Криминалот вон контрола!
◼ Умоболен ученик, вооружен до заби, убива неколку соученици и наставници од неговото училиште.
◼ Мало девојче е грабнато. Родителите се скршени од болка.
◼ Тинејџер признава дека извршил убиство чисто од разонода и дека телото им го покажал на другарите кои ја чувале оваа тајна неколку седмици.
◼ Преку интернет, еден сексуален напасник разменува предлози со други педофили како успешно да се заведуваат деца.
ОВА е само делче од шокантните злосторства за кои известуваат медиумите денес. Се чувствуваш ли безбедно во населбата во која живееш — особено ноќе? Дали ти или некој од твоите сте биле жртви на криминал? Милиони луѓе од целиот свет — дури и од земјите што некогаш се сметаа за релативно безбедни — признаваат дека живеат во страв од криминал и насилство. Прочитај ги следниве извештаи од различни земји.
ЈАПОНИЈА: „На времето, Јапонија беше една од најбезбедните земји во светот... Но, изгледа дека сега, наместо да се чувствуваат сигурни како некогаш, [Јапонците] се многу загрижени поради криминалот и глобалниот тероризам“, пишува Asia Times.
ЈУЖНА АМЕРИКА: Според еден новински извештај од 2006 год., угледни луѓе од Бразил предвидуваат урбана герилска војна во Сао Пауло. Поради неколкунеделните насилни испади во градот, претседателот на државата испрати војска што ќе ги чува улиците. „Свесни дека најмалку 50.000 малолетници се членови на некоја банда, локалните власти [во Средна Америка и Мексико] се постојано на штрек“, стоеше во весникот Tiempos del Mundo. „Само во 2005 год.“, додава весникот, „малолетничките банди во Ел Салвадор, Хондурас и Гватемала убија 15.000 лица.“
КАНАДА: „Криминолозите се загрижени поради сѐ поголемиот број банди“, извести весникот USA Today во 2006 год. „Полицијата... утврди дека во Торонто има 73 улични банди.“ Според истиот извор, шефот на полицијата во Торонто признал дека нема да биде лесно да се реши проблемот со градските банди кој станува сѐ пораширен.
ЈУЖНОАФРИКАНСКА РЕПУБЛИКА: Криминологот Патрик Бертон ја дал следнава изјава за Financial Mail: „Секој аспект од животот на младите Јужноафриканци е воден од стравот дека ќе бидат жртви на некакво злосторство“. Тука спаѓаат „насилните злодела, како: вооружен грабеж, присилно одземање на возило и ограбување на банки“, стои во весникот.
ФРАНЦИЈА: Многу луѓе што живеат во станбени згради претрпуваат страв секој ден „додека се качуваат по скалите упропастени од вандали, кога ќе појдат на паркиралиштата кои повеќе не се безбедни и кога користат јавен превоз ноќе“ (Guardian Weekly).
САД: Организираните банди ја зголемуваат стапката на криминал. Според The New York Times, полицијата спровела анкета која покажала дека во една држава [во САД], каде што има околу 700 банди, речиси 17.000 младинци од двата пола се припадници на некоја од нив. Тоа значи дека, за само четири години, бројот на членови пораснал за околу 10.000.
БРИТАНИЈА: Коментирајќи за еден извештај на УНИЦЕФ во врска со влијанието на криминалот врз децата, лондонскиот весник The Times спомна: „Расте бројот на млади Британци застрелани со огнено оружје... И жртвите и извршителите на овие кривични дела се сѐ помлади“. За кратко време, бројот на затвореници во Англија и во Велс се искачи на речиси 80.000.
КЕНИЈА: Според еден новински извештај, покрај еден прометен автопат, мајка и ќерка биле застрелани од крадци на автомобили бидејќи не излегле доволно брзо од своето возило. Најроби, главниот град на Кенија, е озлогласен по секакви злосторства како, на пример, присилно одземање на возило, насилен грабеж и провала во нечиј дом.
Дали криминалот излегува од контрола? Која е главната причина за ова зло? И, можеме ли да се надеваме дека еден ден луѓето ќе живеат во мир и сигурност? Одговорот на овие прашања се наоѓа во следните статии.