Што вели Библијата
Зошто вистинските следбеници на Исус се предмет на омраза?
„Од луѓето ќе трпите неволји и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве мразат поради моето име“ (МАТЕЈ 24:9)
ИСУС ги кажал овие зборови само неколку дена пред да биде сурово убиен. Последната ноќ пред својата смрт, на неговите верни ученици им рекол: „Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:20, 21). Но, зошто луѓето би ги мразеле оние што го слушаат Исус и се трудат да бидат како него? Тој самопожртвувано им помагал на другите, тешејќи ги сиромашните и давајќи им надеж на угнетените.
Библијата открива конкретни причини за таа омраза. Да ги разгледаме и да видиме зошто луѓето што го следат Исус денеска се соочуваат со слично противење како и тој.
Противење од незнаење
Исус им рекол на своите следбеници: „Доаѓа часот кога секој што ќе ве убие ќе мисли дека му служи на Бог. Но тоа ќе го прават затоа што не го запознале ниту Таткото ниту мене“ (Јован 16:2, 3). Точно, мнозина од оние што го прогонувале Исус тврделе дека му служат на истиот Бог на кој му служел и тој, но всушност, биле под влијание на лажни религиозни верувања и традиции. Тие ‚ревносно се труделе да му угодат на Бог, но не знаеле точно што е неговата волја‘ (Римјаните 10:2). Еден од тие противници бил и Савле од Тарс, кој подоцна станал христијанин познат како апостол Павле.
Савле бил припадник на една група позната под името фарисеи, политички моќна и влијателна еврејска секта која била против христијанството. „Бев хулител, прогонител и дрзок човек“, признал подоцна Савле. Исто така, рекол: „Бев во незнаење и го правев тоа додека немав вера“ (1. Тимотеј 1:12, 13). Но, штом ја дознал вистината за Бог и за Божјиот Син, тој веднаш се променил.
Денес истото е случај и со мнозина што порано ги прогонувале вистинските христијани. А некои од нив, исто како Савле, потоа и самите трпеле прогонство. И покрај тоа, тие не вратиле зло за зло, туку го послушале советот на Исус: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат“ (Матеј 5:44). Јеховините сведоци се трудат да живеат според овие зборови со надеж дека барем некои од оние што им се противат ќе се променат, како што било случај со Савле.
Противење од завист
Многу од оние што му се противеле на Исус го правеле тоа од завист. Дури и римскиот управител Понтиј Пилат ‚знаел дека главните свештеници го предале Исус од завист‘ за да биде прикован на столб (Марко 15:9, 10). Зошто еврејските верски водачи му завидувале на Исус? Една причина било тоа што народот, кој тие го презирале, го сакал Исус. „Светот отиде по него!“ се жалеле фарисеите (Јован 12:19). Исто и подоцна, кога виделе дека луѓето убаво реагираат на службата на следбениците на Исус, религиозните противници станале „полни со љубомора“ и повеле жестока хајка против христијанските проповедници (Дела 13:45, 50).
На други противници им пречело доброто однесување на Божјите слуги. Апостол Петар им рекол на сохристијаните: „Поради тоа што повеќе не трчате со нив [злобните] во истата таа тиња на распуштеноста, се чудат и зборуваат срамно за вас“ (1. Петрово 4:4). Ист таков негативен став постои и денеска. Се разбира, иако не се однесуваат неисправно, вистинските христијани не се самоправедни ниту се прават дека се подобри од другите. Всушност, тоа би било нехристијански, затоа што сите луѓе се грешници и на сите подеднакво ни е потребна милоста од Бог (Римјаните 3:23).
Мразени затоа што ‚не се дел од светот‘
„Немојте да го сакате ниту светот ниту она што е во светот“, вели Библијата (1. Јованово 2:15). На што укажал апостол Јован со изразот „светот“? На сите луѓе што не се во добар однос со Бог и кои му се потчинуваат на Сатана. Тој е „богот на овој свет“ (2. Коринќаните 4:4; 1. Јованово 5:19).
За жал, некои од оние што го сакаат овој свет заедно со сѐ што е лошо во него им се противат на оние што се трудат да живеат според учењата на Библијата. Затоа, Исус им рекол на своите апостоли: „Да бевте дел од светот, светот ќе ве сакаше зашто ќе бевте негови. Но бидејќи не сте дел од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази“ (Јован 15:19).
Колку е жално што некои луѓе ги мразат оние што му служат на Јехова само затоа што не се како останатите од овој свет преполн со корупција, неправда и насилство и со кој владее Сатана! Многу луѓе искрено се трудат да создадат подобар свет, но тие не се достоен противник на неговиот невидлив владетел. Само Јехова Бог може да му стави крај на Сатана — и ќе му стави, така што засекогаш ќе го уништи, како да е фрлен во оган! (Откровение 20:10, 14).
Оваа светла надеж е клучниот дел на бесценетата „добра вест за царството“ што Јеховините сведоци денеска ја објавуваат низ целиот свет (Матеј 24:14). Тие се цврсто уверени дека само Божјето Царство, односно владата на чие чело е Христос, ќе донесе траен мир и среќа на Земјата (Матеј 6:9, 10). Затоа, и понатаму ќе продолжат да го објавуваат тоа Царство, уверени дека многу поважно е како ги гледа Бог од тоа како ги гледаат луѓето.
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто Савле од Тарс ги прогонувал следбениците на Христос? (1. Тимотеј 1:12, 13)
● Кој погрешен став ги водел некои непријатели на Исус? (Марко 15:9, 10)
● Како гледаат на овој свет вистинските христијани? (1. Јованово 2:15)
[Слика на страница 21]
Во 1945 год., Јеховините сведоци биле нападнати од толпа во Квебек (Канада) затоа што ја проповедале добрата вест за Божјето Царство
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Canada Wide