Што вели Библијата
Дали Бог е безлична енергија?
ВОСХИТЕНИ од природата, многу луѓе заклучуваат дека мора да постои некоја сила, т.е. бог. Дали си и ти воодушевен од сложеноста на вселената? Се одушевуваш ли на природните чуда на нашата планета и на неверојатната градба на човечкото тело?
Можеби тоа и тебе те навело да веруваш дека има некаква виша сила. Некои религии учат дека таквата сила живее во планините, дрвјата, небото и во други елементи од материјалната вселена. Други, пак, веруваат дека духовите на предците — меѓу кои има и лоши и добри — се здружуваат, и така настануваат мистериозни сили кои заедно сочинуваат едно Врховно Битие, имено Бог.
Заедничка карактеристика за ваквите верувања е тоа што натприродната сила нема лични обележја. На некои им е тешко да веруваат дека Бог има мисли, чувства, намери и желби. Дали Бог е вистинска личност? Библијата — една од најстарите свети книги која денес е нашироко достапна — дава јасен одговор на ова прашање.
Човечката природа ни покажува каков е Бог
Библијата учи дека човекот бил создаден како битие кое ги одразува Божјите особини. Во 1. Мојсеева 1:27 стои: „Бог го создаде човекот според својот лик, го создаде според Божјиот лик“.
Јасно е дека овие зборови не значат дека првите луѓе биле верна копија на Бог. За разлика од Бог, за кого Библијата вели дека е невидлив дух, луѓето се направени од видливи и опипливи земни елементи (1. Мојсеева 2:7; Јован 4:24). Ако ја тргнеме настрана оваа основна разлика помеѓу Бог и луѓето и ако ги разгледаме човековите карактеристики, може да добиеме претстава какво битие е Бог.
Луѓето можат да ја користат својата сила и да постапуваат свесно и промислено. Ваквите постапки можат да произлезат од обележја како што се добротата, способноста за расудување, мудроста и чувството за правда. Луѓето, исто така, можат да покажуваат најразлични чувства — од нежна љубов до омраза и гнев. Различните комбинации од овие карактеристики нѐ прават различни личности. Да, секој од нас има посебен карактер, секој е своја личност.
Логично ли е Бог да нѐ создал како комплексни личности ако тој е безлична енергија што само бесцелно талка некаде? Ако луѓето биле создадени по Божји лик, тогаш Бог во многу аспекти би бил сличен на човекот. Размисли за следново:
Бог има лично име. Во Библијата, во Исаија 42:8, стои: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име“. Бог сака да се објавува неговото име. Затоа Библијата го вели следново: „Нека е благословено името на Јехова отсега и довека! Од изгрејсонце до зајдисонце нека се фали името на Јехова!“ (Псалм 113:2, 3). Затоа, слугите на Бог често го користат неговото име, што покажува дека тој за нив е личност.
Бог е единствен. Библијата учи дека никој не е како Бог (1. Коринќаните 8:5, 6). Таа вели: „Голем [си], Севишен Господару Јехова! Никој не е како тебе и никој не е Бог освен тебе“ (2. Самоилова 7:22). Светото Писмо го опишува Јехова и како „вистинскиот Бог горе на небото и долу на земјата. Нема друг“ (5. Мојсеева 4:39).
Јехова Бог ја мрази злобата. Само личност може да чувствува омраза. Библијата ни кажува дека некои од работите кои Творецот ги мрази се „горделиви очи, лажлив јазик и раце што пролеваат невина крв, срце што крои зли планови, нозе што брзо трчаат кон зло, лажен сведок што зборува лаги и оној што подбуцнува караници меѓу браќата“ (Изреки 6:16-19). Дали забележа дека на Бог му е одвратно кога луѓето им прават зло на другите? Тоа покажува дека Бог се грижи за нас и дека го мрази сето она што може да ни наштети.
Јехова е грижлив Бог. Библијата објаснува дека Бог многу ги сака „луѓето од овој свет“ (Јован 3:16, Радосна Вест). Таа го споредува со нежен татко кој им го мисли најдоброто на своите деца (Исаија 64:8). Луѓето можат да имаат многу благослови ако го прифатат Бог како свој драг Татко.
Можеш да бидеш Божји пријател
Од Библијата видовме дека Творецот е личност, има свое име и свој карактер. Тој може да ја користи својата сила и да постапува свесно и промислено, поттикнат од своите прекрасни особини како што се добротата, мудроста и чувството за правда. Не е воздржан или недостапен. Напротив, тој вели: „Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ‚Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“ (Исаија 41:13).
Бог има своја намера со човештвото. Библијата вели: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29). Сега кога знаеме дека Јехова е единствен Бог и дека е личност, поттикнати сме да градиме личен однос со него и да уживаме во благословите што им ги нуди на оние кои ќе станат негови пријатели (5. Мојсеева 6:4, 5; 1. Петрово 5:6, 7).
ШТО МИСЛИШ?
● Дали Бог има лично име? (Исаија 42:8)
● Колку вистински богови постојат? (1. Коринќаните 8:5, 6)
● Можат ли луѓето да бидат блиски со вистинскиот Бог? (1. Петрово 5:6, 7)
[Слика на страница 29]
Дали Бог би нѐ создал како комплексни личности ако тој е безлична енергија?