Зошто сме тука?
СПОРЕД Библијата, Бог, чие име е Јехова, е бесконечно мудар. Тој е извор на целокупната космичка енергија и Творец на вселената (Псалм 83:18; 92:5). Во првото поглавје од Библијата стои: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“. Потоа, Бог го направил човекот според својот „лик“, односно со особини како неговите, и му рекол да се намножи и да ја наполни Земјата (1. Мојсеева 1:1, 26, 28).
Дали ова значи дека Бог ја создал вселената, вклучувајќи ја и Земјата, како и животните и растенијата на неа, само за луѓето? Дали сме тука само за да живееме неколку децении, да јадеме, да пиеме и да се размножуваме?
Зошто Бог нѐ создал?
Јехова Бог ги создал луѓето од љубов — бидејќи сакал да ги сподели животот и среќата со нив. Несомнено, Бог многу се радувал додека обликувал секакви материјални творби за да биде човекот опкружен со убавина и изобилство. Што е најважно, луѓето требало да бидат блиски со својот Творец, да го познаваат и да комуницираат со него. Биле создадени да живеат вечно во совршени услови и во мир (1. Мојсеева 3:8, 9; Псалм 37:11, 29).
Јехова им дал на луѓето работа што ќе ги исполнува. На првите маж и жена, Бог им рекол: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја, и владејте над морските риби, над небесните суштества што летаат и над сите суштества што се движат по земјата!“ (1. Мојсеева 1:28). Значи, првиот брачен пар и нивното потомство требало да ја претворат целата Земја во прекрасен рај.
Но, работите не испаднале веднаш онака како што ги замислил Бог.a Сепак, неговата првобитна намера со човештвото сигурно ќе се исполни (Исаија 46:9-11; 55:11).
Во меѓувреме, желбата, односно потребата на човекот да го запознае Бог и да биде близок со него се гледа во неговата потрага по смисла во животот. Човекот е обдарен со разум и со желба да истражува и да разбере зошто се случуваат работите околу него. Библијата вели дека луѓето засекогаш ќе учат за Бог и за она што тој го создал, а тоа е нешто што ќе ги исполнува.
Еве како еден библиски писател опишал која е смислата на животот: „Ја набљудував работата која Бог им ја даде на синовите човечки за да се занимаваат со неа. Тој направил сѐ да е убаво во свое време. Дури и вечноста им ја ставил на луѓето в срце, за да не можат да ги сфатат во потполност делата кои вистинскиот Бог ги направил. Сознав дека за нив нема ништо подобро отколку да се веселат и да прават добро во животот, и секој човек да јаде и да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд. Тоа е дар Божји“ (Проповедник 3:10-13). Значи, луѓето никогаш нема да престанат да учат за Бог и за она што тој го создал.
Учи за Бог
За Бог можеш да учиш преку неговото творештво. Еден библиски писател рекол дека Божјите „невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:20). Точно, од она што Јехова го создал можеме многу да научиме за неговата љубов, мудрост и моќ.
Друг важен извор на информации за Бог е Библијата. Од оваа книга напишана под негово водство можеме да научиме за неговите гледишта, особини и намери многу повеќе отколку од она што го создал.
Во врска со Божјата намера, Библијата вели: „Небесата му припаѓаат на Јехова, а земјата им ја дал на синовите човечки“ (Псалм 115:16). Се чини дека од целата вселена, единственото место на кое можат да живеат луѓето е Земјата, која Јехова ја направил токму за таа цел.
Но, што да се каже тогаш за бесконечниот космос? Дали ѕвездите што нѐ опкружуваат постојат само за да се одржува совршена рамнотежа во Сончевиот систем која овозможува живот на Земјата? Дали небесните тела постојат само за да го красат ноќното небо? Мора да признаеме дека има уште многу работи за кои сѐ уште немаме одговор. Но, тоа е добро! Зошто?
Ни целата вечност не е доволна за луѓето да разберат сѐ што направил Бог и што има намера да направи. Тој сака постојано да откриваме нови работи и засекогаш да бидеме среќни. Кога послушните луѓе ќе живеат вечно и среќно на Земјата, ќе можат да откријат уште многу работи за вселената.
[Фуснота]
a Злото и страдањето се причина зошто многу луѓе не можат да веруваат дека постои Творец кој ги сака. За оваа тема се дискутира во 11. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
[Истакната мисла на страница 9]
Човекот е обдарен со разум и со желба да истражува и да разбере зошто се случуваат работите околу него
[Слики на страница 10]
Библијата покажува дека Земјата е создадена првенствено за луѓето да се радуваат на животот на неа