Водство далеку подобро од инстинктот
„Ако моралот на секој човек е само прашање на личен избор, без никакви начела според кои ќе се процени дали тој избор е морално исправен, тогаш ќе мора да се донесат закони што ќе го надоместат недостигот од морал и ќе се обидат насила да нѐ натераат да постапуваме исправно“ (Д-Р ДАНИЕЛ КАЛАХАН).
ЗА ЖАЛ, стравувањата на д-р Калахан сега се стварност, затоа што во многу делови од светот сѐ пониските морални мерила ги принудуваат владите да донесуваат безброј закони со кои ќе се обидат да го стават криминалот под контрола. На првиот Самит на мајките во Нигерија, претседателот на Нигерија изрази длабока загриженост за иднината на својата земја. Но, она што го загрижуваше не беше ниту политиката ниту сиромаштијата, туку еден „многу посериозен проблем“ — „општиот пад на... основните вредности во рамките на семејството, на работното место, во населбите и во целата земја“.
Во Британија беше спроведена една анкета во која беа вклучени 1.736 мајки. Резултатите од оваа анкета покажаа дека „традиционалното семејство доживува потполн крах поради сѐ пониските морални вредности и сѐ поголемиот број на самохрани родители“. И во Кина моралот стрмоглаво опаѓа. Во списанието Time се вели дека луѓето во Кина почнуваат со полови односи на многу помлади години и менуваат многу повеќе партнери од кога и да било порано. „Ова е мој живот и ќе правам што сакам“, вели една млада Кинеска која се фали дека имала полови односи со над 100 луѓе.
Падот на моралот ги погодува и оние што се на положба. „Во поглед на моралот, луѓето веќе не се угледуваат на своите водачи“, изјавува Џавед Акбар за канадскиот весник Toronto Star. Тој вели дека политичарите, директорите, па дури и верските водачи „изгледа немаат вистинска морална цврстина“.
На што се должи падот?
Има повеќе фактори што го предизвикуваат падот на моралот. Еден фактор е раширениот дух на побуна против традиционалните вредности. На пример, од една анкета што беше спроведена на југот од Соединетите Држави, се виде дека повеќето студенти што беа испитани сметаат дека „секој треба сам да си одлучува што е исправно, а што не“.
Збигњев Бжежински, автор кој пишува на теми од политиката, спомнува уште еден фактор. Тој пишува дека во денешното општество изгледа дека „најважно е човек веднаш да си ги задоволи сопствените желби во услови во кои индивидуалниот и колективниот хедонизам се главниот мотив за нечие однесување“.a Моралната слобода, желбата да се има повеќе и самоугодувањето можеби донекаде се привлечни, но дали водат до вистинска среќа, задоволство и подобри односи со другите?
„Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“, рекол Исус (Матеј 11:19). Дали, поради овој морален распад, луѓето се посреќни и посигурни? Размисли за некои од последиците: сѐ поголема недоверба, несигурност, лоши меѓучовечки односи, деца што растат без мајка или без татко, пандемија на сексуално преносливи болести, несакана бременост, наркоманија и насилство. Очигледно е дека сите овие работи не донесуваат чувство на задоволство и успех, туку, напротив, чувство на тага и неуспех (Галатите 6:7, 8).
И Божјиот пророк Еремија видел слични проблеми во негово време. Воден од Божјиот дух, тој рекол: „Добро знам, Јехова, дека патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23). Ова потврдува дека Бог не нѐ создал да бидеме независни од него, сами да одлучуваме што е исправно, а што не. Она што нам ни се чини добро, всушност, може да биде многу штетно. „Некој пат му се чини на човекот исправен, но на крајот води во смрт“, се вели во Библијата во Изреки 14:12.
Непријателот во нас!
Од кои причини ни е потребно водство во поглед на моралот? Една е тоа што срцето може да нѐ измами. „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ. Кој може да проникне во него?“, стои во Библијата во Еремија 17:9. Ако познаваш некој измамник што е готов на сѐ, ќе му веруваш ли? Се разбира дека не! Сепак, сите ние имаме срце што може да биде токму такво. Затоа Бог со љубов ни го дава ова директно предупредување: „Кој има доверба во своето срце, безумен е, а кој постапува мудро, ќе се избави“ (Изреки 28:26).
Клучот лежи во ова: Ние сме несовршени луѓе, и наместо да се потпираме на своите способности, треба да постапуваме мудро, онака како што нѐ учи Бог, и така ќе избегнеме многу проблеми. Освен тоа, оние што сакаат да бидат мудри, можат многу лесно да дојдат до мудроста. „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог, зашто тој им дава на сите великодушно и без прекорување, и ќе му ја даде“ (Јаков 1:5).
Имај доверба во Бог „со сето свое срце“
Во Библијата, нашиот Творец е опишан со следниве зборови: „Тој е Карпа, делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда, праведен е и вистинољубив“ (5. Мојсеева 32:4). Јехова навистина е како една огромна карпа и, ако сакаме да го најдеме најдоброто морално и духовно водство, можеме потполно да се потпреме на него, без разлика што се случува околу нас. Во Изреки 3:5, 6 се вели: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“.
И навистина, кој може да нѐ води подобро од нашиот Творец, оној што ни го има изброено „секое влакно на главата“? (Матеј 10:30). Освен тоа, тој веќе има докажано дека е вистински пријател, пријател кој толку нѐ сака што секогаш е искрен со нас — па дури и кога ни е тешко да ја голтнеме вистината (Псалм 141:5; Изреки 27:6).
Забележи дека Јехова не нѐ присилува да го следиме неговото водство. Напротив, тој нѐ моли да го следиме затоа што нѐ сака. „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш. О, да внимаваше на моите заповеди! Твојот мир ќе беше како река и твојата праведност како морски бранови“ (Исаија 48:17, 18). Зарем можеш да не сакаш еден таков Бог? Освен тоа, тој ни овозможил многу лесно да дојдеме до неговата мудрост со тоа што ни ја дал својата вдахновена Реч, Светото писмо, најраширената книга во светот! (2. Тимотеј 3:16).
Божјата реч нека ни го осветлува патот
Во врска со Светото писмо, псалмистот напишал: „Твојата реч е светилка на мојата нога и светлина за мојата патека“ (Псалм 119:105). Кога си го осветлуваме патот со батерија, гледаме толку колку да не се сопнеме, а кога има силна светлина, тогаш ја гледаме целата патека. Едноставно кажано, Божјата реч може сигурно да нѐ води низ животот така што ќе ни помага да донесуваме мудри, морално исправни одлуки во врска со сѐ — одлуки што влијаат врз нашата сегашност и одлуки што може да влијаат врз нашата иднина.
Да ја земеме за пример Проповедта на гората. Во тој краток говор запишан во Евангелието по Матеј, поглавја од 5 до 7, Исус Христос зборувал за среќата, за љубовта, омразата, милоста, моралот, молитвата, желбата за богатство и за многу други теми кои се исто толку важни денес колку што биле и тогаш. Неговите зборови биле толку мудри што ‚мноштвата биле восхитени од неговото поучување‘ (Матеј 7:28). Би било добро да одвоиш неколку минути за да ја прочиташ оваа проповед. Веројатно и ти ќе бидеш воодушевен.
„Молете“ го Бог за помош
Мораме да признаеме дека не е секогаш лесно да го правиме она што е исправно во Божји очи. Впрочем, во Библијата, борбата што се води во нас против гревот е споредена со војна (Римјаните 7:21-24). Но, со помош од Бог, можеме да ја добиеме таа војна. „Молете“, рекол Исус, „и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете!.. Зашто, секој што моли, добива. Секој што бара, наоѓа“ (Лука 11:9, 10). Да, Јехова нема да им сврти грб на оние што од срце се трудат да одат по тесниот пат што води во вечен живот (Матеј 7:13, 14).
Размисли за примерот на Френк, кој бил страстен пушач кога почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Кога ги прочитал зборовите од 2. Коринќаните 7:1, веднаш сфатил дека, во очите на Бог, неговата навика е „валканост на телото“. Затоа решил да ги остави цигарите. Но, тоа не било баш лесно. Еднаш го фатила толкава криза за цигара што почнал да лази по земја и да бара стари догорчиња за да повлече барем некој дим!
Кога сфатил колку бедно изгледал во тој момент, на Френк му станало јасно дека им бил вистински роб на цигарите (Римјаните 6:16). Затоа, од срце се молел за помош, почнал редовно да оди на состаноците во христијанското собрание на Јеховините сведоци и успеал да ја победи својата лоша навика! (Евреите 10:24, 25).
Задоволи ги своите духовни потреби
Примерот на Френк е само еден од многуте кои покажуваат дека Библијата дава ненадминливо морално и духовно водство. Но, таа ни дава и поттик да го следиме тоа водство. Затоа, не е ни чудо што Исус рекол: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4).
Ако се држиме за скапоцените вистини што ни ги кажува Бог, тоа е за наше добро во секој поглед — и ментално, и емоционално, и духовно, и физички. Во Псалм 19:7, 8 стои: „Јеховиниот закон е совршен, ја крепи душата... Јеховините наредби се исправни, го веселат срцето, Јеховината заповед е чиста, им дава сјај на очите [со надеж и јасна претстава за Божјата намера]“.
Преку својата Реч, Јехова му помага на нашиот морален компас да работи исправно за да имаме добар живот уште сега. Но, тоа не е сѐ — тој ни кажува многу и за иднината (Исаија 42:9). Како што ќе видиме во следната статија, сите што го прифаќаат водството од Бог ги чека светла иднина.
[Фуснота]
a Хедонизам е верување според кое задоволството е највисоката цел на човекот.
[Рамка/слика на страници 4 и 5]
Твојот личен морален „компас“
Човекот има еден многу скапоцен дар — совеста. Токму поради совеста, луѓето од сите народи и племиња во секоја епоха имале многу заеднички правила на однесување (Римјаните 2:14, 15). Меѓутоа, совеста не е непогрешлив водич — врз неа можат да влијаат неисправни верски убедувања, човечки филозофии, предрасуди и неисправни желби (Еремија 17:9; Колошаните 2:8). Затоа, како што еден пилот можеби ќе мора да си ги поправи навигационите инструменти за да работат исправно, така и ние треба да си го проверуваме, а кога е потребно и да си го поправиме својот морален и духовен „компас“ за да се ориентира според праведните мерила на нашиот „Законодавец“, Јехова Бог (Исаија 33:22). За разлика од човечките мерила на однесување, кои можат да се менуваат од едно поколение до друго, Божјите совршени мерила се вечни. Бог вели: „Јас сум Јехова, јас не се менувам“ (Малахија 3:6).
[Рамка на страница 7]
Водство до успех и среќа
КАКО ДА БИДЕМЕ СРЕЌНИ
„Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (МАТЕЈ 5:3).
„Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (ДЕЛА 20:35).
„Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (ЛУКА 11:28).
КАКО ДА ИЗГРАДИМЕ ДОВЕРБА
„Зборувајте ја вистината секој на својот ближен“ (ЕФЕШАНИТЕ 4:25).
„Кој крадел, повеќе да не краде“ (ЕФЕШАНИТЕ 4:28).
„Бракот нека биде чесен меѓу сите и брачната постела нека биде чиста“ (ЕВРЕИТЕ 13:4).
КАКО ДО ПОДОБРИ ОДНОСИ СО ДРУГИТЕ
„Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (МАТЕЈ 7:12).
„[Мажот] да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж“ (ЕФЕШАНИТЕ 5:33).
„Спремно простувајте си еден на друг“ (КОЛОШАНИТЕ 3:13).
КАКО СЕ РЕШАВААТ НЕСОГЛАСУВАЊА
„Никому не враќајте зло за зло“ (РИМЈАНИТЕ 12:17).
„Љубовта е долготрпелива и љубезна... не го памти злото“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 13:4, 5).
„Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина“ (ЕФЕШАНИТЕ 4:26).