Ги раскинав прангите на алкохолот
Умереното пиење алкохол може да биде убаво дополнение на еден оброк или да ја зголеми радоста на некоја прослава. Но, на некои луѓе алкохолот може да им донесе сериозни проблеми. Прочитај ја приказната на еден човек кој успеал да се ослободи од прангите на прекумерното пиење.
ДУРИ и сега ми е тешко да зборувам за напнатата атмосфера што владееше во нашиот дом. Мајка ми и татко ми ќе почнеа да пијат. Потоа татко ми ќе ја претепаше мајка ми. Честопати и јас добивав ќотек од него. Имав само четири години кога решија да се раздвојат. Се сеќавам кога ме однесоа да живеам кај баба ми.
Чувствував дека никој не ме сака. Кога имав седум години, ќе се искраднев до подрумот за да пијам домашно вино, кое како да ми ја олеснуваше тагата. Кога имав 12 години, мајка ми и баба ми жестоко се скараа поради мене. Мајка ми толку збесна што фрли по мене со вила. Скокнав настрана и успеав да си поминам без повреда! Тоа не беше единствената случка кога животот ми беше загрозен. Но, лузните на телото не беа толку длабоки како лузните што длабоко ми ја параа душата.
На 14 години веќе нон-стоп пиев, а на 17 избегав од дома. Кога пиев, се чувствував независен. Станав многу агресивен и правев проблеми во локалните кафулиња. Пиењето ми беше единственото задоволство во животот. За само еден ден обично пиев по пет литри вино, неколку пива, а пиев и жесток пијалак.
Кога се оженив, жена ми имаше многу проблеми со мене поради пиењето. Сѐ повеќе се насобираа гнев и огорченост. Ги тепав жена ми и децата, со што создадов иста напната атмосфера во каква што пораснав и јас. Речиси сите пари што ги заработував ги трошев на алкохол. Немавме мебел, па јас и жена ми спиевме на подот. Немав зошто да живеам и воопшто не се трудев некако да ја променам нашата состојба.
Еден ден зборував со еден Јеховин сведок. Го прашав зошто има толку многу страдања, а тој ми прочита од Библијата дека Бог ветува свет без проблеми. Тоа ме убеди да почнам да ја проучувам Библијата со Сведоците. Почнав да ги применувам библиските учења и помалку да пијам, и поради тоа семејниот живот многу ни се подобри. Но, сфатив дека, ако сакам да му служам на Јехова Бог на начин што тој го одобрува, ќе морам да го решам проблемот со пиењето. По тримесечна борба, сосема престанав да пијам. Шест месеци подоцна, му се заветував на Бог и потоа се крстив.
Бидејќи повеќе не му бев роб на алкохолот, можев да си ги исплатам долговите. Подоцна купив куќа и автомобил, со кој сега одиме на христијанските состаноци и во службата од куќа до куќа. Конечно, стекнав самопочит.
Понекогаш, кога сме на некоја седенка, се случува да ми понудат алкохолен пијалак. Мнозина не знаат каква тешка борба водам и дека е доволен само еден пијалак за пак да му се вратам на стариот живот. Сѐ уште чувствувам желба за алкохол. Потребни ми се горливи молитви и цврста решеност за да соберам сила да кажам ‚не‘. Кога сум жеден, пијам колку што можам повеќе нешто што не содржи алкохол. Веќе десет години не сум се напил ни капка алкохол.
Јехова може да го направи она што за човек е невозможно. Тој ми помогна да се радувам на слободата што не верував дека е можно да ја доживеам! Сѐ уште ме мачат емоционалните лузни од детството и морам постојано да се борам со негативните мисли. Од друга страна, пак, среќен сум што имам добар однос со Бог, што сум во собрание во кое имам вистински пријатели и што имам прекрасно семејство со кое ме обединуваат исти верувања. Жена ми и децата ми даваат целосна поддршка во борбата против алкохолот. Жена ми вели: „Порано животот ми беше неподнослив. Сега, многу сум му благодарна на Јехова што имам среќен семеен живот со маж ми и со двете деца“ (Приложено).
[Истакната мисла на страница 21]
На 14 години веќе нон-стоп пиев
[Истакната мисла на страница 22]
Јехова може да го направи она што за човек е невозможно
[Рамка/слики на страница 22]
БИБЛИЈАТА И АЛКОХОЛОТ
◼ Библијата не го осудува пиењето алкохол. Таа го опишува ‚виното што го весели срцето на смртниот човек‘ како дар од Бог за луѓето (Псалм 104:14, 15). Во Библијата за виновата лоза се зборува и како за знак за богатство и сигурност (Михеј 4:4). И самиот Исус Христос на една свадба ја претворил водата во вино што, всушност, било неговото прво чудо (Јован 2:7-9). А кога апостол Павле чул за ‚честите болести‘ на Тимотеј, му препорачал да пие „по малку вино“ (1. Тимотеј 5:23).
◼ Она што Библијата го осудува е прекумерното пиење:
„Пијаници... нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9-11).
„Не опивајте се со вино, во кое има разузданост“ (Ефешаните 5:18).
„Кому маки? Кому немир? Кому караници? Кому грижи? Кому рани без причина? Кому матни очи? На оние што остануваат долго покрај виното, на оние што одат и бараат опојно вино. Не гледај на виното кога се црвенее, кога светка во чашата, кога се лизга толку лесно. На крајот каснува како змија, пушта отров како отровница. Очите твои ќе гледаат чудни глетки и срцето твое ќе зборува за изопачени работи“ (Изреки 23:29-33).
Како што можеме да видиме од статијата, некои што имале проблем со пиењето мудро избрале воопшто да не пијат алкохол (Матеј 5:29).