Чудото наречено инстинкт
„Се чини дека миграциите се природниот феномен што нѐ исполнува со најголема страхопочит“ (КОЛИНСОВ АТЛАС НА МИГРАЦИИТЕ КАЈ ПТИЦИТЕ [COLLINS ATLAS OF BIRD MIGRATION]).
НА 9 ДЕКЕМВРИ 1967 год., еден пилот забележал јато од 30-тина лебеди што летале накај Ирска на неверојатна висина од 8.200 метри. Зошто летале на толкава висина каде што температурата на воздухот е околу -40 степени целзиусови? Една причина е што на тој начин ги избегнувале постојаните снежни бури на помалите висини, но во исто време биле носени од една воздушна струја која им овозможува да летаат со брзина од околу 200 километри на час. Според проценките, овие птици прелетале 1.300 километри од Исланд до Ирска за само седум часа.
Птицата што поминува најдолг пат — арктичката вртимушка — се пари северно од Северниот поларен круг, но зимата ја поминува на Јужниот Пол. За една година, оваа мала морска птица поминува од 40 до 50 илјади километри — што е исто како да прави цел круг околу Земјата!
Белиот штрк се пари во северна Европа, а зимата ја поминува во Јужноафриканската Република, што значи дека прелетува 24.000 километри во двата правца. Наесен и напролет, илјадници штркови прелетуваат над Израел. За нив уште во библиски времиња се знаело кога точно ќе поминат (Еремија 8:7).
Кој им го вградил инстинктот на птиците? Пред околу 3.500 години, Бог му го поставил на праведниот Јов следново прашање: „Зар поради твојата мудрост се вивнува соколот во височина и ги шири крилјата кон јужниот ветар? Зар на твоја наредба се крева орелот нагоре и го вие своето гнездо на високо?“ Кога одговорил, Јов го величал Бог за неверојатните способности што птиците и другите животни ги имаат (Јов 39:26, 27; 42:2).
Нешто подобро од инстинкт
Врвот на Божјето творештво, човекот, не се води по инстинкт. Ние имаме слобода сами да одлучуваме за нашите постапки, обдарени сме со совест и со способност да сакаме (1. Мојсеева 1:27; 1. Јованово 4:8). Благодарение на сите овие дарови, можеме да донесуваме исправни одлуки зад кои понекогаш може да се види несекојдневна љубов и самопожртвуваност.
Се разбира, ставот и однесувањето на секој човек во голема мера зависат од моралните начела и од религиозните верувања што ги научил или не ги научил уште како дете. Како резултат на тоа, луѓето може да имаат различна претстава за тоа што е исправно или погрешно, што е прифатливо или неприфатливо. Овие разлики, пак, од своја страна, можат да доведат до несогласувања, нетрпеливост, па дури и до омраза, особено кога културата, национализмот и религијата имаат силно влијание.
Колку би бил поубав светот кога сите луѓе би се придржувале за исти мерила кои се исправни и кои се во склад со библиската вистина, исто како што се придржуваме за физичките закони кои владеат во вселената. Но, постои ли некој што може и знае да постави мерила што ќе важат за сите? Ако постои, ќе го направи ли тоа, или веќе го направил? Овие прашања ќе бидат разработени во следните статии.