Младите прашуваат
Како да разговарам со моите родители?
„Дадов сѐ од себе да им кажам на родителите како се чувствувам, но не успеав. Ме прекинаа. Едвај собрав смелост да им кажам што ме мачи, и пак не испадна како што треба!“ (Рената)a
КОГА беше помал, родителите веројатно беа првите кај кои одеше да бараш совет. Можеше да разговараш со нив за сѐ — дури и за најбанални работи. Ти беше лесно да им кажеш што мислиш и како се чувствуваш и имаше доверба во нивниот совет.
Но, сега ти се чини дека сте на различна бранова должина. „Една вечер, за време на вечерата се расплакав и им кажав на родителите што ми лежи на срце“, вели една девојка по име Ели. „Тие ме слушаа, но ми изгледаше дека не ме разбираат.“ До што водело тоа? „Отидов во собата и продолжив да плачам!“
Од друга страна, понекогаш можеби повеќе би сакал да не им се отвориш на родителите. „Со родителите разговарам за многу работи“, вели едно момче по име Кристијан. „Но, убаво ми е понекогаш да не знаат сѐ што си мислам.“
Дали е погрешно некои мисли да ги задржиш само за себе? Не, доколку тоа не го правиш за да измамиш некого (Изреки 3:32). Меѓутоа, сеедно дали ти се чини дека родителите не те разбираат или ти е тешко да им се отвориш, едно е сигурно: Ти треба да разговараш со нив, а тие треба да чујат што те мачи.
Не престанувај да разговараш со нив!
Комуницирањето со твоите родители би можеле да го споредиме со возење автомобил. Ако на патот наидеш на препрека, нема да се откажеш, туку ќе бараш друг пат по кој ќе продолжиш да возиш. Размисли за следниве примери:
Препрека бр. 1: Сакаш да зборуваш, но изгледа дека родителите не те ни слушаат. „Тешко ми е да комуницирам со татко ми“, вели една девојка по име Лија. „Некогаш кога му кажувам нешто, тој по некое време ќе ми рече: ‚Извини, мене ли ми зборуваш?‘“
ПРАШАЊЕ: Што ако Лија навистина има потреба да зборува за некој проблем? Има најмалку три опции:
Опција А
Да му се развика на татко ѝ. „Тато, ова ми е важно! Дај, сослушај ме!“
Опција Б
Да престане да зборува со татко ѝ. Лија би можела едноставно да крене раце и да престане да зборува со родителите за своите проблеми.
Опција В
Да начека погоден момент и повторно да се обиде да започне разговор. Лија би можела да разговара со татко ѝ лично, а би можела и да му напише писмо во кое ќе му објасни што ја мачи.
Според тебе, која опција би требало да ја избере Лија? ..............
Да ја разгледаме секоја од овие опции и да видиме до што би можеле да водат. На татко ѝ на Лија многу работи му го одвлекуваат вниманието и поради тоа не е свесен за она што ја мачи. Затоа, ако Лија ја избере опцијата под А, тој можеби нема да разбере зошто таа му вика. Најверојатно, со оваа опција Лија нема да му олесни на татко ѝ да ја сослуша, а со тоа би покажала и непочитување кон родителите (Ефешаните 6:2). Значи, оваа опција не би дала добри резултати.
Опцијата под Б можеби е најлесната, но не и најмудрата. Зошто? Бидејќи „намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор, а успехот лежи во мноштвото советници“ (Изреки 15:22). За да ги реши проблемите, Лија мора да разговара со родителите, а за да ѝ помогнат, тие мора да знаат што се случува во нејзиниот живот. Нема да постигнат ништо од тоа ако престанат да разговараат.
Но, со опцијата под В, Лија нема да дозволи препреката да стане ќор-сокак, туку само ќе го одложи разговорот за другпат. А, ако одлучи да му напише писмо на татко ѝ, можеби уште веднаш ќе ѝ биде полесно. Тоа може да ѝ помогне добро да си ги среди мислите за да знае што сака да му каже на татко ѝ кога тој ќе биде спремен да разговараат. Кога ќе го чита писмото, татко ѝ на Лија ќе сфати што се обидувала да му каже цело време, а тоа може да му помогне подобро да разбере што ја мачи. Значи, опцијата под В е добра и за Лија и за татко ѝ.
Кои други опции ги има Лија? Ако ти текнува некоја, запиши ја на празните линии, а потоа напиши до што би можела да води.
..............
Препрека бр. 2: Родителите сакаат да разговарате, но ти не сакаш. „Нема ништо полошо од тоа да те бомбардираат со прашања после тежок ден на училиште“, вели една девојка по име Сара. „Би сакала да го тргнам училиштето од глава, но само што ќе влезам дома, родителите почнуваат: ‚Како си помина? Имаше ли некакви проблеми?‘“ Се разбира, родителите на Сара ѝ ги поставуваат овие прашања со најдобри намери. Но, таа се жали: „Тешко ми е да разговарам за училиштето кога сум уморна и напната“.
ПРАШАЊЕ: Што би можела да стори Сара во ваква ситуација? Како и во претходниот пример, и таа има најмалку три опции:
Опција А
Да одбие да разговара. Би можела да рече: „Оставете ме на мир. Сега не ми се зборува!“
Опција Б
Да зборува. Иако е напната, Сара би можела мрзоволно да одговара на прашањата од родителите.
Опција В
Да го одложи разговорот за училиштето и да почне да зборува на друга тема. Сара би можела да предложи да поразговараат за училиштето во друга прилика кога ќе биде порасположена. Потоа, со искрен интерес би можела да ги праша: „А како си поминавте вие денес?“
Според тебе, која опција би требало да ја избере Сара? ..............
Да ги разгледаме повторно сите опции и да видиме до што би можеле да водат.
Пред да ја избере опцијата под А, Сара е напната и не ѝ се прави муабет. Откако ќе ја избере оваа опција, таа сѐ уште ќе биде напната, но овојпат ќе ја мачи и чувство на вина бидејќи им се развикала на родителите (Изреки 29:11).
Од друга страна, на родителите на Сара можеби нема да им се допадне нејзината бурна реакција, или ако потоа не им зборува. Можеби ќе се посомневаат дека Сара крие нешто од нив. Можеби ќе ѝ вршат уште посилен притисок да им се отвори, а тоа, се разбира, уште повеќе ќе ја изнервира. На крајот, оваа опција нема да води никаде.
Опцијата под Б очигледно е подобра од опцијата под А, бидејќи во тој случај Сара и нејзините родители барем би зборувале. Но, бидејќи таквите разговори би биле само површни, тоа нема да биде отворена и опуштена комуникација, па затоа и двете страни ќе останат незадоволни.
Меѓутоа, ако ја одбере опцијата под В, Сара ќе се чувствува подобро бидејќи привремено ќе го одложи разговорот околу училиштето. Нејзините родители ќе го ценат тоа што се потрудила да разговара со нив, што значи дека и тие ќе бидат задоволни. Најверојатно, оваа опција ќе даде најдобри резултати бидејќи и двете страни го применуваат начелото од Филипјаните 2:4, каде што стои: „Не грижете се само за себе туку и за другите“.
[Фуснота]
a Некои имиња се сменети.
РАЗМИСЛИ
◼ Колку е важно да се одбере вистинското време за разговор? (Изреки 25:11)
◼ Зошто вреди да се потрудиш да разговараш со родителите? (Јов 12:12)
[Рамка/слика на страница 18]
НЕДОРАЗБИРАЊА?
Дали ти е тешко да разговараш со родителите? Можеби она што им го кажуваш не е она што тие го слушаат.
Кога ќе речеш...
„Нејќам да зборувам за тоа.“
Твоите родители слушаат...
„На другарите можам слободно да им кажам што мислам и како се чувствувам, но вие не ми значите толку за да ви кажувам сѐ.“
Кога ќе речеш...
„Нема да ме разберете.“
Твоите родители слушаат...
„Премногу сте стари и старомодни. Зошто воопшто да се мачите да ме разберете?“
[Рамка/слики на страница 21]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
„Им кажав на моите родители за еден проблем на училиште и се изненадив колку беа спремни да ме сослушаат. Со нивна помош можев лесно да го решам проблемот!“ (Натали)
„Не е секогаш лесно да разговараш со родителите, но ако им се отвориш и им кажеш што те мачи, ќе имаш чувство дека ти паднал камен од срце“ (Даниела)
[Рамка на страница 21]
ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ
Како грижлив родител, можеби се прашуваш дали на твоите деца им е тешко да разговараат со тебе. Разгледај ги изјавите што некои млади ги дадоа за Разбудете се!, кои покажуваат што ги спречувало да разговараат со родителите. Потоа, размисли за прашањата до нив и побарај ги наведените стихови.
„Тешко ми е да започнам разговор со тато кога гледам дека сѐ е на негов грб — и работни обврски и обврски во собранието. Имам чувство дека никогаш не е погодно време да разговарам со него“ (Андреј)
‚Дали несвесно оставам впечаток дека сум презафатен за да разговарам со моите деца? Ако да, како можам да бидам попристаплив? Можам ли редовно да одвојувам време за да разговарам со моите деца?‘ (5. Мојсеева 6:7)
„Со солзи во очите ѝ кажав на мајка ми дека се скарав со некого на училиште. Сакав да ме утеши, но таа ме искара. Оттогаш не сум ѝ се доверил за ништо друго“ (Боби)
‚Како реагирам кога моите деца ќе дојдат да ми кажат за некој проблем? Дури и ако треба да ги искарам, можам ли да се воздржам и сочувствително да ги ислушам пред да им дадам совет?‘ (Јаков 1:19)
„Иако родителите велат дека можеме слободно да разговараме со нив и дека нема да се налутат, сепак се лутат. Тогаш тинејџерите се чувствуваат изневерени“ (Рејчел)
‚Што можам да направам за да не реагирам лошо кога детето ќе ми каже нешто што ме вознемирува?‘ (Изреки 10:19)
„Многу пати ќе ѝ се доверев на мајка ми, а таа веднаш ќе им го кажеше тоа на своите пријателки. Долго време немав доверба во неа“ (Мери)
‚Дали покажувам обѕир кон чувствата на моето дете така што не ги ширам личните работи за кои ми се доверило?‘ (Изреки 25:9)
„Има многу работи за кои би сакала да разговарам со моите родители. Но, ми треба нивна помош да почнам“ (Кики)
‚Можам ли да преземам иницијатива за да разговарам со моето дете? Кога е најдобро време за разговор?‘ (Проповедник 3:7)
[Слика на страница 19]
Препреката во комуникацијата не мора да биде ќор-сокак — можеш да најдеш начин да разговараш со родителите!