Бог нека те води до „вистинскиот живот“
ЗА НЕКОЈ да биде добар водач, мора да им дава на другите чувство дека можат да се потпрат на него. Оние што го познаваат Јехова, авторот на Библијата, се уверени дека можат да имаат безусловна доверба во него. Тој „не може да лаже“ (Тит 1:2; 2. Тимотеј 3:16). Богобојазливиот Исус Навин, кој ги вовел Израелците во Ветената земја, од лично искуство знаел дека може да се потпре на Јехова. Кога во една прилика му се обратил на народот, тој рекол: „Добро знаете со сето ваше срце и со сета ваша душа дека не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог. Сѐ ви се исполни. Ниту едно ветување не остана неисполнето“ (Исус Навин 23:14).
Од времето на Исус Навин наваму, се исполниле многу библиски пророштва. Тоа ни дава цврста причина да веруваме во пророштвата што допрва треба да се исполнат. Голем број од нив се однесуваат на Божјата волја за Земјата и за послушното човештво.
Ќе извлечеш ли полза од Божјето водство?
Јехова, кој е олицетворение на љубовта, сака да бидеме среќни сега и во цела вечност (Јован 17:3; 1. Јованово 4:8). Бог сака да му се радуваме на „вистинскиот живот“ — вечниот живот (1. Тимотеј 6:12, 19). Од таа причина, над шест милиони Сведоци на Јехова послушно и со задоволство ја исполнуваат заповедта на Бог да им ја пренесуваат на луѓето ‚добрата вест за царството‘ (Матеј 24:14). Моментално, тоа го прават во 235 земји — речиси во секоја земја во светот!
Божјето Царство е небесна влада на чие чело е Исус Христос (Даниел 7:13, 14; Откровение 11:15). Под негово водство ќе бидат уништени сите зли луѓе, односно оние што не сакаат да се придржуваат за Јеховините праведни мерила (Псалм 37:10; 92:7). Потоа, целата Земја „ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“ (Исаија 11:9).
Помисли само на мирот и единството што ќе владеат кога сите на Земјата ќе му служат на Бог „со дух и вистина“ и од срце ќе го следат неговото водство и ќе се придржуваат за неговите совршени мерила (Јован 4:24). Тогаш, конечно, луѓето ќе го живеат „вистинскиот живот“ што го ветил Бог!
Но, како што е проречено, само прилично мал број луѓе ќе го прифатат водството од Бог и ќе добијат живот (Матеј 7:13, 14). Сакаш ли и ти да бидеш еден од нив? Ако сакаш, Јеховините сведоци срдечно те поттикнуваат да ја проучиш Библијата и да дозволиш Бог да те води. Така и самиот ќе ‚вкусиш‘ колку е добар Јехова (Псалм 34:8). И како што инстинктот сигурно ги води птиците до нивната цел така и Јехова сигурно ги води своите верни слуги до живот во рајот (Лука 23:43).
[Слика на страници 8 и 9]
„Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (МАТЕЈ 5:5).
„Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (ПСАЛМ 37:11).
„Божјиот шатор [е] меѓу луѓето!.. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе“(ОТКРОВЕНИЕ 21:3, 4).
„Праведниците ќе живеат на земјата и непорочните ќе останат на неа. А злите ќе бидат истребени од земјата и оние што постапуваат неверно ќе бидат искоренети од неа“ (ИЗРЕКИ 2:21, 22).