Младите прашуваат...
Дали тој е вистинскиот за мене?
Одвој малку време за да го пополниш тестот:
Кои карактеристики моментално сметаш дека мора да ги има некој што би можел да ти биде брачен другар? На списокот подолу стави ✔ кај четирите карактеристики што сметаш дека се најважни.
․․․․․ добро да изгледа
․․․․․ духовен
․․․․․ дружељубив
․․․․․ достоен за доверба
․․․․․ популарен
․․․․․ чесен
․․․․․ духовит
․․․․․ си поставува цели
Дали досега веќе си била вљубена во некого? На списокот погоре, стави ✘ до карактеристиката што во тоа време најмногу те привлекуваше кај таа личност.
НЕМА ништо погрешно во ниедна од карактеристиките што се наведени погоре. Секоја од нив си е привлечна на свој начин. Но, сигурно ќе се сложиш дека кога си млад и вљубен до уши во некого, обично се концентрираш на помалку важните особини, како оние што се наведени во колоната на левата страна.
Меѓутоа, како што созреваш, почнуваш да ја користиш својата проникливост за да ги испиташ поважните особини, како оние што се наведени во колоната на десната страна. На пример, како млад човек сфаќаш дека најубавата девојка во твоето место не е баш некој во кого можеш да имаш доверба или дека најпопуларниот дечко во класот нема баш висок морал. Ако ‚повеќе не си во цутот на младоста‘ — оној период од животот кога половиот нагон станува поизразен — најверојатно ќе погледнеш подлабоко во тој човек за да го дознаеш одговорот на прашањето: ‚Дали тој е вистинскиот за мене?‘a (1. Коринќаните 7:36).
Дали секој ќе ми одговара?
Низ годините можеби ќе има повеќемина што ќе ти се допаѓаат, ама нема секој да ти одговара. На крајот на краиштата, ти бараш партнер за цел живот, некој што ќе те поттикне да бидеш уште подобра личност и некој за кого и ти ќе го сториш истото (Матеј 19:4-6). Кој би можел да биде тоа? Пред да можеш да одговориш на ова прашање, треба ‚да погледнеш во огледалото‘ и искрено да процениш каква личност си (Јаков 1:23-25).
За да се запознаеш себеси подобро, одговори на следниве прашања:
Кои ми се јаки страни?
․․․․․
Кои ми се слаби страни или точки?
․․․․․
Какви емоционални и духовни потреби имам?
․․․․․
Не е лесно да се запознаеш себеси, но ваквите прашања ќе ти помогнат во тоа.b Колку подобро се познаваш себеси, толку поподготвена ќе бидеш да најдеш некој со кој уште повеќе ќе дојдат до израз твоите јаки, а не твоите слаби страни. Но, што ако мислиш дека веќе си го нашла вистинскиот?
Дали ќе успее врската?
За да одговориш на ова прашање, размисли објективно за оној што ти се допаѓа. Но, внимавај! Може да бидеш склона да го гледаш само она што сакаш да го видиш. Затоа, не брзај. Обиди се да го видиш онаков каков што е навистина.
Многумина што се во врска го гледаат кај другиот само она што може да се види на прв поглед. На пример, веднаш ги наведуваат работите што им се заеднички: ‚Сакаме иста музика‘. ‚Сакаме исти работи.‘ ‚Во сѐ се согласуваме!‘ Но, како што веќе спомнавме, ако навистина си го поминала цутот на младоста, ќе се потрудиш да го видиш и она што не паѓа веднаш в очи. Треба да го запознаеш „тајниот човек на срцето“ (1. Петрово 3:4; Ефешаните 3:16).
На пример, наместо да се концентрираш на тоа колку се согласувате во некои работи, можеби повеќе ќе откриеш ако обрнеш внимание на тоа што се случува кога не се согласувате во нешто. Со други зборови, како реагира тој човек кога ќе се појави некое несогласување — дали инсистира да биде по негово и дали при тоа си дозволува „изливи на гнев“ или ‚погрден говор‘? (Галатите 5:19, 20; Колошаните 3:8). Или, пак, е разумен — спремен да попушти за да има мир кога станува збор за работи во кои не се кршат некои морални начела? (Јаков 3:17).
Еве уште еден фактор што треба да се земе предвид: Дали манипулира со луѓето, сака тој да биде главен или е љубоморен? Дали бара да му кажеш за сѐ што правиш? „Посесивноста и љубомората се знаци за опасност“, вели една девојка по име Никол. „Знам некои двојки што се во врска и се караат затоа што едниот од нив не може да ја поднесе помислата дека другиот не му се јавува да му каже каде бил и што правел — и мислам дека тоа е лош знак.“
Што мислат другите за твојот дечко? Ќе биде добро да разговараш со оние што веќе подолго го познаваат, на пример, со некој од зрелите браќа и сестри во неговото собрание. Тие ќе ти кажат дали за него ‚се зборува добро‘ (Дела 16:1, 2).c
Треба ли да раскинеш?
Што ако сфатиш дека оној со кого си во врска нема да ти одговара како брачен другар? Во тој случај, можеби би било најдобро да ја раскинеш таа врска. Библијата вели: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 22:3).d
Можеби подоцна ќе започнеш друга врска. Кога ќе се случи тоа, сигурно ќе имаш поурамнотежено гледиште — гледиште кое си го стекнала со искуство. Можеби тогаш на прашањето „Дали тој е вистинскиот за мене?“ ќе одговориш со да!
[Фусноти]
a Иако во оваа статија користиме женски род, начелата во неа важат и за девојките и за момчињата.
b Уште прашања што ќе ти помогнат да се преиспиташ има на 30. страница во Разбудете се! од јануари 2007.
c Разгледај ги и прашањата во рамките на страници 19 и 20.
d Повеќе информации во врска со раскинувањето има во Разбудете се! од 8 јули 2001, страници 12-14.
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ Кои добри особини ги имаш поради кои би била добар брачен другар?
◼ Кои се некои особини што би сакала да ги има твојот брачен другар?
◼ Како можеш да дознаеш нешто повеќе за карактерот, однесувањето и угледот на оној со кого си во врска?
[Рамка на страница 19]
Дали тој би бил добар сопруг?
ОСНОВНИ РАБОТИ
▪ Како го користи својот авторитет? (Матеј 20:25, 26).
▪ Какви цели има? (1. Тимотеј 4:15).
▪ Дали сега прави нешто за да ги постигне тие цели? (1. Коринќаните 9:26, 27).
▪ Кои му се пријатели? (Изреки 13:20).
▪ Каков став има кон парите? (Евреите 13:5, 6).
▪ Каква забава сака? (Псалм 97:10).
▪ Што покажува неговиот стил на облекување? (2. Коринќаните 6:3).
▪ Како ја покажува својата љубов кон Јехова? (1. Јованово 5:3).
ДРУГИ ВАЖНИ РАБОТИ
▪ Дали е вреден? (Изреки 6:9-11).
▪ Дали одговорно ракува со парите? (Лука 14:28).
▪ Дали е на добар глас? (Дела 16:1, 2).
▪ Дали ги почитува своите родители? (2. Мојсеева 20:12).
▪ Дали е обѕирен со другите? (Филипјаните 2:4).
ЗНАЦИ ЗА ОПАСНОСТ
▪ Дали лесно се разлутува? (Изреки 22:24).
▪ Дали се обидува да те наведе на неморал? (Галатите 5:19).
▪ Дали ги навредува другите и дали е насилен? (Ефешаните 4:31).
▪ Дали мора да се напие алкохол за да биде расположен? (Изреки 20:1).
▪ Дали е љубоморен и себичен? (1. Коринќаните 13:4, 5).
[Рамка на страница 20]
Дали таа би била добра сопруга?
ОСНОВНИ РАБОТИ
▪ Како покажува подложност во семејството и во собранието? (Ефешаните 5:21, 22).
▪ Што покажува нејзиниот стил на облекување? (1. Петрово 3:3, 4).
▪ Кои ѝ се пријатели? (Изреки 13:20).
▪ Каков став има кон парите?(1. Јованово 2:15-17).
▪ Какви цели има? (1. Тимотеј 4:15).
▪ Дали сега прави нешто за да ги постигне тие цели? (1. Коринќаните 9:26, 27).
▪ Каква забава сака? (Псалм 97:10).
▪ Како ја покажува својата љубов кон Јехова? (1. Јованово 5:3).
ДРУГИ ВАЖНИ РАБОТИ
▪ Дали е вредна? (Изреки 31:17, 19, 21, 22, 27).
▪ Дали одговорно ракува со парите? (Изреки 31:16, 18).
▪ Дали е на добар глас? (Рут 4:11).
▪ Дали ги почитува своите родители? (2. Мојсеева 20:12).
▪ Дали е обѕирна со другите? (Изреки 31:20).
ЗНАЦИ ЗА ОПАСНОСТ
▪ Дали е кавгаџика? (Изреки 21:19).
▪ Дали се обидува да те наведе на неморал? (Галатите 5:19).
▪ Дали ги навредува другите и дали е насилна? (Ефешаните 4:31).
▪ Дали мора да се напие алкохол за да биде расположена? (Изреки 20:1).
▪ Дали е љубоморна и себична?(1. Коринќаните 13:4, 5).