ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 8/09 стр. 16-18
  • Вселената полна со изненадувања

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Вселената полна со изненадувања
  • Разбудете се! 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Вселена што се шири
  • Колку е брзо ширењето?
  • Темна енергија и темна материја
  • Бесконечна потрага
  • Како настанал нашиот универзум? — Контроверзија
    Постои ли Творец кој се грижи за тебе?
  • Нашиот универзум кој влева стравопочитување
    Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?
  • Што ни открива универзумот?
    Разбудете се! 2021
  • Творецот може да го осмисли твојот живот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
Повеќе
Разбудете се! 2009
g 8/09 стр. 16-18

Вселената полна со изненадувања

ПРЕД само еден век, научниците мислеа дека нашата галаксија, Млечен Пат, е целата вселена што постои. Меѓутоа, во текот на 20-тиот век, големиот напредок на полето на астрономијата, физиката и технологијата покажа дека космосот е незамисливо голем. Некои нови сознанија открија и колку малку знаеме за него. На пример, во последниве неколку децении, астрономите сфатија дека не знаат од што се состои 90 отсто од вселената. Освен тоа, откритијата што водеа до овој заклучок предизвикаа сомнежи кај научниците во врска со разбирањето на основните физички закони. Се разбира, ваквите сомнежи не се ништо ново.

На пример, при крајот на 19 век, физичарите забележале нешто чудно во врска со брзината на светлината. Тие откриле дека во однос на набљудувачот, светлината секогаш патува со иста брзина, сеедно колку брзо се движи тој. Но, ова звучело нелогично! Во 1905 год., овој проблем го разјаснил Алберт Ајнштајн со помош на својата специјална теорија на релативноста, со која покажал дека должината, времето и масата се релативни. Потоа, во 1907 год., му се родила нова идеја, која ја нарекол „најсреќната мисла во мојот живот“. Од неа ја развил општата теорија на релативноста, која ја објавил во 1916 год. Во ова револуционерно дело, Ајнштајн го објаснил заемното дејство на гравитацијата, просторот и времето и ги усовршил Њутновите закони.

Вселена што се шири

На темел на дотогашните сознанија, Ајнштајн заклучил дека вселената е статична — ниту се шири ниту се собира. Меѓутоа, во 1929 год., американскиот астроном Едвин Хабл изнел докази дека вселената се шири.

Хабл ја разоткрил вековната мистерија за некои дифузно светли дамки на ноќното небо кои биле наречени маглини бидејќи личеле на облаци од гасови. Но, дали тие се наоѓаат во нашата галаксија или надвор од неа, како што тврдел британскиот астроном, сер Вилијам Хершел (1738-1822), еден век пред тоа?

Кога Хабл за првпат ја проценил оддалеченоста на една од овие маглини, Големата Маглина во соѕвездието Андромеда, тој заклучил дека оваа маглина е, всушност, галаксија на оддалеченост од милион светлосни години, што значи дека е доста оддалечена од галаксијата Млечен Пат, која има дијаметар од „само“ 100.000 светлосни години. Мерејќи ја оддалеченоста од другите маглини, Хабл почнал да открива колку голем е космосот, и со тоа предизвикал револуција во астрономијата и во космологијата.a

Кратко потоа, Хабл заклучил дека вселената се шири, бидејќи видел како далечните галаксии се оддалечуваат од Земјата. Забележал и дека, колку подалеку се наоѓа некоја галаксија, толку побрзо се оддалечува, што значи дека порано универзумот бил помал. Во 1929 год., Хабл го објавил своето револуционерно откритие, и со тоа дал повод за настанување на теоријата за Големата експлозија, со која се објаснува настанокот на вселената преку една космичка експлозија што се случила пред околу 13 милијарди години. Но, имало да се учи уште многу.

Колку е брзо ширењето?

Од времето на Хабл, астрономите се обидувале, колку што е можно поточно, да ја измерат брзината со која се шири вселената, позната како „Хаблова константа“. Зошто оваа мерка е толку важна? Бидејќи, ако астрономите можат да пресметаат колку брзо се шири вселената, ќе можат да проценат и колку е стара. Освен тоа, стапката на ширење може сериозно да се одрази на иднината. Се смета дека ако, на пример, вселената се шири премногу бавно, на крајот би преовладала гравитацијата и би предизвикала сѐ да се собере на купче! Но, ако ширењето е премногу брзо, вселената би продолжила да се шири засекогаш и сосема би се распрснала.

Освен што дадоа одговор на некои прашања, поновите мерења предизвикаа и сомнежи околу нашето сегашно разбирање на материјата и на основните сили во природата.

Темна енергија и темна материја

Во 1998 год., научниците кои ја испитуваа светлината што доаѓа од еден посебен вид супернова, односно ѕвезда што експлодира, најдоа докази дека универзумот забрзано се шири!b Во почетокот, научниците се сомневаа во тоа, но за кратко време се појавија и многу други докази. Се разбира, тие сакаа да знаат каков вид енергија го предизвикува ваквото забрзано ширење. Како прво, изгледаше дека ширењето се спротивставува на гравитационата сила, а како второ, тоа не беше во склад со дотогашните теории. Затоа, овој непознат вид енергија со право беше наречен темна енергија, од која најверојатно се состои речиси 75 отсто од вселената!

Меѓутоа, темната енергија не е единствениот „темен“ феномен што беше откриен во поново време. Во 1980-тите години, астрономите истражуваа различни галаксии и забележаа дека сите галаксии, вклучувајќи ја и нашата, се вртат пребрзо за да останат заедно. Тие заклучија дека мора да постои некаква материја што ги сврзува преку гравитација. Бидејќи научниците не знаеја каква е таа материја, ја нарекоа темна материја затоа што не го апсорбира, не го емитува и не го рефлектира зрачењето што може да се регистрира.c Колку темна материја има во вселената? Пресметките покажуваат дека таа сочинува најмалку 22 отсто од вкупната маса на вселената.

Размисли: според досегашните сознанија, обичната материја сочинува 4 отсто од масата на вселената, а изгледа дека остатокот го сочинуваат двете големи непознати појави — темната материја и темната енергија. Тоа би значело дека 96 отсто од вселената за нас е целосна мистерија.d

Бесконечна потрага

Науката трага по одговори, но честопати еден одговор наметнува куп нови прашања. Ова нѐ потсетува на библиската изјава од Проповедник 3:11, каде што стои: „[Бог] направил сѐ да е убаво во свое време. Дури и вечноста им ја ставил на луѓето в срце, за да не можат да ги сфатат во потполност делата кои вистинскиот Бог ги направил“.

Се разбира, поради краткиот животен век, моментално можеме да стекнеме само ограничено знаење, од кое поголемиот дел се состои од шпекулации и можеби е неточно. Меѓутоа, ваквата ситуација е само привремена бидејќи Бог има намера да им даде на верните луѓе вечен живот во Рајот на Земјата, каде што ќе можат засекогаш да го истражуваат она што тој го создал, и на тој начин да стекнат точно знаење (Псалм 37:11, 29; Лука 23:43).

Затоа, нема потреба да се плашиме од шпекулациите за уништување на вселената. Науката знае многу малку за реалноста, но Творецот знае сѐ (Откровение 4:11).

[Фусноти]

a Астрономијата е наука што ги проучува небесните тела и материјата во вселената. Космологијата, која е гранка на астрономијата, „е наука за структурата и развитокот на вселената и силите што дејствуваат во неа“, како што објаснува The World Book Encyclopedia. „Космологијата се обидува да објасни како настанала вселената, што се случувало оттогаш досега и што би можело да се случи во иднина.“

b Ѕвездите што експлодираат се наречени супернова од видот Ia. За кратко време, тие можат да емитуваат светлина што е силна колку милијарда сонца. Астрономите ги користат суперновите како стандард за мерење.

c Теориите за постоењето на темната материја, кои се појавија уште во 1930-тите, беа потврдени во 1980-тите. Денес астрономите мерат колку темна материја може да има во едно јато галаксии, набљудувајќи како тоа ја закривува светлината од подалечните тела.

d Во 2009 година се навршуваат 400 години откако Галилео Галилеј за првпат го насочил својот телескоп кон небото. Оваа година е прогласена за „Меѓународна година на астрономијата“.

[Рамка на страница 17]

ГЛЕТКА ШТО НЀ ПРАВИ ПОНИЗНИ

Кога еден Божји слуга од старо време погледнал кон чистото, незагадено небо, бил исполнет со страхопочит, и тоа го изразил во песна. Во Псалм 8:3, 4 стои: „Кога ги гледам небесата твои, дело на твоите прсти, месечината и ѕвездите што си ги направил — што е смртниот човек, па да мислиш на него, и земниот човек, па да се грижиш за него?“ Ако псалмистот, кој немал ниту телескопи ниту посебни фотоапарати, чувствувал таква страхопочит, колку повеќе би требало да ја чувствуваме ние!

[Графикон на страница 18]

(Види во публикацијата)

74% темна енергија

22% темна материја

4% обична материја

[Извор на слика на страница 16]

Заднина: Врз основа на фотографија на NASA

[Извор на слика на страница 18]

Заднина: Врз основа на фотографија на NASA

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели