која се викала Дина, се нашла на погрешно место.
Запомни, слободниот секс не е некоја површна работа за Јехова Бог, па не треба да биде ни за тебе. Библијата вели: „Ниту еден блудник или нечист... нема наследство во царството на Христос и на Бог“ (Ефешаните 5:5). Ако си решен да постапуваш исправно, можеш да зачуваш чиста совест и да имаш самопочит. Во врска со ова, една девојка по име Карли вели: „Зошто некој да те искористи за да си задоволи некоја моментална желба? Внимавај да не го загубиш пријателството на Јехова за кое толку многу си се трудел да го стекнеш!“
[Фусноти]
a Некои имиња во оваа статија се сменети.
b Овие изрази можат да се однесуваат и на други интимни контакти, како милување и страсно бакнување.
c Во блуд спаѓаат полови односи, орален и анален секс, хомосексуални постапки, мастурбирање на друго лице, како и други контакти во кои е вклучена злоупотреба на половите органи меѓу лица кои не се во брак.
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ Иако несовршените луѓе можеби посакуваат да имаат недозволени полови односи, зошто тоа е погрешно?
◼ Што ќе сториш ако некој ти предложи да имаш односи со него?
[Рамка на страница 27]
◼ Библијата вели дека оној што прави блуд, „греши против своето сопствено тело“ (1. Коринќаните 6:18). Во која смисла? Размисли за некои аспекти и наведи ги подолу.
․․․․․
Помош: Одговорот на ова прашање можеш да го побараш во Стражарска кула од 15 јуни 2006, 28. страница, 14. пасус, како и во Стражарска кула од 15 јуни 2002, 21. страница, 17. пасус, издадени од Јеховините сведоци.
[Рамка на страница 29]
ЗБОР-ДВА ЗА РОДИТЕЛИТЕ
„Еден соученик ми предложи ‚секс-шема‘. Ми требаше време да сфатам за што зборува. Тогаш имав само 11 години“ (Леа).
Децата се наведени да размислуваат за секс уште на многу рана возраст. Библијата одамна прорекла дека во „последните денови ќе настанат особено тешки времиња“ во кои луѓето ќе бидат „без самосовладување“ и „повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тимотеј 3:1, 3, 4). „Секс-шемите“, за кои стана збор во статијата за младите, се само еден од многуте показатели дека ова пророштво се исполнува.
Светот денес во голема мера се разликува од оној во кој си пораснал ти. Но, во некој поглед, проблемите остануваат исти. Затоа, не плаши се премногу од лошото влијание со кое се опкружени твоите деца. Наместо тоа, биди решен да им помогнеш да го прават истото она на кое ги поттикнал апостол Павле христијаните пред околу 2.000 години: „Облечете ја сета Божја воена опрема за да можете да им се спротивставите на Ѓаволовите сплетки“ (Ефешаните 6:11). Всушност, пофално е што многу млади христијани успешно се борат да го прават она што е исправно, и покрај негативните влијанија на кои се изложени. Како можеш да им помогнеш на твоите деца да го сторат истото?
Еден начин е да ги искористиш овие информации за да започнеш разговор со твојот син или ќерка. Стиховите што се предложени да се прочитаат навистина наведуваат на размислување. Во некои од нив се дадени примери на лица кои го правеле тоа што е исправно и биле наградени од Бог, а други се за лица што не им обрнале внимание на Божјите закони и пожнеале лоши последици. Во некои од тие стихови се наведени начела што можат да им помогнат на твоите деца да увидат колку се среќни што тие, а и ти, живеете според Божјите закони. Зошто не испланирате да го разгледате заедно овој материјал?
Ако се придржуваме за Божјите мерила, тоа секогаш е за наше добро (Исаија 48:17, 18). Ако ги игнорираме, неизбежно ќе си нанесеме болка. Издавачите на Разбудете се! ти пожелуваат Јеховин благослов додека се трудиш да ги всадиш Божјите закони и начела во срцето на твоите деца (5. Мојсеева 6:6, 7).
[Слика на страница 28]
Мора јасно да ставиш до знаење дека тоа што го бара нема никогаш да го добие