Остеопороза — подмолна болест
Ана (19) закрепнувала од анорексија. Но, еден ден ненадејно се срушила на подот од ужасна болка во грбот. Ѝ биле скршени два прешлена на долниот дел од ’рбетот и изгубила 5 сантиметри од својата висина. Од која причина? Остеопороза.
ЗБОРОТ „остеопороза“ буквално значи „порозна коска“. Оваа болест е наречена подмолна бидејќи честопати нема симптоми на оштетување на коската сѐ додека таа не ослаби толку многу што едно ненадејно оптеретување, удар или пад може да предизвика скршеница — најчесто на колкот, ребрата, прешлените или на рачниот зглоб. Се смета дека остеопорозата ги погодува главно старите жени со кревко здравје. Меѓутоа, како што покажува случајот со Ана, оваа болест се јавува и кај помладите.
Сериозна закана за здравјето
Меѓународната фондација за остеопороза известува дека „во Европската Унија, на секои 30 секунди некој крши коска поради остеопороза“. Во САД, од остеопороза страдаат 10 милиони лица, а истото им се заканува на уште 34 милиони кои имаат слаба коскена маса. Освен тоа, Американскиот институт за здравство известува дека „секоја втора жена и секој четврти маж постари од 50 години ќе имаат скршеница поради остеопорозата“. Но, ваквата ситуација не се менува на подобро.
Во публикацијата Bulletin of the World Health Organization стои дека во наредните 50 години се очекува бројот на скршеници како последица на остеопороза двојно да се зголеми низ целиот свет. Ова предвидување најверојатно се темели на очекувањата да се зголеми бројот на стари лица. Сепак, последиците се застрашувачки. Остеопорозата многу често доведува до инвалидност, па дури и до смрт. Речиси 25 отсто од пациентите постари од 50 години кои го скршиле колкот умираат поради медицински компликации и тоа во рок од една година.
Дали си засегнат и ти?
Неодамнешните истражувања покажаа дека појавата на оваа болест во голема мера зависи од наследните фактори. Ако родителите некогаш скршиле колк, тогаш постои двојно поголема веројатност истото да им се случи и на нивните деца. Друг фактор е неисхранетоста на фетусот, што доведува до слаба густина на коскената маса во детството. Трет фактор е староста. Колку постар е некој, толку покревки му се коските. Некои заболувања, како што се Кушинговата болест, дијабетесот и хипертироидизмот можат исто така да водат до остеопороза.
Во периодот на менопаузата, кај жените се јавува недостиг на хормонот естроген кој ја штити коскената маса. Од оваа причина, бројот на жени заболени од остеопороза е речиси четири пати поголем од бројот на мажи кои страдаат од истата болест. Недостигот на естроген, кој настанува поради хируршко отстранување на јајниците кај жената, може да доведе до рана менопауза.
Постојат два фактора за појава на остеопороза врз кои можеме да влијаеме — навиките на исхрана и начинот на живот. Коскеното ткиво може да страда ако преку храната не се внесува доволно калциум и витамин D. Прекумерната употреба на сол може исто така да биде штетна бидејќи ја зголемува загубата на калциум. Прекумерното пиење, најчесто придружено со неисхранетост, исто така може да ја оштети коската.
Како што беше спомнато на почетокот, Ана заболела од остеопороза како последица на нарушување во исхраната. Ова нарушување водело до неисхранетост, слаба телесна тежина, па дури и до прекин на менструалниот циклус. Поради тоа, нејзиното тело престанало да произведува естроген, па коските ѝ ослабеле.
Уште еден фактор за појава на остеопороза е недостигот на физичка активност. Пушењето е исто така важен фактор, бидејќи може да предизвика послаба минерализација на коските. Според Светската здравствена организација, отприлика една на секои осум скршеници на колкот се должи на пушење. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека кога некој ќе престане да пуши, состојбата на коските се подобрува, а ризикот од добивање скршеница се намалува.
Превентива
Темелот за заштита од остеопороза се поставува во детството и во периодот на адолесценција. Во овој период, се оформува 90 отсто од целокупната коскена маса. Најголем дел од калциумот, хранлива состојка која е многу важна за цврста градба на скелетот, се складира во коските. Некои од главните извори на калциум се млекото и млечните производи, како што се јогуртот и сирењето, потоа конзервираните сардини и лососот (ако се јадат сосе коски), бадемите, овесот, сусамот, тофу и зелениот лиснат зеленчук.
За да може телото да го апсорбира калциумот, неопходен е витаминот D. Овој витамин се произведува во кожата кога таа е изложена на сонце. Мануел Мирасу Ортега, лекар по интерна медицина и член на Мексиканското здружение за метаболизмот на минералите и коските, објаснува: „Секојдневното 10-минутно сончање спречува да дојде до остеопороза бидејќи обезбедува околу 600 единици витамин D. Овој витамин може да се најде и во жолчката од јајцата, морските риби и џигерот.
За да се спречи појава на остеопороза, многу е важно и редовно да се вежба. Во детството и во периодот на адолесценција, вежбите помагаат да се зголеми коскената маса, а на старост, да се спречи загубата на коскената маса. Најдобри се оние вежби при кои мускулите се напрегаат наспроти гравитацијата или некаков друг отпор без да се преоптоварат коските и зглобовите. Одењето, користењето скалила, па дури и танцувањето се едноставни, но ефикасни вежби од ваков вид.a
Превентивата е многу важна во борбата против оваа „тивка“ болест. Како што видовме, тоа вклучува да ја смениме исхраната и начинот на живот, што помага да се зачува коскената маса и да се подобри цврстината на коската. Точно е дека ова може да им биде тешко на повеќето луѓе што водат седечки начин на живот. Но, каква само корист ќе имаат оние што ќе се трудат да ги следат ваквите предлози! Меѓу другото, можеби ќе избегнат да бидат едно од милионите лица низ целиот свет кои страдаат од остеопороза.
[Фуснота]
a Претераното вежбање, до тој степен што ќе го прекине месечниот циклус, може да ги направи коските кревки поради недостиг на естроген. Се препорачува жените постари од 65 години да направат испитување на густината на коските за да утврдат дали и до кој степен имаат остеопороза. Ако оштетувањето на коската е значително, можеби ќе има лекови што ќе ја спречат или ќе ја лекуваат остеопорозата. Меѓутоа, пред да се започне каква било терапија, треба да се земат предвид ризиците и опасностите.
[Истакната мисла на страница 21]
Некои превентивни мерки се менување на исхраната и начинот на живот, што помага да се сочува коскената маса и да се подобри цврстината на коската
[Рамка/слики на страница 19]
Остеопорозата е заболување на коските кое предизвикува нивно оштетување и намалена густина на коскеното ткиво, правејќи ги кршливи. Може да се открие преку снимање со низок степен на зрачење при кое се мери густината на минерализираното ткиво.
[Слики]
Здрава коска
Остеопороза
[Извор на слика]
© BSIP/Photo Researchers, Inc.
[Слика на страница 20]
Физичката активност помага да се спречи губење на коскената маса
[Слики на страница 20]
Бадемите и млечните производи се одличен извор на калциум