Жан Креспен и неговата Книга за мачениците
ВО 1546 год., 14 мажи од градот Мо (Франција) биле осудени за ерес и живи запалени. Кој бил нивниот престап? Се собирале во приватни домови, се молеле, пееле верски песни, ја одбележувале Господаровата вечера и изјавувале дека никогаш нема да ги прифатат идолите што папите ги направиле дел од својата религија.
На денот на погубувањето, римокатоличкиот учител Франсоа Пикар почнал да ги испрашува обвинетите за нивните верувања во врска со Господаровата вечера. На неговите прашања и тие му одговориле со прашања во врска со католичкото учење за транссупстанција, според кое лебот и виното што се користат на миса со чудо се претвораат во телото и крвта на Исус. ‚Дали лебот има вкус на месо? Дали виното има вкус на крв?‘ прашале обвинетите.
И покрај тоа што не добиле одговор на нивните прашања, 14-темина осуденици биле врзани на клада и живи запалени. Оние на кои не им биле отсечени јазиците почнале да пеат верски песни. Свештениците кои стоеле околу нив почнале да пеат погласно за да ги надвикаат. Следниот ден, на истото тоа место, Пикар објавил дека 14-темина се осудени вечно да горат во пеколот.
Во 16 век, Европа била опасно место за верските дисиденти. Мнозина од оние што ги оспорувале учењата кои ги усвоила црквата претрпеле ужасни злосторства од страна на нивните верски противници. Еден извор на информации во врска со таквите страдања е делото на Жан Креспен, со наслов Le Livre des martyrs (Книга за мачениците), објавено во Женева (Швајцарија) во 1554 год. Ова дело е познато и како Histoire des martyrs.a
Адвокат што ѝ пристапува на реформацијата
Креспен, кој е роден во 1520 год. во Арас, денешна северна Франција, студирал право во Лувен (Белгија). Најверојатно таму првпат дошол во контакт со идеите на реформаторите. Во 1541 год., Креспен отишол во Париз за да работи како секретар на еден познат правник. Отприлика во тоа време, на Плас Мобер во Париз видел како го палат Клод Ле Пенкр, кој бил осуден како еретик. На Креспен му оставила силен впечаток верата на овој млад златар, кој бил погубен затоа што „им ја објавувал вистината на своите родители и пријатели“, како што рекол самиот Креспен.
Некаде во тоа време, Креспен почнал да работи како адвокат во Арас. Но, кратко потоа бил обвинет за ерес поради неговите нови верувања. За да го избегне судењето, пребегал во Стразбур (Франција) и подоцна отишол да живее во Женева (Швајцарија). Таму Креспен имал контакти и со други реформатори. Се откажал од својата правничка кариера и станал печатар.
Креспен ги печател религиозните дела на реформаторите, како што биле Жан Калвин, Мартин Лутер, Џон Нокс и Теодор Безе. Го отпечатил грчкиот текст на делот од Библијата општопознат како Нов Завет, а ја отпечатил и Библијата — во целост или делови од неа — на англиски, италијански, латински, француски и шпански. Но, делото по кое станал познат било Книга за мачениците. Во него навел голем број лица погубени поради ерес во периодот помеѓу 1415 и 1554 год.
Целта на книгите за мачениците
Повеќето дела што ги напишале реформаторите ја осудувале бруталноста на католичките власти. Нивните книги го храбреле народот со „хероизмот“ на протестантските маченици, кои страдале исто како и Божјите слуги во минатото, вклучувајќи ги и христијаните од првиот век. За да имаат другите протестанти на кого да се угледаат, Креспен составил список на оние што биле убиени поради нивната вера.b
Во книгата на Креспен се наведени судските процеси, некои методи кои биле користени при сослушувањата и извештаи на очевидци, како и сведоштва што обвинетите ги запишале додека биле во затвор. Содржела и писма со охрабрувачки зборови упатени до затворениците, а во некои од нив имало и многу цитати од Библијата. Креспен сметал дека верата на оние што ги напишале „заслужува да остане вечно запаметена“.
Кога зборува за доктрини, во својата книга Креспен главно се задржува на добро познатите несогласувања помеѓу католиците и протестантите. На пример, прогонителите и прогонетите се расправале околу прашања како што се користењето слики и кипови во обожавањето, околу учењето за чистилиште, молитвите за умрените, како и околу тоа дали Исусовата жртва повторно се принесува за време на католичката миса и дали папата е Божји намесник.
Книга за мачениците е доказ за жолчните расправии и нетрпеливоста карактеристични за тоа време на насилство. Иако Креспен се концентрирал на прогонството на протестантите од страна на католиците, не смее да се занемари фактот дека понекогаш и протестантите ги прогонувале католиците со исто толкава суровост.
Низ историјата, лажната религија се извалкала со ‚крвта на пророци и на свети и на сите што биле убиени на земјата‘. И навистина, крвта на оние кои Бог ги признава како негови верни маченици вика за одмазда (Откровение 6:9, 10; 18:24). Најверојатно, некои од оние што страдале и умреле поради својата вера во времето на Жан Креспен најискрено ја барале религиозната вистина.
[Фусноти]
a Еден превод на насловот на делото на Креспен гласи: Книга за мачениците, односно збирка за неколкумина маченици кои биле убиени заради името на нашиот Господар Исус Христос, од Јан Хус до денес (1554). Неколку изменети и дополнети изданија со различна содржина и наслови биле објавени за време на животот на Креспен, а некои по неговата смрт.
b Во 1554 год., истата година кога излегла Книга за мачениците од Креспен, биле објавени уште две книги за маченици — една на германски од Лудвиг Рабус, а друга на латински од Џон Фокс.
[Слика на страница 12]
Насловната страница на „Книга за мачениците“ од Креспен (издание од 1564)
[Слика на страница 13]
Францускиот крал Анри II и неговиот двор гледаат погубување на протестанти
[Извор на слика на страница 13]
Сликите на двете страници: © Société de l’Histoire du Protestantisme Français, Париз