Што вели Библијата
Треба ли да се користат титули?
ПРИ извршување на секојдневните обврски и додека ја проповедале добрата вест за Божјето Царство, христијаните од првиот век имале контакт со многу државни службеници — и на пониска и на повисока положба. Меѓу себе, Исусовите следбеници не користеле титули што би ја истакнувале нивната општествена положба. Но, во тоа време било вообичаено да се користат титули за оние што биле на власт. На пример, римскиот цар бил наречен „Август“ (Дела 25:21).
Дали Исусовите ученици сметале дека е исправно да користат титули кога им се обраќаат на државни службеници? Какво треба да биде нашето гледиште?
Почитта не значи одобрување
Апостол Павле ги советувал соверниците ‚секому да му го даваат она што му припаѓа: кој бара чест — чест‘ (Римјаните 13:7). Ова подразбира дека кога им се обраќале на оние што биле на власт, требало да ги користат нивните титули. Денес, при обраќање до некој што е на власт, во некои земји е вообичаено да се користат титулите „Ваше Височество“ или „Почитуван/-а“. Но, некој можеби ќе праша: ‚Како да му се обратам некому со овие зборови кога знам дека неговиот морал не е ниту висок ниту достоен за почит?‘
Многу функционери ги извршуваат своите должности совесно, но сите не се многу чесни. Сепак, Библијата нѐ поттикнува да се подложиме на царевите и на управителите „заради Господарот“ (1. Петрово 2:13, 14). Значи, тоа што сме свесни дека некој државен службеник има власт бидејќи Бог го допушта тоа, ќе нѐ поттикне да покажеме соодветна почит кон него (Римјаните 13:1).
Почитта кон државните службеници воопшто не зависи од нивните постапки. Употребата на нивните титули нема да значи дека ги одобруваме нивните постапки. Доказ за тоа е еден настан од животот на апостол Павле.
Павле користел титули
Апостол Павле бил уапсен во Ерусалим поради лажно обвинение и изведен пред Феликс, тогашниот управител на Јудеја. Тешко може да се каже дека Феликс бил примерен државен службеник. Римскиот историчар Тацит напишал дека Феликс „мислел дека може да изврши секакво злодело без да биде казнет“. Повеќе го интересирало да си го наполни џебот отколку да донесе праведна пресуда. Сепак, за време на двегодишниот притвор, Павле покажал почит кон овој управител. Феликс и Павле често разговарале — Феликс попусто се надевал дека ќе добие пари, а Павле ја искористил таа можност за да проповеда (Дела 24:26).
Фест, наследникот на Феликс, го сослушал Павле во Цезареја. За да ги придобие еврејските водачи, Фест предложил Павле да биде суден во Ерусалим. Но, Павле знаел дека таму нема да му се суди праведно, па затоа ги искористил своите права како римски граѓанин и рекол: „Ќе се жалам пред цезарот!“ (Дела 25:11).
Фест не знаел како да му ги објасни на цезарот обвиненијата против Павле, но можел да смета на помошта од цар Агрипа II, кој во тоа време дошол да го посети и бил заинтересиран за случајот. Наредниот ден, царот влегол во салата со раскошна церемонија, заедно со некои илјаданачалници и угледни луѓе од тој град (Дела 25:13-23).
Кога бил повикан да зборува, Павле ја употребил титулата „Царе“ уште на почетокот и признал дека Агрипа добро ги познава обичаите и расправиите меѓу Евреите (Дела 26:2, 3). Во тоа време, било познато дека Агрипа е во скандалозна, родосквернителна врска со својата сестра. Значи, Павле сигурно бил свесен колку лош глас го бие Агрипа во поглед на неговиот морал. Сепак, кон него покажал почит каква што налагала неговата положба како цар.
Додека Павле се бранел, Фест извикал: „Полудуваш, Павле!“ Наместо да пламне на оваа провокација, Павле дал смирен одговор обраќајќи му се на управителот со титулата „Возвишен“ (Дела 26:24, 25). Тој покажал почит што била соодветна за овој владетел. Меѓутоа, овие примери наметнуваат и едно прашање: Има ли граница што не треба да ја пречекориме кога им искажуваме чест на владетелите?
Почит — но не највисока
Државните службеници немаат врховна власт, како што покажува и стихот од Римјаните 13:1, каде што стои: „Секоја власт што постои, Бог ја поставил на нејзината положба“. Според тоа, тие не заслужуваат највисока почит. Исус покажал до каде треба да оди почитта кон луѓето кога на своите ученици им рекол: „Не дозволувајте да ве нарекуваат учители, зашто еден е вашиот учител, а сите вие сте браќа. И никого на земјата не нарекувајте го татко, зашто еден е вашиот Татко — оној што е на небесата. Не дозволувајте ниту да ве нарекуваат водачи, зашто еден е вашиот Водач — Христос“ (Матеј 23:8-10).
Значи, дали ќе изразиме почит на одреден начин или не, зависи главно од тоа дали станува збор за религиозна или за секуларна титула. Тоа што Павле рекол да им искажуваме чест на државните службеници не значи дека треба да им се обраќаме со религиозни титули што можеби си ги присвоиле. Оној што ги следи библиските совети ќе покажува почит кон нив и кон нивната положба. Но, поради својата совест, обликувана според Библијата, тој нема да им се обраќа со никакви религиозни титули, бидејќи треба ‚да му го врати... Божјето на Бог!‘ (Матеј 22:21).
ШТО МИСЛИШ?
◼ Каков став имале Исусовите следбеници кон световните власти? (Римјаните 13:7).
◼ Дали апостол Павле користел титули кога им се обраќал на државните службеници? (Дела 25:11; 26:2, 25).
◼ Какви титули не одобрувал Исус? (Матеј 23:8-10).
[Слика на страници 20 и 21]
Како му се обратил Павле на Агрипа?