Младите прашуваат
Треба ли да прекинам со школувањето?
Според тебе, кога е време да прекинеш со школувањето?
․․․․․
Кога е време да прекинеш според твоите родители?
․․․․․
ДАЛИ доби два исти одговори? И да е така, ако сѐ уште си ученик, можеби одвреме-навреме посакуваш да излезеш веќе еднаш од школските клупи. Можеш ли да се најдеш во следниве коментари?
● „Понекогаш сум под толкав стрес што не ми се станува од кревет. Се прашувам зошто морам да одам на училиште и да учам нешто што никогаш нема да ми треба?“ (Рејчел)
● „Многупати училиштето ќе ми здосадеше и посакував да прекинам и да си најдам некоја работа. Мислев дека од учењето нема никакво фајде и дека би било попаметно времето да си го трошам за да заработам некоја пара“ (Џон)
● „Секоја вечер ми требаа речиси четири часа за да научам за следниот ден! Не можев да здивнам од домашни задачи, проекти и тестови. Ми се чинеше дека не можам да издржам повеќе и сакав да му ставам крај на школувањето“ (Синди)
● „Во школото имавме тревога за подметната бомба, три обиди за самоубиство, едно самоубиство и насилни банди. Понекогаш ми беше преку глава од сето тоа и ми доаѓаше повеќе да не се појавам таму!“ (Роуз)
Дали и ти имаш слични проблеми? Ако е така, која ситуација те навела да помислиш да го прекинеш образованието?
․․․․․
Да прекинеш или не?
Во некои земји, задолжителното образование трае 5-8, а во други 10-12 години. Значи, не постојат одредена возраст или години на образование што би важеле за сите ученици во светот.
․․․․․
Има и земји во кои образовниот систем ја вклучува можноста еден ученик да го стекне потребното образование дома, без да посетува настава во образовна установа. Ако некој ученик се определи за вакво домашно школување — се разбира, со дозвола и соработка од родителите — не значи дека прекинал со школувањето.
Меѓутоа, ако планираш да го прекинеш школувањето пред да матурираш, сеедно дали станува збор за регуларно или за домашно школување, би било добро да размислиш за следниве прашања:
Што бара законот? Како што беше спомнато, законите за задолжително образование се разликуваат од земја до земја. Колкаво образование пропишува законот во твојата земја? Дали ти го заврши задолжителното образование? Ако прекинеш со школувањето пред годините пропишани со закон, би го прекршил библискиот совет да им бидеш ‚подложен на властите што се над тебе‘ (Римјаните 13:1).
Дали образованието ми помага да си ги остварам целите? Дали знаеш што сакаш да постигнеш со образованието? Не си баш сигурен? Би требало да бидеш! Во спротивно би бил како патник во воз кој нема поим каде патува. Затоа, седни со твоите родители и пополни го прашалникот „Цели во кои ќе ми помогне образованието“, на страница 28. Така ќе ти биде полесно да ги имаш целите јасно пред себе и заедно со родителите да испланираш колкаво образование ти е потребно (Изреки 21:5).
Најверојатно, наставниците и некои други ќе ти го кажат своето мислење во врска со тоа. Но, твоите родители се тие што треба да ја донесат конечната одлука (Изреки 1:8; Колошаните 3:20). Не би било добро да го прекинеш школувањето ако сѐ уште не си го стекнал знаењето што ти е потребно за да го работиш она за што си донел одлука заедно со родителите.
Зошто сакам да прекинам? Внимавај да не почнеш да се залажуваш (Еремија 17:9). Човечка склоност е да си мислиме дека имаме добри причини да постапиме на одреден начин, иако вистинските причини се, всушност, себични (Јаков 1:22).
Напиши од кои себични причини може да се прекине школувањето.
․․․․․
Што напиша? Една таква себична причина би била да се избегне учењето или домашните задачи. Поентата е да процениш зошто сакаш да го прекинеш школувањето. Ако го прекинуваш само за да ти биде полесно, можеби ќе те изненадат следниве неколку факти.
Што има лошо во тоа?
Кога некој предвреме ќе го прекине школувањето, тоа е исто како да скокнал од воз пред да стигне онаму каде што тргнал. Возот можеби е неудобен, а и патниците се непријатни. Но, ако скокнеш од него, нема да стигнеш таму каде што си пошол и најверојатно ќе се повредиш. Истото би важело и ако предвреме прекинеш со школувањето — нема да ги постигнеш целите што си ги зацрта, и најверојатно ќе си направиш проблеми, и тоа не само предвидливи, туку и неочекувани. Еве неколку од можните:
Предвидливи проблеми Најверојатно потешко ќе најдеш работа. Дури и ако најдеш, поголема е веројатноста дека ќе биде послабо платена од онаа што ќе си можел да ја добиеш ако си го завршел школувањето. Тоа значи дека, за да ги покриеш основните трошоци, ќе треба подолго да работиш, и тоа во околности што можеби ќе бидат уште понепријатни од оние што сега ги имаш на училиште.
Неочекувани проблеми Истражувањата покажуваат дека кај оние што предвреме прекинуваат со школувањето поголеми се шансите да имаат послабо здравје, да станат родители на рана возраст, да завршат во затвор и да зависат од социјална помош.
Се разбира, тоа што ќе го завршиш школувањето не е гаранција дека ќе немаш вакви проблеми. Но, зошто сам да си ги врзеш рацете со тоа што предвреме ќе го прекинеш?
Зошто да не прекинеш?
Вистина, кога ќе добиеш слаба оценка или имаш тежок ден на училиште, можеби ти доаѓа да кренеш раце од сѐ и ти се чини дека што и да ти се случи во животот е ништо во споредба со она низ што минуваш сега. Но, пред да ја одбереш „полесната“ варијанта, размисли што велат учениците цитирани претходно за тоа каква корист имале што не прекинале предвреме со школувањето.
● „Научив да бидам истрајна и решителна. Научив и дека, за да уживаш во нешто, мора да го смениш начинот на кој го гледаш. Бидејќи решив да го довршам школувањето, научив работи што ќе ми користат откако ќе матурирам“ (Рејчел)
● „Сега знам дека, ако запнам, можам да си ги остварам целите. На училиште имам некои стручни предмети преку кои добивам корисна обука за она што планирам да го работам“ (Џон)
● „Училиштето уште повеќе ме оспособи да наоѓам решенија за проблемите — и на училиште и надвор од него. Тоа што морав да мислам како да се справам со ситуациите што се појавуваа таму и општо во животот, многу ми помогна да созреам“ (Синди)
● „Училиштето ме подготви за проблемите на работното место. Исто така, имаше многу ситуации што ме принудија да ги преиспитам причините за мојата вера. На крајот, тоа ги зајакна моите религиозни убедувања“ (Роуз)
Мудриот цар Соломон напишал: „Подобар е крајот на една работа отколку нејзиниот почеток. Подобар е оној што е стрплив отколку оној што е вообразен“ (Проповедник 7:8). Значи, наместо да прекинеш со школувањето, стрпливо совладувај ги проблемите што излегуваат. Ако правиш така, на крајот ќе видиш дека работите ќе излезат добро за тебе.
РАЗМИСЛИ
● Како, со тоа што ќе си поставиш цели во кои треба да ти помогне образованието, најдобро ќе го искористиш периодот на школување?
● Зошто е важно да имаш на ум што би сакал да работиш откако ќе завршиш со школувањето?
[Слика на страница 27]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
››Училиштето ми помогна да ги засакам книгите. Прекрасно е да можеш да разбереш нечии мисли и чувства преку читање‹‹
››Проблем ми е да се организирам. Но, да не одев на училиште ќе ми беше уште потешко! Училиштето ми помага да бидам поорганизиран, да се држам за распоред и да ги завршувам важните работи‹‹
[Слики]
Есме
Кристофер
[Рамка на страница 28]
ЦЕЛИ ВО КОИ ЌЕ МИ ПОМОГНЕ ОБРАЗОВАНИЕТО
Главната цел на образованието е да те подготви да најдеш работа што ќе ти помогне да се издржуваш себеси и, евентуално, твоето семејство во иднина (2. Солуњаните 3:10, 12). Реши ли што сакаш да работиш и како училиштето може да ти помогне да се подготвиш за таа работа? За да провериш дали образованието те води во исправен правец, одговори на следниве прашања:
Во што сум добар? (На пример, дали си комуникативен? Дали уживаш да изработуваш или да поправаш нешто? Дали те бива да анализираш и да решаваш проблеми?)
․․․․․
Која работа би ми овозможила да го искористам она во што сум добар?
․․․․․
Какви можности за вработување има во моето место?
․․․․․
Кои предмети што сега ги имам на училиште би ми помогнале да најдам работа?
․․․․․
Какво образование ми е на располагање за да ги остварам своите цели?
․․․․․
Запомни, твоја цел е да стекнеш образование што ќе ти користи во животот. Но, не оди ни во другата крајност — цел живот да учиш, или, така да се каже, да останеш во возот само за да ги избегнеш одговорностите што доаѓаат со годините.
[Рамка на страница 29]
ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ
„Наставниците се досадни!“ „Имам премногу за учење!“ „Едвај успевам да добијам преодна оценка. Зошто воопшто да се мачам?“ Соочени со вакви разочарувања, некои млади се во искушение да го прекинат школувањето пред да ги стекнат вештините што ќе им бидат потребни за да заработуваат. Што би можел да сториш ако твоето дете сака да прекине со школувањето?
Размисли за твојот став кон образованието. Дали за тебе училиштето било чисто губење време — „затворска казна“ што си морал да ја „одлежиш“ сѐ додека не дошол денот кога си можел да се зафатиш со нешто поинтересно? Ако да, тогаш ставот на твоите деца е можеби одраз на твојот став. Факт е дека комплетното образование ќе им помогне да стекнат ‚мудрост и способност за расудување‘ — карактеристики што им се потребни за да бидат успешни како возрасни луѓе (Изреки 3:21).
Обезбеди му услови. Некои ученици би можеле да имаат подобри оценки, но или не знаат како да учат, или немаат соодветни услови, како, на пример, уредна маса, добро осветлување и можност да истражуваат. Можеш да му помогнеш на детето да напредува — и духовно и општо земено — ако му помагаш во учењето и му обезбедиш услови што ќе му олеснат да ги сфати новите работи што ги учи (1. Тимотеј 4:15).
Биди вклучен и ти. На наставниците и на другите педагози гледај како на свои соработници, а не како на непријатели. Запознај се со нив. Разговарај со нив за целите и проблемите на твоето дете. Ако има лоши оценки, обиди се да сфатиш зошто. На пример, дали твоето дете мисли дека ако биде добар ученик, другите ќе го малтретираат? Дали има некаков проблем со некој наставник? Што е со стручните предмети? Наставната програма треба да го поттикне твоето дете да осознава нови работи, а не да му биде товар. Исто така, проблемот може да биде од физичка природа — на пример, лош вид или тешкотија во учењето.
Колку повеќе си вклучен во световното и во духовното образование на твоето дете, толку поголема е веројатноста тоа да успее (Изреки 22:6).
[Слика на страница 29]
Да прекинеш предвреме со школувањето е како да скокнеш од воз пред да стигнеш каде што си тргнал