Тој се држи цврсто за Божјата десница
◼ Хесреел од Мексико е роден со ретка кожна болест од групата вродени ихтиози, која предизвикува лупење и стврднување на кожата на повеќе места од телото. Хесреел објаснува: „Поради оваа болест, изгледам грозно, но таа не е заразна“.
Хесреел се лекувал во многу болници уште од раѓање. Кога имал две години, бил изолиран во стерилна просторија за да не дојде во контакт со некаква зараза. Но, ништо не му помогнало да се излечи. За да се справи со чувството на отфрленост, одел и на психијатар.
Оние што мислат дека болеста на Хесреел е заразна, го избегнуваат. Ова му паѓало особено тешко кога бил мал и сакал да си игра со другите деца. Тој раскажува: „Постојано ме исмејуваа и ми вадеа груби прекари, како ‚мумија‘ и ‚вонземјанин‘“.
Но, од друга страна, токму видливите симптоми на оваа болест му дале на Хесреел многу можности да разговара со другите за својата библиска надеж. Луѓето честопати го прашуваат дали е изгорен. Кога ќе им рече дека не е, го прашуваат зошто изгледа така, а тој им кажува дека причината е неговата кожна болест за која моментално нема лек.
Потоа додава: „Јас ја имам најдобрата надеж што постои бидејќи Јехова Бог ветува дека луѓето што ги следат неговите закони ќе живеат во нов свет без болести и страдања“ (Откровение 21:3, 4). На овој начин, Хесреел започнал да ја проучува Библијата со неколку луѓе, од кои повеќето се сега Јеховини сведоци.
Тој вели: „Среќен сум што сум се родил во христијанско семејство и што, како Јеховин сведок, имам блиски пријатели. Ниту еден од нив не ме отфрла поради изгледот. Се крстив на 17 години и, оттогаш наваму, веќе 14 години му служам на нашиот Творец на многу начини“.
Хесреел ги има на ум Јеховините утешни зборови запишани во Исаија 41:10, 13, каде што стои: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе!.. Ќе те потпрам со мојата праведна десница. Зашто јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ‚Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“.
Бидејќи се држи цврсто за Божјата десница, Хесреел успеал да го победи срамот поради својата болест и да се справи со проблемите што се поврзани со неа. Тој, како и милиони други лица, го чека исполнувањето на Божјите величествени ветувања.