Младите прашуваат
Како да оставам добар впечаток?
„Разговорот тече супер! На мојот иден шеф сигурно му е јасно дека сум опуштен, спонтан тип — веднаш почнав да го викам по име. Сто посто сум сигурен дека ќе ме вработи!“
„Зарем ова е истото момче што ја прати онаа одлична биографија? Нема шанси да го вработам! Ако вака се однесува сега, којзнае каков ќе биде ако ја добие работата?“
Погледни ја сликата и повторно прочитај го текстот погоре. Можеш ли да најдеш три работи со кои овој кандидат остава лош впечаток кај работодавецот?
1. ․․․․․
2. ․․․․․
3. ․․․․․
● Одговорите се дадени подолу
1. Облечен е премногу лежерно за приликата. 2. Неговиот говор (тоа што на работодавецот му се обраќа по име) е премногу слободен. 3. Со своето држење покажува непочитување.
ЗАМИСЛИ СИ дека првпат пробуваш некое јадење. Колку време ќе ти треба за да сфатиш дали ти се допаѓа или не? Само еден залак може да биде доволен за да знаеш дали некогаш повторно ќе го јадеш тоа јадење — дури дали и ќе го довршиш она што е пред тебе.
Нешто слично се случува и кога првпат ќе се запознаеш со некого. Доволен ти е само миг за да стекнеш некакво мислење за него. Но, имај го ова на ум: Исто толку време им е доволно и на другите да стекнат мислење за тебе.
Дали бараш работа? Пријател? Брачен другар? Дали ќе успееш во тоа може да зависи од првиот впечаток што ќе го оставиш. Да разгледаме три подрачја на кои можеби ќе треба да се подобриш за да им оставиш добар впечаток на другите.
1. Како изгледаш
Колку и да ти звучи нефер, првиот впечаток што ќе го добијат луѓето за тебе може да се темели на она што најпрво ќе го забележат — твојот изглед. Обично луѓето мислат дека првиот впечаток не е толку важен. Една девојка по име Кларисаa вели: „Во последно време, кога ќе отидеш во ресторан, не знаеш во што ќе ги видиш луѓето — во свечени фустани или во пижами!“
Се разбира, облеката треба да одговара на приликата. На пример, нема да се облечеш исто кога одиш на разговор за работа и кога одиш на плажа! Но, што ако не си сигурен како да се облечеш? Најважно е да бидеш разумен и да не одиш во крајности. Кога не си сигурен, подобро е да одиш со покласична варијанта.
ЗАПАМТИ! Твојата облека и твојот изглед, како една рендген снимка, можат да покажат каков си однатре, каква личност си.
„Кога на некој собир ќе видам луѓе што претерале со облеката, не сакам ни да се запознаам со нив. Во тој момент, сѐ што знам за нив е нивниот изглед, кој не ги прикажува во најдобро светло“ (Дајана).
Библијата нѐ советува ‚да се облекуваме пристојно‘ зашто тоа покажува дека сме „скромни и разборити“ (1. Тимотеј 2:9).
Прашај се: ‚Дали се облекувам вкусно и пристојно или неуредно? Дали, кога ќе ја види мојата облека, потенцијалниот работодавец, пријател или брачен другар ќе заклучи дека не сум „разборит“?‘
Предлог: Побарај совет од некој што го почитуваш поради добриот вкус за облека.
2. Како зборуваш
Твојот говор открива дали си понизен или вообразен, дали си дружељубив или премногу сериозен. Имај го ова на ум ако сакаш да оставиш добар впечаток кај некој од спротивниот пол. „Многу ме нервира кога некое момче зборува само за себе“, вели една девојка по име Валерија. Потоа додава: „Некои момчиња, пак, одат во другата крајност и сакаат веднаш да дознаат сѐ за тебе. Тоа ми оди на живци и просто ми доаѓа да побегнам од таквите“.
ЗАПАМТИ! Твоите зборови се како прозорец низ кој другите можат да видат каква личност си — затоа потруди се да имаат убава глетка!
„Кога ќе се запознаам со некое момче, ми се допаѓа ако се однесува природно. Првата средба е многу важна. Ако момчето мора однапред да го испланира секој збор што ќе го каже, најверојатно се прави нешто што не е“ (Селена).
Библијата вели: „При многу зборови неизбежно се греши, а мудрата уста одмерено збори“ (Изреки 10:19, Радосна Вест).
Прашај се: ‚Што ќе ми помогне да не зборувам ниту премногу ниту премалку? Дали нешто во мојот начин на зборување ги шокира или ги навредува другите?‘
Предлог: Набљудувај ги оние за кои мислиш дека многу убаво знаат да водат разговор. Какви техники користат? Би можел ли и ти да се обидеш со нешто слично?
3. Како се однесуваш
Се вели дека делата зборуваат погласно од зборовите. На пример, ако имаш убави манири, твоите дела „кажуваат“ дека ги почитуваш другите. Ова е уште една работа што треба да ја имаш на ум кога ќе почнеш да размислуваш за брак. „Почит се покажува со мали работи, на пример, да му ја придржиш вратата на некого“, вели една девојка по име Кери. „Многу од тие мали работи се сведуваат на општа култура.“
ЗАПАМТИ! Твоите постапки се како рекламно пано на кое се истакнати твоите внатрешни особини (Изреки 20:11). Каква „реклама“ се твоите постапки за тебе?
„Мислам дека е важно да знаеш да сослушаш. Освен тоа, културно е да не ги прекинуваме другите кога зборуваат, освен ако мораме“ (Наталија).
Библијата вели: „Како што сакате луѓето да ви прават вам, така правете им и вие ним“ (Лука 6:31).
Прашај се: ‚Какви манири имам? Дали другите ми се битни? Можат ли другите да се потпрат на мене? Дали сум точен?‘
Предлог: Кога ќе договориш некој термин, планирај да пристигнеш најмалку десет минути порано за, во случај да ти излезе нешто непредвидено, сепак да бидеш на време. Не дозволувај првиот впечаток што другите ќе го стекнат за тебе да биде дека си човек што доцни!
Но, внимавај — да оставиш добар впечаток не значи да се правиш нешто што не си, зашто тоа би било измама (Псалм 26:4). Наместо тоа, размисли по кои особини би сакал да си познат и потоа труди се да ги развиваш и да ги покажуваш (Колошаните 3:9, 10). Притоа не заборавај дека ти си одговорен за тоа какво мислење ќе имаат другите за тебе. Ако обрнеш доволно внимание на својот изглед, говор и однесување, ќе оставиш добар прв впечаток — впечаток што ќе трае!
[Фуснота]
a Некои имиња во оваа статија се сменети.
[Рамка/слики на страница 27]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
„Кога бираш пријатели, многу е важно добро да ги процениш. Гледам дека моите пријатели влијаат врз мојот став, затоа се дружам со оние што добро влијаат врз мене“
„Дали ќе се спријателиш со некого не зависи од тоа колку си убав или колку пари имаш — фактори што малку зависат од тебе — туку од твоите особини. А врз тоа можеш да влијаеш!“
[Слики]
Сиер
Ешли
[Рамка/слика на страница 27]
РЕЦЕПТ ЗА УСПЕХ . . .
● Срдечна насмевка
● Цврсто ракување (но без да му ја искршиш раката на другиот)
● Добра лична хигиена
● Контакт со очите
[Рамка/слика на страница 28]
НЕ ПРЕТЕРУВАЈ!
Зборувај, НО не доминирај во разговорот
Поставувај прашања, НО не навлегувај во приватноста
Биди љубезен, НО не флертувај
Покажи самодоверба, НО не се фали
[Рамка на страница 28]
ЗОШТО НЕ ГИ ПРАШАШ РОДИТЕЛИТЕ?
Кога бевте на мои години, што правевте за да оставите добар прв впечаток?
․․․․․