„Тоа може да биде обична песна“
● Џулијана беше една драга постара христијанка од Филипините која имаше Алцхајмерова болест. Таа не можеше да ги препознае ни сопствените деца. Сепак, кога и да бев во близина, одев да ја посетам.
Џулијана беше врзана за постела и постојано гледаше низ прозорецот. Ми беше тешко кога ја посетував бидејќи повеќе не можеше да се сети на мене. Ме гледаше со широко отворени очи, но во нив немаше живот ниту можеше да се види некаков знак дека ме препознава. Еднаш ја прашав: „Дали сѐ уште размислуваш за Јехова?“ Ѝ раскажав едно искуство и ѝ поставив уште неколку прашања, но изгледаше како ништо да не ме разбира. Тогаш почнав да пеам една песна. Она што се случи потоа многу ме трогна!
Џулијана ја сврте главата, ме погледна и почна да пее со мене! По кратко време, морав да престанам бидејќи не ги знаев напамет сите зборови од песната на јазикот тагалог. Но, Џулијана продолжи да пее. Ги знаеше сите три строфи. Веднаш ја замолив мојата придружничка да позајми песнарка од една жена која е Сведок и живее во близина. Таа брзо се врати. Не го знаев бројот на песната, но случајно песнарката се отвори на вистинското место. Овој пат ја испеавме целата песна заедно. Кога ја прашав Џулијана дали се сеќава на уште некоја, таа почна да пее една стара филипинска љубовна песна.
„Не, Џулијана“, ѝ реков, „не песна од радио, туку од Салата на Царството.“a Тогаш почнав да пеам друга песна од нашата песнарка и таа веднаш ми се придружи. Очите ѝ светкаа од радост. Исчезна празниот поглед, а на целото лице ѝ се разлеа насмевка.
Дотогаш соседите беа дотрчале за да видат од каде доаѓа пеењето. Нѐ гледаа и нѐ слушаа стоејќи до прозорецот. Беше прекрасно да се види како музиката допира до срцето на Џулијана! Таа ѝ помогна да се сети и на зборовите од песната.
Од оваа случка научив дека никогаш не знаеме што може да продре во темнината и да ги трогне оние кои речиси воопшто не можат да ги разберат другите и да комуницираат со нив. Тоа може да биде обична песна.
Недолго потоа, Џулијана почина. На оваа случка се сетив додека ја слушав прекрасната нова музичка снимка што ја издадоа Јеховините сведоци во 2009 година. Би можел да ги прашаш Сведоците од твоето место како да ги набавиш овие прекрасни аудиоснимки.
[Фуснота]
a Име на местата каде што се собираат Јеховините сведоци.