Младите прашуваат
Зошто да се грижам за здравјето?
Кои од овие цели би сакал да ги постигнеш? (Означи со ✔)
◯ Да ослабиш
◯ Да имаш поздрава кожа
◯ Да имаш повеќе сила
◯ Да бидеш посвеж
◯ Да ги намалиш стравовите
◯ Да не избувнуваш
◯ Да станеш посигурен
ИМА работи во животот кои ти, како млада личност, не си можел да ги избереш — твоите родители, брат ти или сестра ти, местото на живеење итн. Но, тоа не важи и за твоето здравје. Дали ќе бидеш во форма или не, може да зависи од наследните фактори, но и од начинот на живот што ќе го избереш.a
Можеби си велиш: ‚Млад сум да му ја мислам толку за здравјето!‘ Но, дали навистина е така? Погледни го списокот погоре. Колку од овие цели ги штиклира? Колку и да ти изгледа неверојатно, доброто здравје е неопходно за да ги оствариш.
Можеби размислуваш како Амбер (17),b која вели: „Незамисливо ми е да јадам само интегрална и посна храна без шеќер!“ Ако и ти го имаш истиот став, не грижи се — не мораш да бидеш фанатик за фитнес, да се откажеш од благото или нон-стоп да трчаш. Всушност, потребни се само неколку едноставни промени за да го подобриш својот изглед, да се чувствуваш убаво и да го искористиш својот целосен потенцијал. Да видиме како некои твои врсници успеале во тоа.
Храни се здраво — изгледај подобро!
Библијата ни кажува да бидеме умерени во сѐ. „Не биди... меѓу оние што лакомо јадат“, стои во Изреки 23:20. Не е секогаш лесно да го следиме овој совет.
● „Како и многу други тинејџери, секогаш сум гладен. Моите родители велат дека сум како буре без дно!“ (Ендру, 15).
● „Некои прехранбени продукти ми се чини дека се добри затоа што не го забележувам нивното штетно влијание веднаш“ (Даниела, 19).
Ти треба ли поголемо самосовладување во поглед на храната? Прочитај што им помогнало на некои твои врсници.
Не прејадувај се. „Порано ги броев калориите“, вели Јулија (19), „но сега едноставно престанувам да јадам кога сум сита.“
Избегнувај нездрава храна. „Престанав да пијам газирани сокови“, вели Питер (21), „и за еден месец симнав 5 килограми.“
Отфрли ги лошите навики на исхрана. „Се трудам да не земам репете“, вели Ерин (19).
Тајни на успехот: Не прескокнувај оброци! Во спротивно, ќе прегладнеш, и тогаш е поголема веројатноста да се прејадеш.
Вежбај почесто — чувствувај се убаво!
Библијата вели: ‚Телесното вежбање е корисно‘ (1. Тимотеј 4:8). Но, изгледа дека многу млади не уживаат во физичките активности.
● „Нема да поверувате колку деца имаа единица по физичко кога бев во средно. А тоа беше најлесниот час!“ (Ричард, 21).
● „Некои си мислат: ‚Зошто да се потиш и да се мачиш на ова жешко време наместо да играш видеоигра во која си замислуваш дека си некој друг што го прави тоа‘“ (Рут, 22).
Дали се изморуваш од самото спомнување на зборот „вежба“? Ако да, разгледај три позитивни резултати од редовното вежбање.
1. Вежбањето го зајакнува имунитетот. „Татко ми секогаш вели: ‚Ако не можеш да си најдеш време да вежбаш, најди си време да се разболиш‘“, раскажува Рејчел (19).
2. Кога вежбаш, мозокот ослободува хемиски супстанции што те опуштаат. „Кога имам многу грижи, трчањето многу ме опушта“, вели Емили (16). „Тоа ме освежува и физички и емоционално.“
3. Вежбањето може да биде забавно. „Уживам да бидам надвор“, вели Рут (22), „па затоа моето вежбање се состои од пешачење, пливање, сноубординг и возење велосипед.“
Тајни на успехот: Трипати седмично, одвој најмалку по 20 минути за некоја енергична физичка активност што ти причинува задоволство.
Спиј доволно — постигни повеќе!
Библијата вели: „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“ (Проповедник 4:6). Ако не спиеш доволно, твоите способности драстично ќе се намалат.
● „Кога не сум наспана, не ме бива за ништо. Тешко ми е да се концентрирам на било што!“ (Рејчел, 19).
● „Околу 2 часот попладне се чувствувам толку уморно што би можела да заспијам додека разговарам со некого!“ (Кристине, 19).
Ти треба ли повеќе сон? Еве што им помага на некои твои врсници.
Не останувај до доцна. „Се трудам да си легнам во разумно време“, вели Катрин (18).
Избегнувај разговори до ниедно време. „Понекогаш некој другар ќе ми се јави или ќе ми пише порака доцна навечер“, вели Ричард (21), „но од неодамна почнав да ги прекинувам ваквите разговори за да можам да се наспијам.“
Спиј во ист дел од ноќта. Џенифер (20) вели: „Во последно време се трудам секој ден да си легнувам и да станувам во исто време.“
Тајни на успехот: Постави си за цел секоја вечер да спиеш по 8-10 часови.
Кое од овие три подрачја е твоја слаба страна?
◯ исхраната ◯ вежбањето ◯ спиењето
Напиши една цел што би можела да ти помогне да се подобриш на тоа поле.
․․․․․
Не треба многу за да си го подобриш здравјето. Потребни се неколку едноставни чекори, но користа ќе биде огромна. Запомни дека доброто здравје ќе ти помогне да изгледаш подобро, да се чувствуваш поубаво и да постигнеш повеќе. И, за разлика од други работи, твојата здравствена состојба е нешто над кое имаш некакво влијание. Ерин (19) вели: „На крајот на краиштата, твоето здравје зависи само од една личност — од тебе“.
[Фусноти]
a Се разбира, многу луѓе се борат со некоја болест или се инвалиди, и немаат контрола над тоа. Оваа статија може и ним да им помогне да си го подобрат здравјето во рамките на своите ограничувања.
b Некои имиња во оваа статија се сменети.
РАЗМИСЛИ
● Како може да се одрази врз твојата самодоверба тоа што ќе водиш сметка за здравјето?
● Како можеш да покажеш разумност во поглед на своето здравје? (Филипјаните 4:5)
[Рамка/слики на страница 13]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
Човечкото тело е како автомобил — сопственикот е тој што треба да го одржува. Тоа е една од причините зошто сакам да сум физички активен.
Кога вежбаш со некој во друштво, тоа те тера да продолжиш бидејќи не сакаш да го разочараш другиот.
Ми се допаѓа како се чувствувам додека вежбам. А кога почнувам да изгледам подобро поради вежбањето, се зголемува мојата самодоверба!
[Слики]
Итан
Бриена
Емили
[Рамка на страница 14]
„ГО СМЕНИВ НАЧИНОТ НА ЖИВОТ“
„Бев дебелка уште од 6-годишна возраст. На почетокот грицкав по нешто одвреме-навреме, но тоа постепено ми премина во навика да грицкам нешто постојано! Освен тоа, никогаш не бев физички активна и не сакав да бидам. Пред да станам свесна, бев дебела тинејџерка каква што отсекогаш мразев да бидам. Бев крајно незадоволна од мојот изглед и се чувствував мизерно! Повремено се обидував да ослабам со посебни диети, но по диетата секогаш се здебелував. На 15 години решив да сменам нешто. Сакав да ослабам на исправен начин, и така да задржам стабилна телесна тежина цел живот. Купив книга со совети за здрав живот, а она што го читав се трудев да го применам. Бев одлучна да не се откажам дури и ако извесно време попуштам или се обесхрабрам. И замислете, успеав! За една година изгубив 25 килограми. Сегашнава тежина ја одржувам веќе две години. Не верував дека тоа е можно! Мислам дека успеав затоа што не се потпирав само на начинот на исхрана. Го сменив начинот на живот. Откако го прифатив фактот дека оваа промена ќе влијае на секој аспект од мојот живот, бев спремна и мотивирана да направам сѐ што е потребно“ (Катрин, 18).
[Слика на страница 14]
Твоето здравје е како автомобил — ако не го одржуваш, ќе се расипе