Младите прашуваат...
Што ќе ми помогне да не гледам порнографија?
„Еден соученик имаше залепено гола женска на вратата од своето шкафче. Моето шкафче беше близу до неговото“ (Роберт).a
„На Интернет барав информации за една писмена задача. Одеднаш, налетав на порнографска веб-страница“ (Анет).
КОГА мајка ти и татко ти биле на твоја возраст, оние што сакале да гледаат порнографија морале да се помачат за да ја најдат. Но, денеска изгледа како порнографијата да нѐ бара нас. Исто како Роберт, кој беше цитиран на почетокот, погледот може да ти падне на порнографска слика што му припаѓа на некој твој соученик. Или, се случува несакајќи да отвориш ваква веб-страница на Интернет, како што било случај со Анет. Една 19-годишна девојка вели: „Понекогаш само пребарувам или купувам нешто, или сакам само да си ја проверам банковната сметка преку Интернет, и одеднаш цак — се отвора порнографска страница!“b
Колку често може да се случи такво нешто? Деведесет отсто од младите на возраст меѓу 8 и 16 години што биле опфатени во едно истражување рекле дека случајно наишле на порнографија на Интернет — во повеќето случаи, при подготовка на домашната задача! Факт е дека никогаш порано порнографијата не била толку достапна — има милиони веб-страници на кои може да се најде ваков материјал. До порнографија може да се дојде дури и преку мобилен телефон. „Во моето училиште тоа е многу популарно“, вели 16-годишната Дениз. „Секој понеделник разговорот се врти околу тоа дали некој ‚симнал нова фотка преку викенд‘“.
Со оглед на тоа што толку многу луѓе ја гледаат, можеби се прашуваш дали порнографијата е навистина толку штетна. Одговорот е потврден, и тоа од неколку причини. Да наведеме само три:
◼ Порнографијата ги спушта многу ниско и оние што ја снимаат и оние што ја гледаат (1. Солуњаните 4:3-5).
◼ Ако се интересираме за порнографија, го следиме примерот на злобните духовни суштества од времето на Ное, кои биле опседнати со секс (1. Мојсеева 6:2; Јуда 6, 7).
◼ Гледањето порнографија многу често е прв чекор што води до неморал (Јаков 1:14, 15).
Оние што се фатиле во оваа замка доживуваат многу лоши последици. Да разгледаме само два примера:
„Почнав да гледам порнографија уште од мала и едвај престанав со оваа навика. Оттогаш поминаа неколку години, но овие слики ми останаа неизбришливо врежани во умот. Никако не можеш да ги заборавиш целосно и никогаш не можеш да имаш потполно чиста совест. Порнографијата ти ја руши самопочитта и прави да се чувствуваш нечист и безвреден. Секогаш мораш да го носиш ваквиот подмолен товар“ (Ерика).
„Десет години бев зависник од порнографија. Иако со оваа навика прекинав пред 14 години, сѐ уште морам секој ден да се борам повторно да не ја стекнам. Сѐ уште ми се јавува желба да гледам порнографија, само што сега не е толку силна. Сѐ уште сум љубопитен. Сѐ уште се сеќавам на она што сум го гледал. Посакувам никогаш да не ја стекнев оваа одвратна навика. На почетокот ми се чинеше дека тоа не е ништо страшно, но сега знам дека не е така. Порнографијата е штетна, изопачена и им го одзема достоинството на оние што ја снимаат и на оние што ја гледаат. Сеедно што тврдат оние што ја шират, порнографијата не е ни најмалку корисна“ (Џеф).
Преиспитај се
Што ќе ти помогне ни случајно да не налеташ на порнографски материјал? Најпрвин, добро процени ја ситуацијата.
Колку често ти се случува случајно да налеташ на порнографија?
□ Никогаш □ Понекогаш
□ Секоја седмица □ Секој ден
Каде најчесто ти се случува такво нешто?
□ На Интернет □ На училиште
□ На телевизија □ На други места
Дали секогаш ти се случува на ист начин?
Разгледај неколку примери:
Има ли шанси некој соученик да ти испрати порнографски материјал преку Интернет или преку мобилен? Ако да, можеби ќе сакаш да ги избришеш нивните пораки без да ги читаш.
Кога користиш Интернет, дали ти се отвораат вакви страници поради одредени зборови што ги користиш при пребарувањето? Тогаш, користи зборови што поконкретно се поврзани со она што го бараш.
Наброј неколку ситуации во кои си наишол на порнографија.
․․․․․
Имајќи ги на ум овие опасности, како би можел да ги намалиш шансите несакајќи да наидеш на порнографија? (Запиши ги идеите.)
․․․․․
Како реагираш кога ќе наидеш на порнографија?
□ Веднаш го тргнувам погледот.
□ Љубопитноста ме тера накратко да ѕирнам.
□ Продолжувам да гледам, па дури и барам повеќе.
Ако си го штиклирал вториот или третиот одговор, каква цел би можел да си поставиш?
․․․․․
Како да престанеш со оваа навика
Некои од оние што ненамерно наишле на ваков материјал не можеле да ѝ одолеат на љубопитноста и со текот на времето почнале редовно да гледаат порнографија. Не е лесно да се прекине со оваа навика. Џеф, кој беше цитиран претходно, вели: „Пред да ја проучувам Библијата, ги пробав речиси сите познати дроги. Но, најтешка зависност ми беше гледањето порнографија“.
Ако си стекнал навика да гледаш порнографија, не разочарувај се. Можеш да прекинеш. Како?
◼ Стекни исправно гледиште за порнографијата. Таа не ништо друго освен обид на Сатана да изопачи нешто што Јехова го создал за света цел. Ако стекнеш вакво гледиште, тоа ќе ти помогне да ‚го мразиш злото‘ (Псалм 97:10).
◼ Размисли за последиците. Порнографијата растурила многу бракови. Таа ги понижува жените и мажите. Оној што ја гледа паѓа многу ниско. Со добра причина, Библијата вели: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 22:3). На празните линии подолу, напиши една лоша последица од редовното гледање порнографија.
․․․․․
◼ Дај ветување. „Дадов свечено ветување никогаш да не погледнам со страст на девојка“, рекол верниот човек Јов (Јов 31:1, Today’s English Version). Еве неколку ‚свечени ветувања‘ што би можел да си ги дадеш:
□ Нема да користам Интернет кога сум сам.
□ Веднаш ќе ја затворам секоја веб-страница со неморална содржина.
□ Ако попуштам на желбата да гледам порнографија, ќе разговарам со некој зрел пријател.
Кои други одлуки ќе ти помогнат да не подлегнеш на искушението да гледаш порнографија? Искористи ги празните линии подолу за да ги запишеш.
․․․․․
◼ Моли се за тоа. Псалмистот го молел Јехова: „Одврати ми ги очите од безвредни работи“ (Псалм 119:37). Се разбира, не е баш лесно да им одолееме на телесните желби. Но, Јехова Бог сака да успееш и може да ти даде „сила, која ја надминува нормалната“ за да постапуваш исправно! (2. Коринќаните 4:7).
◼ Разговарај со некого. Незгодно ти е? Веројатно да! Но, помисли колку ќе ти олесни ако го поделиш товарот со некого. Оној на кого ќе му се довериш може да ти ‚стане брат во неволја‘ (Изреки 17:17). Тоа што ќе избереш доверлив пријател честопати е важен чекор што ќе ти помогне да престанеш со оваа навика!
Ако гледањето порнографија ти станало навика, на празниот простор подолу запиши го името на некое зрело лице со кое би се чувствувал слободен да разговараш за овој проблем.
․․․․․
Биди сигурен дека можеш да му одолееш на искушението да гледаш порнографија. Всушност, секогаш кога ќе одбиеш да гледаш порнографија, ти си извојувал голема победа. Кажи му на Јехова за таа победа и заблагодари му се за силата што ти ја дал. Никогаш немој да заборавиш дека тоа што одбиваш да гледаш порнографија го радува! (Изреки 27:11).
[Фусноти]
a Имињата во оваа статија се сменети.
b Порнографија е материјал што отворено опишува или прикажува сексуални активности со цел да се возбуди оној што ги гледа, чита или слуша. Може да биде во форма на слики, текст или аудиоматеријал, кој е снимен или се слуша во живо.
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ На кој начин порнографијата изопачува нешто што Јехова го создал за света цел?
◼ Кои практични чекори би можел да ги преземеш за да се заштитиш од порнографијата?
◼ Како би му помогнал/а на твојот брат или сестра ако има проблем со порнографија?
[Слика на страници 12 и 13]
Има ли шанси некој соученик да ти испрати порнографски материјал преку мобилен?