Што вели Библијата
Што значи да се биде верен брачен другар?
Повеќето очекуваат од својот брачен другар да не ги изневерува, т.е. да нема сексуални односи со некој друг. Ова сфаќање за брачната верност е во склад со Библијата, која вели: „Бракот нека биде чесен меѓу сите и брачната постела нека биде чиста“ (Евреите 13:4).
ДАЛИ некој му е верен на својот сопружник само ако нема сексуални односи со друго лице? Што ако имаш сексуални фантазии за некој друг? Дали може да се каже дека и едно блиско пријателство со некој од спротивниот пол е некој вид „изневерување“?
Дали сексуалните фантазии се безопасни?
Библијата вели дека сексуалните односи меѓу две венчани лица се одлика на нормален и здрав брачен живот и им причинуваат радост и задоволство и на двајцата партнери (Изреки 5:18, 19). Но, многу денешни експерти сметаат дека е нормално, па дури и здраво, оние што се во брак да фантазираат и за секс со други лица. Дали ваквите фантазии се безопасни — се разбира, под услов да не се спроведат на дело?
Лицето што има сексуални фантазии главно мисли на своето сопствено задоволство. Ваквото себично размислување е во директна спротивност со советот кој им го дава Библијата на оние што се во брак. Во врска со сексуалните односи, Божјата реч го вели следново: „Жената не е господар над своето тело, туку мажот, а исто така и мажот не е господар над своето тело, туку жената“ (1. Коринќаните 7:4). Доколку се следи овој совет, сексот нема да се сведе на задоволување на нечии себични страсти кои се плод на неговата фантазија. А како резултат на тоа, и двата партнера ќе бидат посреќни (Дела 20:35; Филипјаните 2:4).
Ако некој размислува да има сексуални односи надвор од бракот, всушност, во умот прави проба за нешто со кое би му нанел голема емоционална болка на својот брачен другар. Дали постои поголема веројатност лицето што има вакви фантазии да изврши прељуба? Едноставно кажано — да! Библијата јасно покажува дека мислите се поврзани со постапките. Таа вели: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев“ (Јаков 1:14, 15).
Исус рекол: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:28). Ако не дозволуваш низ умот да ти се вртат такви прељубнички мисли, ќе си ‚го чуваш срцето‘ и ќе го заштитиш својот брак (Изреки 4:23).
Зошто да сме верни и во емоционален поглед?
Еден успешен брак зависи од верноста и силната приврзаност на брачните партнери (Песна над песните 8:6; Изреки 5:15-18). Што значи тоа? Па, иако е нормално да имаш и пријатели и пријателки, твојот брачен другар е тој што заслужува да му посветиш најмногу време, внимание и емоции. Секое пријателство што го лишува твојот партнер од овие работи кои тој со право ги заслужува е еден вид „изневерување“, дури и ако воопшто немало сексуални односи со друго лице.a
Како може да се развие ваква блискост? Можеби мислиш дека некој од спротивниот пол е попривлечен или посочувствителен од твојот партнер. Честите контакти со тоа лице, било на работа било во друштво, може да водат до разговори за лични работи, како што се проблемите и разочарувањата во бракот. Постепено тоа може да ти стане рамо за плачење, и меѓу вас може да се развие емоционална зависност. Во директен разговор, преку телефон или преку Интернет можеби ќе му кажеш премногу доверливи работи. Брачните другари со право очекуваат некои работи да останат само помеѓу нив, а ‚тајните‘ да си останат тајни (Изреки 25:9).
Не залажувај се дека меѓу вас нема никакви романтични чувства бидејќи, всушност, можеби има! Во Еремија 17:9 стои дека ‚срцето е измамливо‘. Ако си близок пријател со некој од спротивниот пол, прашај се: ‚Дали се правдам кога некој ќе ме праша за нашето пријателство или, можеби, се обидувам да го скријам? Дали би ми било непријатно кога мојот брачен партнер би дознал за што разговараме? Како би ми било мене тој да има ваков „пријател“, односно „пријателка“?‘ (Матеј 7:12).
Несоодветната блискост со некого може да го растури бракот бидејќи емоционалната приврзаност постепено води до интимни односи. Исус предупредил дека „од срцето излегуваат... прељуби“ (Матеј 15:19). Меѓутоа, дури и да не дојде до прељуба, може да биде многу тешко твојот сопружник повторно да стекне доверба во тебе. Една сопруга по име Каренb вели: „Бев скршена кога дознав дека Марк по неколку пати дневно тајно разговара со друга жена преку телефон. Тешко можам да поверувам дека меѓу нив немало ништо повеќе. Не знам дали некогаш повторно ќе имам доверба во него“.
Затоа, не зближувај се претерано со лица од спротивниот пол. Немој да ги игнорираш погрешните чувства и да си наоѓаш оправданија за нечистите мотиви. Ако осетиш дека некое пријателство може да го доведе твојот брак во опасност, брзо преземи мерки за да се дистанцираш од тоа лице или стави му крај на пријателството. Библијата вели: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната“ (Изреки 22:3).
Остани едно тело со брачниот другар
Нашиот Творец имал намера бракот да биде најблиската можна врска помеѓу двајца луѓе. Тој рекол дека мажот и жената „ќе станат едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Во тоа не е вклучена само сексуална интимност, туку и емоционална приврзаност која се зајакнува преку несебичност, доверба и заемна почит (Изреки 31:11; Малахија 2:14, 15; Ефешаните 5:28, 33). Ако ги применуваш овие начела, ќе можеш да го заштитиш твојот брак од болката која може да ја нанесе неверството во мислите и во чувствата.
[Фусноти]
a Меѓутоа, вреди да се спомне дека единствена библиска причина за развод се сексуалните односи надвор од бракот (Матеј 19:9).
b Имињата се сменети.
ШТО МИСЛИШ?
◼ Можат ли сексуалните фантазии да преминат во постапки? (Јаков 1:14, 15)
◼ Може ли едно блиско пријателство со некој од спротивниот пол да се одрази негативно на твојот брак? (Еремија 17:9; Матеј 15:19)
◼ Како можеш да го зацврстиш својот брак? (1. Коринќаните 7:4; 13:8; Ефешаните 5:28, 33)
[Истакната мисла на страница 29]
„Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:28)