Мудрост за срцето и за здравјето
„Мирното срце е живот за телото“ (ИЗРЕКИ 14:30).
„Веселото срце дејствува добро како лек“ (ИЗРЕКИ 17:22).
● Овие едноставни, но длабоки зборови ги кажал израелскиот цар Соломон пред околу 3.000 години.a Но, дали се точни? Што вели современата медицина?
Споредувајќи ги луѓето што по природа се смирени и оние што се склони кон гнев, списанието Journal of the American College of Cardiology вели: „Според најновите откритија, коронарната срцева болест се поврзува со гневот и омразата“. Затоа, во списанието се наведува: „За успешна превентива и лекување на коронарната срцева болест можеби... не е доволно само конвенционална физичка терапија и терапија со лекови, туку е потребно пациентите да се поучат и како да ги контролираат гневот и омразата“. Едноставно кажано, човек со мирно срце ќе има подобро здравје, како што вели и Библијата.
Слични се резултатите и кога човек има весело срце. Во еден извештај на Би-Би-Си, д-р Дерек Кокс од Шкотска рекол: „Ако си среќен, најверојатно во иднина ќе имаш помалку здравствени проблеми отколку луѓето што се несреќни“. Во истиот извештај понатаму се вели: „Посреќните луѓе поретко имаат срцеви болести и мозочен удар“.
Зошто мудроста на Соломон — а да не зборуваме за мудроста на другите библиски писатели — била далеку пред своето време? Одговорот е едноставен. „Бог му даде на Соломон толку голема мудрост и разборитост“ (1. Царевите 4:29). Освен тоа, оваа мудрост е запишана на едноставен јазик за да може секој да ја разбере. А и бесплатна е!
Зошто да не си стекнеш навика редовно да ја читаш Библијата? Милиони луѓе со радост можат да потврдат дека, „кога мудроста ќе ти влезе во срцето и знаењето ќе ѝ стане пријатно на твојата душа, способноста за расудување ќе внимава на тебе, проникливоста ќе те чува“ (Изреки 2:10, 11). Утешна мисла, зарем не?
[Фуснота]
a Во Библијата, зборот „срце“ обично укажува на личноста, на тоа каков е човек однатре, вклучувајќи ги и неговите емоции.