Што вели Библијата
Зошто е важно како зборуваш
По еден љубезен разговор, без да е свесен дека микрофонот сѐ уште е вклучен, премиерот ја нарекол постарата жена, со која само што го завршил разговорот, лицемерна верничка и почнал да ги прекорува вработените што воопшто ја пуштиле кај него. Јавноста била шокирана од зборовите што ги кажал за жената. Поради извалканиот углед, премиерот изгубил на следните избори, кои се одржале само осум дена подоцна.
НЕМА човек што може совршено да си го контролира јазикот (Јаков 3:2). Сепак, случката што беше опишана открива дека зборовите се важни. Твојот углед, твојата кариера, па дури и дали ќе бидат успешни или неуспешни твоите односи со другите, сето ова зависи од начинот на кој зборуваш.
Но, твоите зборови откриваат уште нешто. Библијата објаснува дека говорот е прозорец кон душата, односно открива каква личност си. Исус рекол: „Устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Матеј 12:34). Бидејќи твоите зборови се одраз на твоите чувства и мисли, важно е добро да се преиспиташ како зборуваш. Може ли Библијата да ти помогне во тоа? Да. Да видиме како.
Како да го подобриш начинот на кој зборуваш
Зборовите се мисли преточени во говор. За да го подобриш начинот на кој зборуваш, мора да го подобриш начинот на кој размислуваш. Да видиме како Божјата Реч може да влијае на твоите мисли, а со тоа и на твојот говор.
Исполни го срцето со добри работи. Библијата кажува кои работи се добри: „Сѐ што е вистинито, сѐ што е благородно, сѐ што е праведно, сѐ што е чисто, сѐ што е допадливо, сѐ што е пофално, сѐ што е доблесно и сѐ што е достојно за фалба, за тоа размислувајте“ (Филипјаните 4:8).
Ако го послушаш овој убав совет, ќе успееш да ги оттргнеш неисправните мисли. Имај на ум дека врз мислите многу влијае она што го гледаш и слушаш. За да немаш негативни и нечисти мисли, избегнувај сѐ што ќе ти влијае негативно. Тоа значи дека не треба да имаш ништо со забава во која се прикажува насилство и неморал (Псалм 11:5; Ефешаните 5:3, 4). Наместо тоа, размислувај за чисти, позитивни работи. Библијата може да ти помогне во тоа. На пример, прочитај Изреки 4:20-27, Ефешаните 4:20-32 и Јаков 3:2-12. Ќе видиш дека, ако ги применуваш начелата што ги содржат овие стихови, ќе можеш да го подобриш својот говор.a
Размисли пред да кажеш нешто. „Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е лек“, се вели во Изреки 12:18. Ако често ти се случува да ‚прободиш‘ некого, односно да го повредиш со своите зборови, добро е да почнеш да мислиш пред да кажеш нешто. Нека те води убавиот совет од Изреки 15:28: „Срцето на праведникот промислува што ќе одговори, а од устата на злите луѓе извира зло“.
Постави си цел. Во текот на следниот месец, биди цврсто решен да не го кажеш првото нешто што ќе ти падне на ум, особено кога си испровоциран. Наместо тоа, размислувај за стиховите што се спомнати во оваа статија и свесно терај се да зборуваш мудро, смирено и со љубов (Изреки 15:1-4, 23). Но, тоа не е сѐ.
Моли го Бог да ти помага. Еден библиски писател напишал: „Зборовите на мојата уста и размислувањето на моето срце нека ти бидат пријатни, о Јехова“ (Псалм 19:14). Кажи му на Јехова Бог дека сакаш да зборуваш на начин што му се допаѓа нему и е пријатен за луѓето во твое друштво. Во Изреки 18:20, 21 пишува: „Од плодот на устата стомакот се полни, од родот на јазикот се храни. Јазикот има моќ и да убива и да оживува“ (Радосна Вест).
Божјата Реч нека ти биде огледало. Библијата е како огледало во кое можеш добро да се видиш себеси (Јаков 1:23-25). На пример, додека размислуваш за следниве три библиски начела, прашај се: ‚Какви се мојот говор и однесување во однос на она што го читам?‘
„Благиот одговор го смирува гневот, а остриот збор предизвикува лутина“ (Изреки 15:1). Дали зборувам на благ, мирен начин?
„Никаков лош збор да не излегува од вашата уста, туку само оној што е добар, за да ги изградува другите според потребата и да им биде од корист на оние што го слушаат“ (Ефешаните 4:29). Дали моите зборови ги изградуваат другите?
„Вашиот збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол, да знаете секому да му одговорите како што треба“ (Колошаните 4:6). Дали се трудам, дури и во тешки ситуации, она што ќе го кажам да звучи пријатно, со што на другите ќе им биде полесно да ме сослушаат?
Откако ќе ги поправиш мааните што си ги гледаш во огледало, стануваш попретставителен за другите, а и самиот се чувствуваш подобро. Истата корист ќе ја имаш и ако се подобриш во начинот на кој зборуваш така што ќе се погледнуваш во Божјата Реч, која е како огледало.
[Фуснота]
a Повеќе материјал на темел на Библијата може да најдете на www.watchtower.org.
ШТО МИСЛИШ?
● Што покажува за тебе начинот на кој зборуваш? (Лука 6:45)
● Како треба да зборуваш со другите? (Ефешаните 4:29; Колошаните 4:6)
● Што можеш да направиш за да го подобриш начинот на кој зборуваш? (Псалм 19:14; Филипјаните 4:8)
[Слика на страница 11]
Нашите зборови влијаат врз нашиот углед и врз односите со другите