Писма од читателите
Каква е иднината на христијанството? (февруари 2007) Поголем дел од вашите изјави се во склад со Божјата реч, и се согласувам со вас. Но, во вашето списание има две работи што не ми се допаѓаат. Едната е тоа што ги омаловажувате христијанските цркви, а другата е тоа што изгледа како да се издигнувате над останатите религии. Многу би било убаво сите да се сложиме и да бидеме една вера, но, за жал, не е така. Мислам дека ниту една црква или религиозна група не е подобра од другите.
С. С., САД
„Разбудете се!“ одговара: Јеховините сведоци немаат ништо лично против луѓето од друга вероисповед, ниту, пак, сметаме дека сме подобри од другите. Свесни сме дека „сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). Затоа се напрегаме, ги трошиме нашите средства и одвојуваме време за да им ги пренесеме на луѓето библиските вистини, меѓу кои и прекрасната надеж што ни ја дава Библијата. Меѓутоа, Јеховините сведоци го следат примерот на Исус и на неговите ученици, кои храбро ги разоткривале лицемерството и религиозната заблуда.
Како ќе одговориш? Ретко кога порано го разгледував овој дел со моите две деца. Сега сфаќам колку ми помага да им ја всадам библиската вистина во срцето. Но, корисна е и за мене бидејќи ми ја зајакнува верата.
И. Х., Република Чешка
Многу сум благодарен за оваа интересна рубрика која ми дава идеи за лично проучување. Сѐ е толку добро осмислено до најситниот детаљ! Таа ми помага да бидам уште поблизок со мојот мудар Татко, Јехова.
А. Ш., Русија
„Јехова, сакам да ти служам“ (јули 2007) Животната приказна на Даниела Хол ми ја зајакна верата во Јехова. Како мала, таа не се плашела пред сите во нејзиното училиште да каже дека е Јеховин сведок. Сигурна сум дека истото ќе го сторат и многу други Сведоци што одат на училиште.
А. Р., Мадагаскар
Имам девет години. Јас и мајка ми тукушто ја прочитавме приказната на Даниела која ми помогна да сфатам колку треба да сум благодарна што моите родители се во вистината и што можам непречено да му служам на Јехова. Една мисла посебно ми се допадна: „Каде и да сме, Јехова е секогаш близу до нас“. Ми се допадна и тоа што, кога ќе се вратела од училиште, Даниела ќе седнела на креветот и ќе му кажувала на Јехова како си поминала тој ден, исто како да зборува со татко ѝ. И јас сакам да го следам нејзиниот пример!
А. Д., Италија
„Младите прашуваат... Зошто никогаш не ме викаат?“ (јули 2007) Статијава беше одлична — имав чувство како да е напишана за мене. Многу ми се допаднаа и прашањата што беа поставени во неа, како и празните линии за да се впише одговорот. Ви благодарам. Имав голема корист.
К. А., Канада