Вредните перачи од Абиџан
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРЕГОТ НА СЛОНОВАТА КОСКА
ДОДЕКА излегувавме од Абиџан (Брегот на Слоновата коска), уживавме во глетките и звуците на овој раздвижен западно-африкански град. Одеднаш погледот ни фати една впечатлива сцена. На еден огромен тревник беа спрострени илјадници парчиња разнобојна облека. Што бара таму сета таа облека? На нашите пријатели од тоа место им беше драго да ни раскажат за причината — за фанико.
Фанико се група трудољубиви перачи на алишта. Од утро до мрак, стотици мажи и неколку издржливи жени заработуваат за леб така што на рака перат алишта во реката Банко. Нивното име е комбинација на два збора на јазикот дјула, или џула. Едниот збор е фани, и значи „ткаенина“ или „алишта“. Другиот збор е ко, а значи „пере“. Според тоа, зборот фанико на јазикот дјула значи „оној што пере алишта“.
Работата на перачот на алишта
Едно рано утро ги посетивме фанико перачите на нивното работно место за да дознаеме повеќе за нивниот интересен занает. Каква раздвиженост! Веќе одамна беа започнале со својата работа. По малку темната река Банко беше прекриена со огромни гуми во кои беа ставени камења. Крај секоја гума стоеше по еден перач на алишта. Водата му досегаше до бедрата или до појасот и беше зафатен со својата работа, која се состоеше од тоа да ги насапуни алиштата, да ги чука и да ги трие.
Уште в мугри, фанико перачот оди од врата до врата за да ги собере валканите алишта што ќе ги пере тој ден. Некои од неговите муштерии живеат и до три километри далеку од „пералницата“. Тој ги влече сите алишта на една рачна дрвена количка или ги носи во голем куп на главата. Потоа се упатува кон реката Банко. Таму го поздравува цел хор од најразлични јазици, затоа што перачите што работат овде доаѓаат од многу делови на Африка. Некои веќе со децении се во оваа област, како на пример г. Брама, човек со силни мускули на околу 60 години. Со исклучок на три дена во годината, работата тече без прекин.
Самото перење на алиштата бара многу работа. Гледавме додека еден човек го спушташе својот куп со алишта, чија големина би запрепастила една просечна домаќинка. Најпрво го одврза купот и почна да го наквасува секое парче облека од него. Потоа направи пена со еден голем сапун од палмово масло и секое парче облека го удираше од еден камен. Понекогаш користеше четка за триење за да отстрани некоја долго стоена дамка. Колку чини перењето алишта? Три денари за една кошула и отприлика 6 денари за еден креветски чаршаф. Сега ни е јасно зошто фанико перачите мора да исперат толку многу алишта за да заработат за леб.
Кога ти би го видел големиот куп алишта што ги перат, веројатно би се запрашал: ‚Како памтат која облека е од кого?‘ Ние си помисливме дека можеби користат некој систем на тајни шифри за бележење, каков што користат една група перачи во Индија. Сепак, дознавме дека системот што го користат фанико перачите е многу поинаков од оној на нивните колеги од Индија, но е исто толку ефикасен.
Нашиот добро информиран водич се обиде да ни објасни како го решиле овој проблем фанико перачите. Прво, кога перачот ги собира алиштата, забележува кој број на облека носи секој во семејството, за да може подоцна да се сети на кого му припаѓа облеката. Не пришива ниту става ознаки. Потоа секое парче облека од едно семејство го врзува во јазол на истото место, на пример, на левиот ракав, на десниот ракав, на јаката или на коланот. Кога ги пере, секогаш внимава алиштата од едно исто семејство да бидат во еден куп. Нам тоа сепак ни се чинеше некако премногу за памтење. Затоа прашавме еден фанико перач дали некогаш изгубил или помешал нечија облека. Изразот на изненаденост што му се читаше на лицето јасно ни покажа што мисли: ‚Не. Еден фанико перач никогаш не губи облека!‘
Дали секој што сака може да дојде кај реката Банко и да почне да пере алишта? Се разбира, не! Има строга процедура што мора да се следи. На оној што сака да стане фанико перач му се даваат три пробни месеци и за тоа време го обучува еден искусен перач. Во тој период треба да ја совлада и техниката на помнење. Ако падне на овој испит, ќе мора да бара работа на друго место. Но, ако новиот фанико перач си ја научи работата, плаќа мала сума пари и му се дава гума со камења, која не смее никој друг да ја користи и која е негово работно место.
Сапун од палмово масло
Сапунот е составен дел од работата на еден перач на алишта. Затоа почетникот се учи и како исправно да го користи сапунот од палмово масло. Се користат три видови на сапун, кои се разликуваат по нивната боја. Белиот и жолтиот сапун се користи за помалку валкани алишта, а црниот сапун се користи за алишта што се многу извалкани. Бојата е темна поради палмовото масло, кое е главната состојка. Бидејќи секој фанико перач користи најмалку десет сапуни на ден, жените што во близина прават сапун постојано се зафатени.
Ги посетивме скромните објекти за правење на сапун што се наоѓаа на ритчето близу до „пералницата“. Нивната важна работа започнува во шест наутро. Работничките веќе си ги купиле потребните работи од локалниот пазар — згрутчено палмово масло, калиум, сол, сок од едно тропско дрво, кокосово масло и путер од какао, состојки што се разложуваат по биолошки пат. Состојките ги варат заедно во огромен челичен котел што е поставен над оган од дрва. Откако мешавината сапун се вари отприлика шест часа, се сипува во плитки и длабоки лимени садови и се остава да се стврдне. По неколку часа сапунот се сече на големи калапи.
Потоа, носејќи на главата леѓен полн со сапуни, една од жените се спушта по ритчето до фанико перачите. Како да им го подаде сапунот на перачите кога тие се сред реката и вредно работат? Жената едноставно влегува до појас во водата и го пушта леѓенот да плови во водата, а секому кому му треба сапун може да си земе од него.
Работниот ден завршува
Кога фанико перачот ќе заврши со перењето, оди до ритчето што е во близината и ги реди на тревата штотуку испраните алишта, или ги простира на сѐ што може да послужи како жица. Така се создава шарената глетка што ни ја фати погледот. Трудољубивиот перач на алишта сега може малку да се одмори од обврските за тој ден. Доцна попладнето, кога алиштата се исушени, внимателно ги здиплува, а понешто и запеглува со пегла на жар. Кон крајот на денот, тој ги реди во купче сите чисти, испеглани алишта и им ги носи на сопствениците.
Кога прв пат ги здогледавме редовите облека распослана да се суши, не сфативме колку многу работа лежела зад сето тоа. Многу ни е мило што ги посетивме фанико перачите од Абиџан, бидејќи сега повеќе знаеме и повеќе ја цениме работата на мажите и жените што перат алишта по целиот свет.
[Карта на страница 10]
(Види во публикацијата)
БРЕГОТ НА СЛОНОВАТА КОСКА
[Слика на страница 12]
Жена продава сапун
[Извор на слика на страница 10]
PhotriMicroStock™/C. Cecil