Што вели Библијата
Смеат ли жените да држат богослужби?
„ЈАС СУМ изненадена и гневна што не се презема ништо за да можат и жените да служат како свештеници“, стоело во писмото што го напишала една католичка до редакцијата на весникот USA Today. Мнозина го делат нејзиното мислење. На крајот на краиштата, во други религии има жени што служат како свештеници, бискупи и рабини.
И двете страни вклучени во ова спорно прашање — религиите кои забрануваат жени да вршат свештеничка служба и оние кои го дозволуваат тоа — тврдат дека својот став го темелат на Светото писмо. Меѓутоа, Библијата не го поддржува ниту едното ниту другото гледиште. Како е можно тоа? За да одговориме на ова прашање, да видиме најпрво како Библијата го користи грчкиот збор диаконос, кој обично означува лице кое врши одредена служба во некоја религија.
Во првиот век
Зборот диаконос во Библијата има широко значење. На пример, апостол Павле ја претставил христијанката Фива како „нашата сестра, која служи [грчки: диаконос] во собранието во Кенхреја“ (Римјаните 16:1).
Дали си ја замислуваш Фива како стои пред собранието во Кенхреја и држи богослужба? За каква служба, всушност, станувало збор? Во своето писмо до Филипјаните, Павле напишал дека некои жени ‚работеле со него на ширењето на Радосната вест‘ (нагласено од нас; Филипјаните 4:2, 3, Радосна Вест).
Христијаните во првиот век ја ширеле „Радосната вест“ главно така што проповедале „јавно и одејќи од куќа до куќа“ (Дела 20:20). Може да се каже дека оние што учествувале во ова дело вршеле служба. Меѓу нив имало и жени како што била Прискила. Таа, заедно со својот сопруг, ‚поточно му го објаснила Божјиот пат‘ на еден богобојазлив човек кој сѐ уште не бил крстен како христијанин (Дела 18:25, 26). Исто како Фива, очигледно и Прискила, а и многу други жени успешно ја вршеле својата служба.
Почесна улога
Дали ова јавно проповедање било ниска, второстепена задача што ја имале жените, додека мажите ја вршеле поважната задача да предводат во „црквата“? Воопшто не, и тоа од две причини. Како прво, Библијата јасно покажува дека сите христијани, дури и мажите со сериозни одговорности во црквата, односно во собранието, требало да ја вршат оваа јавна служба (Лука 9:1, 2). Како второ, јавната служба била и сѐ уште е главен начин на кој христијаните и христијанките ја исполнуваат Исусовата заповед ‚да прават ученици од луѓето од сите народи и да ги учат‘ (Матеј 28:19, 20).
Некои жени имаат уште една многу важна улога во собранието. Павле напишал: „Постарите жени нека... ги поучуваат другите за она што е добро, за да можат да ги учат помладите жени да си ги сакаат мажите, да си ги сакаат децата“ (Тит 2:3, 4). Значи, зрелите жени кои со години живеат според христијанските начела имаат чест да им помагаат на помладите и понеискусни жени да стекнат зрелост. И тоа е една почесна и значајна улога.
Држење богослужба
Меѓутоа, Библијата никаде не спомнува дека жените треба да држат богослужби. Напротив, апостол Павле рекол дека жените „по црквите“ треба „да молчат“. Зошто? Една од причините што ги навел е дека на тој начин сѐ ќе се врши „како прилега и уредно“ (1. Коринќаните 14:34, 40, Превод на МПЦ). За да може „црквата“, односно собранието исправно да функционира, Бог ѝ го доверил поучувањето само на една група. Но, забележи дека ни мажите не добиваат задача да го надгледуваат собранието само затоа што се мажи. Таква задача добиваат само оние мажи кои навистина ги исполнуваат условите изнесени во Библијата (1. Тимотеј 3:1-7; Тит 1:5-9).a
Дали Бог ги понижил жените со улогата што им ја доделил? Не! Не заборавај дека Јехова Бог им доделил една многу важна задача — јавно да сведочат за него (Псалм 68:11). Меѓу Јеховините сведоци денес, мажите и жените кои ја вршат оваа важна служба им помогнале на милиони лица да се покаат и да добијат спасение (Дела 2:21; 2. Петрово 3:9). Ова воопшто не е мала работа!
Бог им искажува чест и на мажите и на жените со тоа што им доделува различни улоги кои придонесуваат да владее мир во собранието. Да наведеме еден пример: очите и ушите вршат задачи кои се надополнуваат за да му помогнат на пешакот да премине една прометна улица. Нешто слично може да се каже за улогите на мажите и жените. Кога секој ја извршува волјата на Бог според улогата што ја добил од него, Тој го благословува собранието со мир (1. Коринќаните 14:33; Филипјаните 4:9).b
[Фусноти]
a Исто така, забележи дека мажите во собранието имаат ограничен авторитет. Тие му се подложуваат на Христос и мораат да ги следат библиските начела (1. Коринќаните 11:3). Освен тоа, лицата кои имаат собраниски одговорности треба да бидат „подложни еден на друг“ и да покажуваат понизност и спремност за соработка (Ефешаните 5:21).
b Кога ја почитуваат улогата што Бог им ја дал на мажите во собранието, христијанките служат и како пример за ангелите на небото (1. Коринќаните 11:10).
ШТО МИСЛИШ?
● Како поучувале жените во христијанското собрание од првиот век? (Дела 18:26)
● Кому му е дадена задачата да го надгледува собранието? (1. Тимотеј 3:1, 2)
● Како гледа Бог на службата на христијанките денес? (Псалм 68:11)
[Истакната мисла на страница 29]
„Јехова испраќа збор — жените што ја објавуваат добрата вест се голема војска“ (ПСАЛМ 68:11)