Гледиште на Библијата
Дали е доволно да си добар човек?
„СИ ГО ЖИВЕАМ животот најдобро што можам, и се трудам да бидам добар човек“, вели една млада жена по име Алисон. И многу други луѓе сметаат дека сѐ што Бог бара од нас е да бидеме добри луѓе.
Други, пак, се уверени дека, дури и да направат некој сериозен грев, Бог не обрнува многу внимание на тоа доколку, општо земено, се трудат да живеат чесно. Тие веруваат дека Бог повеќе сака да простува отколку да осудува.
Се разбира, секој би дал различен одговор на прашањето: ‚Кој е добар човек?‘ Но, што вели Библијата во врска со тоа? Што мораме да правиме за Бог да биде задоволен со нас? Што значи да се биде добар човек во Божји очи?
Да го прифатиме водството на нашиот Творец
Како наш Творец, Јехова Бог има право да ни каже што е исправно, а што не (Откровение 4:11). Во Библијата Бог ни дал закони и начела според кои треба да постапуваме и да му служиме. На својот народ Бог му рекол: „Слушајте го мојот глас и правете сѐ што ви заповедам, па ќе бидете мој народ, а јас ќе бидам ваш Бог“ (Еремија 11:4).
Значи, за некој да биде добар човек во Божји очи, мора да дознае кои се Божјите мерила и да живее според нив. Да претпоставиме дека сакаш да станеш пријател со некого. Нормално, прво ќе сакаш да дознаеш како би сакал тој човек да се постапува со него, а потоа ќе го почитуваш тоа. Библијата ни кажува дека и ние, како Авраам, можеме да бидеме пријатели со Јехова — односно, да му бидеме мили (Јаков 2:23). Освен тоа, бидејќи мерилата на Бог се многу повисоки од нашите, не можеме да очекуваме тој да се смени за да се приспособи на нашите мерила (Исаија 55:8, 9).
Колку е важна послушноста
Дали Бог навистина нема да биде задоволен со нас ако не ги почитуваме „помалите“ заповеди? Има луѓе што сметаат дека на некои „помали“ заповеди не мора да бидеш послушен. Но, ниеден закон што го дал Бог не може да се смета за неважен. Забележи дека во Библијата, во 1. Јованово 5:3 не се прави никаква разлика меѓу заповедите: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди“. Кога правиме сѐ што можеме за да ги почитуваме сите Божји закони, докажуваме дека несебично го сакаме (Матеј 22:37).
Јехова не очекува совршенство од нас. Ако вистински се каеме за грешките и даваме сѐ од себе за да не ги повториме, тој со задоволство ни простува (Псалм 103:12-14; Дела 3:19). Но, може ли намерно да не почитуваме некои закони, со мислата дека Бог ќе ни прогледа низ прсти ако бидеме послушни во други работи? Од еден библиски пример можеме да видиме дека тоа така не оди.
Израелскиот цар Саул самиот си избирал на кои Божји заповеди ќе биде послушен. Кога војувал против Амаличаните, добил заповед од Бог да ја погуби целата нивна стока. Иако се држел за другите наредби, Саул непослушно ја поштедил „најдобрата крупна и ситна стока“. Зошто? Па, тој и народот сакале да си ја земат за себе (1. Самоилова 15:2-9).
Кога пророкот Самоил го прашал Саул зошто не ја послушал Божјата заповед, Саул почнал да се буни и да тврди дека ја послушал. Кажал кои добри работи ги направиле тој и народот, спомнувајќи ги и жртвите што му ги принеле на Бог. А Самоил го прашал: „Зар му се жртвите паленици и другите жртви исто толку мили на Јехова колку што му е мила послушноста на Јеховиниот глас? Знај, послушноста е подобра од жртвите и покорноста е подобра од овнешкиот лој“ (1. Самоилова 15:17-22). Според тоа, ако во некои работи не сме му послушни на Бог, не можеме да го надоместиме тоа така што ќе принесуваме жртви или ќе правиме некои други добри дела.
Божјите мерила — доказ дека Бог нѐ сака
Јехова не очекува да нагаѓаме што треба да правиме за да му угодиме. Во Библијата, тој ни дава јасни совети во врска со моралот и ни вели: „Тоа е патот, одете по него!“ (Исаија 30:21). Кога сме послушни на тие совети, нема да се нервираме и да се чувствуваме несигурни поради противречните мислења што луѓето ги имаат во поглед на моралот. И можеме да бидеме сигурни дека патот по кој нѐ води Бог секогаш е најдобриот пат и е ‚за наше добро‘ (Исаија 48:17, 18).
Зошто е опасно ако сами одредиме што значи да се биде добар човек? Затоа што сите ние имаме наследено склоност да бидеме себични. Нашето срце може да нѐ измами (Еремија 17:9). Лесно може да се случи да ги сметаме за неважни барањата на Бог за кои сметаме дека се тешки или дека нѐ ограничуваат.
На пример, можеби двајца што не се во брак ќе решат да имаат полови односи, мислејќи дека тоа си е нивна лична работа затоа што никој друг не е засегнат. Можеби се свесни дека ги прекршуваат библиските мерила, но може да си мислат дека штом „никој не е повреден“, Бог сигурно нема да има ништо против. Поради страста во нив, нема да увидат што во потполност значи нивната постапка и кои се последиците од неа. Библијата предупредува: „Некој пат му се чини на човекот исправен, но на крајот води во смрт“ (Изреки 14:12).
Од сите закони на Јехова се гледа дека тој ги сака луѓето и дека не сака да страдаме. Луѓето и во други работи не се држат за Божјите мерила за морал, но тоа не ги направило посреќни и поуспешни. Напротив, на мнозина тоа само им го искомплицирало животот. Од друга страна, пак, кога ги почитуваме Божјите закони, уште повеќе сме решени да живееме чесно и да не се повредуваме непотребно ниту себеси ниту другите (Псалм 19:7-11).
Ако навистина сакаш да бидеш добар човек во Божји очи, тогаш прави сѐ што е во твоја моќ за да го следиш неговото водство. Така и самиот ќе се увериш дека „[Јеховините] заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3).
ДАЛИ СИ СЕ ПРАШАЛ?
◼ Зошто треба да му дозволиме на нашиот Творец да нѐ води? (Откровение 4:11).
◼ Мора ли да бидеме послушни на сите заповеди од Бог? (1. Јованово 5:3).
◼ Зошто не е мудро сами да си поставуваме морални мерила? (Изреки 14:12; Еремија 17:9).
[Слика на страница 21]
Дали на моралот гледаш исто како Бог?