Заштита на податоци — вклучен си и ти!
Си решавал ли некогаш анаграм? Дали можеби си ја проверувал банковната сметка или си купувал нешто преку Интернет? Ако да, тогаш си запознат со светот на кодовите, шифрите, кодирањето и декодирањето.
ДО НЕОДАМНА, тајните кодови обично ги користеа владите, амбасадорите, шпионите и војската. Но, тоа потполно се промени. Откако беа воведени компјутерите и Интернетот, доверливите податоци честопати се заштитени со неколку елементи, како што се лозинките, кои корисникот секогаш ги внесува при отворање на документот. Тајноста игра важна улога во нашиот секојдневен живот повеќе од кога и да е порано.
Затоа е сосема на место да се прашаме колку се сигурни нашите доверливи податоци и што можеме да сториме за да бидат уште побезбедни. Пред да ги разгледаме овие прашања, накратко ќе подискутираме за долгата борба помеѓу шифрантите и дешифрантите — борба што трае речиси исто толку долго колку што е стара и писменоста.
Историјата на тајното писмо
Еден многу стар облик на шифриран запис е стеганографијата, што буквално значи „скриено пишување“. Целта на стеганографијата е да го скрие самото постоење на пораката. Древниот историчар Херодот раскажува за еден грчки изгнаник кој видел дека Персија се подготвува да ја нападне неговата татковина. Бидејќи сакал да го предупреди својот народ, тој напишал пораки на дрвени плочки кои ги обложил со восок за да го скрие текстот — метода што ја користеле и древните Римјани. Според Херодот, едноставниот трик на овој Грк му ја упропастило на персискиот цар Ксеркс можноста да ја изненади Грција, и неговата војска била поразена.
Современи облици на стеганографија се микрофотографијата и водениот печат кој се става на хартија или на слика за да се заштитат авторските права. Микрофотографијата што се употребувала за време на Втората светска војна била всушност фотографија смалена колку една точка. Примачот требало едноставно да ја зголеми точката. Денес, оние што продаваат нелегална порнографија користат слична метода. Со помош на компјутерска програма, тие ги кријат сликите во пристојни дигитални слики, текстови или аудиофајлови.
Бидејќи стеганографијата го крие самото постоење на пораката, не се сомнителни ниту испраќачот ниту примателот. Но, дури и ако пораката се открие, нема да може да се прочита доколку не се дешифрира.
Криење на значењето
Криптологијата (што буквално значи „скриен збор“) е наука за одржување тајна комуникација при која не се кријат самите пораки, туку нивното значење. Овој процес вклучува шифрирање и дешифрирање на податоците врз основа на претходно утврдена шема. На тој начин, пораката можат да ја прочитаат само оние што знаат како да ја дешифрираат.
Древните Спартанци ги шифрирале своите пораки со помош на едноставна механичка направа наречена скитал. Шифрантот цврсто и спирално намотувал лента од кожа или пергамент околу еден стап, а потоа ја пишувал пораката врз лентата по должината на стапот. Кога била размотана, на лентата се гледале само бесмислени симболи. Но, кога примачот ќе ја завиткал околу друг стап со ист пречник како првиот, можел да го прочита текстот. Гласникот понекогаш ја носел лентата како ремен, со испишаната страна однатре, што исто така било еден вид стеганографија.
Се вели дека Јулиј Цезар ги криел своите воени пораки со помош на едноставна замена на буквите — секоја буква била заменета со друга буква која во азбуката е на трето место по неа. Со овој метод, буквата а би била запишана како г, б како д итн.
Криптографијата доживеала голем напредок за време на ренесансата во Европа. Еден од неколкуте лица кои придонеле за тоа е и Блаз де Вижнер, француски дипломат роден во 1523 год. За да ја шифрира својата порака, Вижнер користел табела што постоела и пред негово време во која буквите од азбуката биле така распоредени што добивал 26 различни азбуки. Неговата техника, за која се мислело дека не може да се пробие, била наречена „непробојна шифра“ (le chiffre indéchiffrable). Меѓутоа, напредокот на методите на шифрирање довел и до напредок во разбивањето на шифрите.a
На пример, при анализата на Коранот, кој е напишан на арапски, исламските изучувачи забележале дека некои букви се јавуваат почесто од други, што е особеност и на другите јазици. Ова довело до развој на една важна криптографска техника наречена фреквенциска анализа. Таа овозможува да се открие скриеното значење на одредени букви или групи букви во еден шифриран текст ако се изброи колку пати се јавува секоја буква во текстот.
До 15 век, станало сосема вообичаено европските дипломати да користат криптографија, но не секогаш со успех. На пример, Французинот Франсоа Вјат успеал да ги пробие кодовите што ги користел шпанскиот двор. Бил толку успешен што разочараниот крал Филип II тврдел дека Вјат склучил договор со Ѓаволот и дека треба да биде изведен пред католички суд!
Технологијата влегува во игра
Во текот на 20 век, а особено за време на двете светски војни, криптографијата доживеа голем подем со воведувањето на сложени машини, како што е германската „Енигма“, која многу личи на машина за пишување. При внесување на текстот, се активирале неколку ротори со кои текстот се шифрирал. Шифрираниот текст се испраќал со Морзеова азбука, а се дешифрирал со друга „Енигма“. Меѓутоа, грешките и небрежноста на преморените оператори им дале на дешифрантите важни информации со кои успеале да ги одгатнат пораките.
Во денешниот свет на дигитална технологија, банкарството, префрлањето пари и исплатите, како и медицинската, деловната и државната архива се заштитени со помош на сложени системи на шифрирање. На тој начин, шифрираниот текст можат да го прочитаат само оние што го имаат потребниот клуч со кој податоците се враќаат во првобитната форма.
За разлика од металниот клуч, кој обично има жлебови, дигиталниот клуч претставува низа од нули и единици во различни комбинации. Подолгите клучеви имаат повеќе комбинации, па затоа е потешко да се декодираат. На пример, еден 8-битен клуч има 256 можни комбинации, т.е. пермутации, додека 56-битниот клуч има повеќе од 72 квадрилиони пермутации. Сегашниот стандард за кодирано Интернет-пребарување се 128-битните клучеви, кои имаат 4,7 секстилиони пати повеќе пермутации од 56-битните клучеви!b
Сепак, и овој систем не е потполно безбеден. На пример, во 2008 год., 11 лица беа обвинети за најголемата кражба на идентитет. Според федералните обвинители на САД, оваа група, со помош на лаптоп компјутери, безжична технологија и посебна програма, ги пробивала броевите на кредитните и дебитните картички со кои се врши наплата преку регистар-каса.
Колку се безбедни твоите приватни податоци?
Можеш да бидеш сигурен дека е многу тешко да се пробијат кодовите што ја штитат твојата банковна сметка и трансакциите преку Интернет. Сепак, многу зависи и од тебе. Библијата вели: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната“ (Изреки 22:3). Затоа, биди паметен и ‚тргај се‘ — пази се од измама и кражба така што ќе ги преземеш барем овие чекори:
◼ Инсталирај антивирусна програма на твојот компјутер.
◼ Користи програма за откривање на „спајвер“ (spyware).
◼ Инсталирај „огнен ѕид“ (firewall).
◼ Постојано ажурирај ги овие програми и инсталирај сигурносни закрпи за твоите програми и за оперативниот систем.
◼ Внимавај ако преку мејл или преку брзи пораки ти бидат испратени линкови и прикачени фајлови (attachments), посебно ако мејлот е од непознат извор и ти бара лични податоци или бара да повториш некаква лозинка.
◼ При внесување на осетливи приватни податоци, како што се податоците од твојата кредитна картичка, користи кодирани конекции и одјави се од сајтот веднаш штом ќе завршиш.c
◼ Користи лозинки што тешко можат да се пробијат и заштити ги.
◼ Немој да копираш или да активираш програма од непознат извор.
◼ Редовно прави копија од твоите податоци и чувај ја на сигурно.
Ако ги преземеш овие основни чекори и сите други соодветни мерки на претпазливост што можеби ќе треба да ги преземеш сега или во иднина, ја зголемуваш можноста да победиш во битката за безбедност на податоците.
[Фусноти]
a Технички кажано, постои разлика помеѓу шифра и код. Со шифра се заменуваат поединечни букви со други букви или броеви, а кодот вклучува да се заменат цели зборови или фрази со други зборови, фрази или броеви. Но, понекогаш овие два термина се користат и наизменично.
b Квадрилион е единица со 15 нули, а секстилион единица со 21 нула.
c Во програмите за пребарување на Интернет, кодираните Интернет-страници обично се означени на некаков начин за да се гледа дека преку нив информациите можат безбедно да се пренесуваат. На пример, можеби се означени со некаков симбол, како што е катанец, или пак нивната адреса почнува со „https:\\“. Буквата s значи „сигурно“.
[Слика на страница 26]
Древен спартански скитал
[Слика на страница 26]
Германската машина „Енигма“ (20 век)
[Слика на страница 26]
Денес, личните податоци се заштитени со сложени кодови