Младите прашуваат
Како да си го распоредам времето?
„Еднаш чув како се шегуваат дека, ако некој сака да стигнам некаде во четири, треба да ми каже да бидам таму во три. Дури тогаш сфатив дека ќе треба подобро да си ги распоредам времето!“ (Рики)a
КОЛКУ часа би сакал да трае еден ден? За што би го користел тоа додатно време?
□ За дружење
□ За спиење
□ За учење
□ За вежбање
□ За други работи
Би било супер денот да трае подолго од 24 часа, но тоа е невозможно. Тогаш, што би можел да сториш? Многу млади кои успеале правилно да си го распоредат времето велат дека тоа, на некој начин, им го продолжило денот за неколку часа и дека сега имаат помалку стрес, подобри оценки, а родителите имаат поголема доверба во нив. Да видиме како можеш и ти да успееш во тоа.
Проблем бр. 1: Да направиш распоред
Што би те спречило во тоа. Само да помислиш на некаков распоред, и веќе се чувствуваш како врзан! Ти би сакал животот да ти тече спонтано, наместо секоја минутка да ти биде испланирана.
Зошто да ја надминеш оваа пречка. Цар Соломон напишал: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изреки 21:5, фуснота). Можеме да бидеме сигурни дека Соломон имал многу обврски. Бил оженет, имал деца и управувал со царство, најверојатно уште пред да наполни 20 години! А како постар, сигурно бил уште позафатен. Истото може да се каже и за тебе — сега си зафатен, но со текот на времето ќе имаш и дополнителни обврски. Колку порано ќе научиш да бидеш организиран, толку подобро за тебе.
Што велат други млади. „Пред околу шест месеци, почнав да си го планирам времето. Сакав да си го олеснам товарот, и мислам дека ова ми помогна многу!“ (Џои).
„Списоците ми помагаат да го завршам она што сум го испланирала. Кога ќе ми се натрупаат премногу обврски, јас и мајка ми правиме план на хартија за да видиме како можеме да си помогнеме една на друга за да ги оствариме нашите цели“ (Малори).
Што ќе ти помогне. Замисли си дека ти и твоето семејство треба да тргнете на пат. Ако секој од семејството ги фрли своите работи во багажникот како што ќе му текне, ќе нема доволно место за целиот багаж. Што би било решението? Сѐ да извадите надвор и да почнете одново, овој пат ставајќи ги прво поголемите предмети. Тогаш ќе биде полесно да се најде место и за помалите работи.
Истото важи и за животот. Ако го „наполниме“ со неважни активности, ќе ни биде потешко да најдеме време за поважните. Стави ги поважните работи на прво место, и ќе се изненадиш колку време ќе ти остане и за останатото! (Филипјаните 1:10).
Кои се најважните работи што би требало да ги ставиш на прво место?
․․․․․
Сега, подреди ги овие работи по важност. Ако ги завршиш најпрво поважните задачи, ќе се зачудиш колку време ќе ти преостане за други, помалку важни работи. Само немој да се лажеш дека важи и обратното!
Што можеш да сториш. Набави си џебен планер и запиши ги по важност своите обврски. Друга можност е, наместо планер, да го користиш...
□ календарот од мобилниот
□ мал бележник
□ календарот од компјутерот
□ календар на бирото
Проблем бр. 2: Да го следиш распоредот
Што би те спречило во тоа. Штом ќе се вратиш од училиште, можеби сакаш малку да се опуштиш и неколку минути да погледаш телевизија. Или, можеби си планирал да учиш, но добиваш порака на мобилен да отидеш на кино. Терминот за прикажување на филмот е фиксиран, но би можел да го одложиш учењето за вечер. Можеби дури мислиш дека работите ги правиш подобро кога си под притисок.
Зошто да ја надминеш оваа пречка. Би можел да добиеш подобра оценка ако учиш кога умот ти е посвеж. Освен тоа, зарем не си веќе под голем притисок? Зошто да си создаваш непотребен стрес и да се задржиш до доцна, па да мораш да го разгледаш набрзина материјалот за тестот. Што ќе се случи следното утро? Можно е да се успиеш, да бидеш под стрес, да мораш да брзаш за да стигнеш на час, а можеби и да задоцниш (Изреки 6:10, 11).
Што велат други млади. „Сакам да гледам телевизија, да свирам на гитара и да се дружам. Овие работи сами по себе не се лоши, но се случува да дојдат во преден план и да морам да брзам за да ги завршам поважните“ (Џулијан).
Што ќе ти помогне. Не планирај ги само работите што мораш да ги завршиш туку и оние во кои уживаш. „Полесно го правам она што морам ако знам дека подоцна ќе правам нешто интересно“, вели Џулијан.
Еве уште една идеја: Постави си една крупна цел, но и неколку помали цели што ќе ти помогнат да ја оствариш главната. Џои (16), кого го спомнавме претходно, вели: „Би сакал полновремено да ги поучувам другите за Библијата. Оваа цел ми помага да го следам мојот распоред сега како подготовка за поголемите обврски што ме чекаат во иднина“.
Што можеш да сториш. Наброј една-две цели што би можел да ги оствариш во наредните шест месеци.
․․․․․
Која достижна цел би можел да ја оствариш во наредните две години, и што би требало да правиш уште сега за да успееш во тоа?
․․․․․
Проблем бр. 3: Да бидеш уреден и организиран
Што би те спречило во тоа. Никако не ти влегува во глава како тоа што ќе бидеш уреден и организиран ќе ти помогне добро да си го распоредиш времето. Освен тоа, многу е полесно ако не раскреваш ништо зад себе. Собата би можел да ја чистиш и утре, или никогаш да не ја чистиш! Најпосле, зошто да средуваш кога тебе лично тоа воопшто не ти пречи. Но, дали е така?
Зошто да ја надминеш оваа пречка. Кога сѐ си е на свое место, не губиш време за да го најдеш она што ти треба. Друга корист е тоа што ќе имаш внатрешен мир (1. Коринќаните 14:40).
Што велат други млади. „Понекогаш, кога немам време да си ја средам облеката, во целиот тој хаос го губам она што ми треба!“ (Манди).
„Цела недела не можев да си го најдам паричникот, и многу се загрижив поради тоа. Го најдов дури откако си ја исчистив собата“ (Франк).
Што ќе ти помогне. Потруди се да ги вратиш работите на свое место колку што е можно поскоро. Ако го правиш тоа редовно, наместо да чекаш да настане хаос, чистењето ќе трае пократко и полесно ќе го најдеш она што ќе ти затреба.
Што можеш да сториш. Труди се уредноста да ти стане навика. Ќе видиш дека таа навистина го прави животот полесен.
Постави си мали цели, но почни да работиш на нив уште денес! Кои предлози од оваа статија најмногу би ти помогнале?
․․․․․
Во наредните ․․․․․ седмици, ќе проверам колку се практични овие совети.
[Фуснота]
a Имињата во оваа статија се сменети.
РАЗМИСЛИ
◼ Колку часа сон ти се доволни за да бидеш способен да ги извршуваш своите обврски?
◼ Кого би можел да го замолиш да ти помогне да си го распоредиш времето?
◼ Ако веќе си почнал да следиш некаков распоред, има ли место за подобрување?
[Рамка/слика на страници 20 и 21]
Секоја седмица, младите на возраст помеѓу 8 и 18 години поминуваат по...
17 часа
со родителите
30 часа
на училиште
44 часа
во гледање телевизија, играње видеоигри, праќање СМС-пораки и слушање музика
КАДЕ МИ ОДИ ВРЕМЕТО?
Пресметај колку време секоја седмица...
гледаш телевизија: ․․․․․
играш видеоигри: ․․․․․
седиш пред компјутер: ․․․․․
слушаш музика: ․․․․․
Вкупно: ․․․․․
Време што би можел да го искористам за поважни работи: ․․․․․
[Слика на страница 20]
Ако им дадеш предност на помалите работи, ќе нема место за поважните