Од каде дошле мајмуните на спилата
МАЈМУНИТЕ обично ги поврзуваме со тропските подрачја. Мал е бројот на оние видови мајмуни што живеат на подрачја со умерена клима. Но, постојат и исклучоци.
Високо на Планините Атлас во северна Африка, каде што во текот на зимата паѓа снег, низ кедровите и дабовите шуми лутаат маготи (безопашести макаки мајмуни). Една изолирана група вакви мајмуни може да се најде 300 километри северно, на камената спила Гибралтар — најјужната точка на Европа.
Дали постои некакво научно објаснување за тоа како овие мајмуни се нашле тука? Некои сметаат дека маготите многу одамна се населиле и на други места во Европа и дека оние на Гибралтар се единствените што преживеале. Други мислат дека тука ги донеле арапските или британските колонизатори. Според една легенда, овие мајмуни го преминале морскиот теснец помеѓу Европа и Африка преку еден подземен тунел што веќе не постои. Како и да е, тие се единствените европски мајмуни што живеат во дивината.
Маготите живеат во боровите шуми кои растат на горниот дел од спилата. Иако ги има само стотина, според Меѓународното здружение за заштита на приматите (International Primate Protection League), тие се „најпознатите жители на овој полуостров“.a
Овие палавковци воопшто не се страдни за храна, што не е ни чудо бидејќи секоја година Гибралтар го посетуваат околу седум милиони туристи. Иако и самите се снаоѓаат хранејќи се со диви растенија, маготите знаат и да просат храна од туристите, а понекогаш и да ја крадат. Освен тоа, и локалните власти се грижат мајмуните да добиваат овошје и зеленчук.
Но, тоа не значи дека животот им се состои само од потрага по храна. Тие одвојуваат петтина од денот за да се поштат едни со други. И мажјаците и женките се грижат за младенчето и си играат со него. Тоа што живеат заедно во група понекогаш води и до судири. Постарите мајмуни ги бркаат помладите со закани и со крици. Освен тоа, имаат необична навика да тропаат со забите, што по сѐ изгледа ги смирува.
Можеби нема никогаш да дознаеме како маготите дошле на Гибралтар. Сепак, овие дружељубиви мајмуни ѝ даваат посебна привлечност на варовничката спила која го чува влезот на Средоземното Море. Без нив, Гибралтар не би бил тоа што е.
[Фуснота]
a Зиме, мајмуните од видот Macaca fuscata, кои инаку се роднини на маготите, се собираат околу топлите извори во Јапонија и станале позната туристичка атракција.