Живот без страдање — веродостојно ветување
„[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:4).
МОЖЕМЕ ли да веруваме дека ова прекрасно ветување некогаш ќе се оствари? Размисли за едно од најстарите предупредувања што му биле дадени на човекот. Бог му рекол на Адам дека, ако не му е послушен, ‚сигурно ќе умре‘ (1. Мојсеева 2:17). И умрел, токму како што рекол Бог. Ова, како и смртта и страдањето што ги наследило човештвото се доказ дека можеме да му веруваме на Бог. Тогаш, зарем треба да се сомневаме во Божјето ветување дека на Земјата повторно ќе има совршени услови?
Размисли и за Божјите особини кои беа разгледани во претходната статија. Нашата желба да нема страдање е само одраз на Божјето сочувство, љубов и правда. Освен тоа, светските настани и ставовите што преовладуваат денес покажуваат дека сѐ побрзо наближува времето кога Бог ќе преземе нешто. (Види ја рамката „Кога ќе биде тоа?“)
Зошто само Јехова може да му стави крај на човечкото страдање? Да разгледаме што покажува дека тој, заедно со својот Син Исус, може и ќе ги отстрани основните причини за страдањето кои беа разгледани во претходните две статии.
Личниот избор. Нашиот прататко Адам направил избор со кој им нанел тешки последици на сите негови потомци. Апостол Павле напишал дека „целото создание заедно воздивнува и дека е во болка сѐ досега“ (Римјаните 8:22). Решението на Бог е совршено праведно, одразува ненадминлива милосрдност и е неверојатно едноставно. Во Римјаните 6:23, Библијата објаснува: „Платата за гревот е смрт, а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“.
Совршениот човек Исус не направил никаков грев. Неговата смрт на маченички столб е основа послушните луѓе да бидат ослободени од проклетството на гревот и смртта. Денес имаме надеж да живееме вечно во свет во кој ќе немаме грешна склоност да донесуваме лоши одлуки. Ќе нема ни луѓе кои намерно ќе им нанесуваат страдање на другите зашто „оние што прават зло, ќе бидат истребени“ (Псалм 37:9).
Случајните настани и несовршеноста. Исус Христос, кого Бог го поставил за Цар, има моќ да ги контролира природните сили. Во првиот век од н.е., додека Исус и неговите апостоли пловеле во еден рибарски чамец, ‚се подигнала силна бура, и брановите удирале во чамецот, така што чамецот скоро ќе потонел‘. Кога го замолиле да им помогне, Исус ‚станал, му се заканил на ветрот и му рекол на морето: „Смири се! Молкни!“ И ветрот стивнал, и настанала потполна тишина‘. Неговите ученици останале занемени од чудо. „Дури и ветрот и морето го слушаат“, си велеле еден на друг (Марко 4:37-41).
Под владеењето на Исус, послушното човештво „ќе живее мирно, и нема да се плаши од зло“ (Изреки 1:33). Едно такво зло се и природните катастрофи. Освен тоа, луѓето нема повеќе лошо да владеат со Земјата, да ги прекршуваат градежните стандарди и да бидат неупатени во поглед на природните сили. Никој повеќе нема да настрада затоа што се нашол на погрешно место во погрешно време.
Додека живеел на Земјата, Исус истакнал уште една карактеристика на неговото владеење што ќе го надомести секое страдање кое произлегува од случајните, непредвидени настани. Тој рекол: „Јас сум воскресението и животот“ (Јован 11:25). Да, Исус има моќ и желба да оживее милиони лица што трагично загинале во природните катастрофи. Дали ова е само празно ветување? Исус ни дал добра причина да му веруваме така што вратил во живот некои починати лица додека живеел на Земјата. Библијата зборува за три вакви случаи (Марко 5:38-43; Лука 7:11-15; Јован 11:38-44).
„Владетелот на овој свет.“ Бог го овластил Исус Христос „да го уништи оној што ја има моќта да предизвикува смрт, односно Ѓаволот“ (Евреите 2:14). Исус рекол: „Сега е судењето на овој свет, сега владетелот на овој свет ќе биде исфрлен надвор“ (Јован 12:31). Христос ќе „ги уништи делата на Ѓаволот“ со тоа што Ѓаволот повеќе нема да има влијание врз настаните во светот (1. Јованово 3:8). Замисли колку поинакво ќе биде општеството кога ќе го нема духот на алчност, корупција и себичност што го шири Ѓаволот!
[Рамка на страница 9]
„Кога ќе биде тоа?“
Следбениците го прашале Исус: „Кога ќе биде тоа и кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ (Матеј 24:3). Од она што им го кажал Исус, како и од другите вдахновени списи напишани по неговата смрт, дознаваме што ќе се случува кога ќе биде близу времето што Бог го одредил за да му стави крај на страдањето.a Спореди ги следниве пророштва со условите и ставовите што преовладуваат денес.
● Војни низ целиот свет (Матеј 24:7; Откровение 6:4).
● Глад и болести (Лука 21:11; Откровение 6:5-8).
● Уништување на Земјата (Откровение 11:18).
● „Алчни за пари“ (2. Тимотеј 3:2).
● „Непослушни на родителите“ (2. Тимотеј 3:2).
● „Повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тимотеј 3:4).
Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат да се увериш дека уште малку и ќе му биде ставен крај на страдањето. Стапи во контакт со Сведоците од твоето место. Ним ќе им биде мило да ја проучуваат Библијата со тебе во твојот дом или на место што тебе ќе ти одговара.
[Фуснота]
a Нешто повеќе можеш да прочиташ во 9. поглавје со наслов „Дали живееме во ‚последните денови‘?“ во книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.