Што вели Библијата
Можеш да ги задоволиш своите духовни потреби
ЧОВЕКОТ има духовни потреби кои се исто толку важни колку и потребата од храна. Кога станува збор за исхраната, имаме голем избор од секакви јадења што нѐ одржуваат во живот. Дали истото важи и за духовноста? Постојат безброј културни и верски обичаи за кои се вели дека ги задоволуваат нашите духовни потреби.
Многумина мислат дека, сѐ додека правиш нешто поврзано со духовни работи, не е важно во што ќе веруваш или како ќе го обожаваш Бог. Што мислиш ти за тоа? Дали е важно како ги задоволуваш твоите духовни потреби? Што вели Библијата за ова прашање?
Духовност — што навистина е тоа?
Во 1. Мојсеева 1:27, Библијата ни открива зошто можеме да ги разбереме духовните работи: „Бог го создаде човекот според својот лик, го создаде според Божјиот лик — ги создаде машко и женско“. Бидејќи Јехова Бог е дух, оваа изјава не значи дека сме слични на Него во физички поглед, туку дека можеме да покажуваме слични особини. Исто како неговиот Творец, и првиот човек, Адам, можел да цени и да покажува особини како несебична љубов, љубезност, сочувство, правда, самосовладување. Тој бил обдарен и со совест — внатрешно чувство за исправно и погрешно — која требало да му помага да ја користи својата слободна волја во склад со Божјите закони. Овие карактеристики го правеле различен од животните и на еден посебен начин го оспособиле да ја врши волјата на својот Творец (1. Мојсеева 1:28; Римјаните 2:14).
Библијата открива една работа што е неопходна за да ги задоволиме духовните потреби. Во 1. Коринќаните 2:12-15 стои дека духовен човек е оној што го добива Божјиот дух. Овој дух е силата со која се служи Бог и без него не би можеле да ги разбереме духовните работи. Тој овозможува еден човек да ги истражува работите и да гледа на нив онака како што гледа Бог. Од друга страна, оној што нема Божји дух е наречен телесен човек за кого духовните работи се глупост. Затоа, неговите заклучоци се темелат само на она што го открива човечката мудрост.
Значи, иако имаме способност да размислуваме и да постапуваме како Бог затоа што сме создадени по неговиот лик, не можеме да ја развиваме нашата духовност само преку самосвесност, човечка мудрост или личен напор. За тоа е потребно влијанието на Божјиот свет дух. Всушност, за оние што не дозволуваат овој дух да дејствува врз нив, туку свесно ги следат своите желби и прават безбожни работи, се вели дека не се духовни личности. Нив ги водат телесните пориви и склоности (1. Коринќаните 2:14; Јуда 18, 19).
Како да ја задоволиш оваа потреба
Како прво, за да ги задоволиме нашите духовни потреби, мораме да признаеме дека Јехова е Творецот и дека нему му го должиме животот (Откровение 4:11). Тоа ќе ни помогне да сфатиме дека, колку повеќе ја вршиме неговата волја, толку поголема смисла има нашиот живот (Псалм 115:1). Вршењето на Божјата волја е смислата на нашиот живот. Тоа е аспект на нашите духовни потреби кој е исто толку важен колку и физичката потреба од храна. Затоа, Исус, човекот кој бил познат по својата духовност, можел да каже: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној што ме испрати“ (Јован 4:34). Вршењето на Божјата волја го зајакнувало, го освежувало и му причинувало задоволство.
Бидејќи сме создадени по Божјиот лик, задоволувањето на нашите духовни потреби зависи и од тоа дали ја усогласуваме нашата личност со Божјата (Колошаните 3:10). На тој начин, избегнуваме постапки со кои би се понижиле или кои би ни ги нарушиле односите со другите (Ефешаните 4:24-32). Ако избереме да живееме според Јеховините мерила, ќе имаме чиста совест, а со тоа и подобар живот и душевен мир (Римјаните 2:15).
Исус открил уште едно темелно начело во врска со задоволувањето на духовните потреби. Тој рекол: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4). Мораме постојано да работиме на нашата духовност. Преку Библијата, Јехова ни дава одговор на важни прашања поврзани со животот — прашања кои си ги поставуваат сите луѓе (2. Тимотеј 3:16, 17).
Извор на вистинска среќа
За да го смири гладот, едно лице би можело да јаде брза, неквалитетна храна. Истото важи и во духовен поглед — би можеле да „се храниме“ со активности и филозофии кои навидум нѐ заситуваат духовно. Но, исто како што лошата исхрана може да доведе до неисхранетост, болест или нешто уште полошо, ако не ги задоволуваме духовните потреби на исправен начин, на крајот ќе претрпиме штетни последици.
Но, ако стекнеме добар однос со Јехова Бог, ако се трудиме да ја вршиме неговата волја и ако го следиме неговото водство, ќе се увериме колку е точна библиската изјава: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).
ШТО МИСЛИШ?
◼ Зошто имаме духовни потреби? (1. Мојсеева 1:27)
◼ Можеме ли сами да си ги задоволиме овие потреби? (1. Коринќаните 2:12-15)
◼ Што мораме да правиме за да ги задоволиме духовните потреби? (Матеј 4:4; Јован 4:34; Колошаните 3:10)
[Истакната мисла на страница 13]
Ако не ги задоволуваме духовните потреби на исправен начин, на крајот ќе претрпиме штетни последици