Што вели Библијата
Дали Бог ги поддржува војните денес?
ЗА СВОЈАТА улога на војник, цар Давид од древниот Израел рекол: „[Бог] ги учи моите раце да војуваат, па моите мишки го оптегнуваат бакарниот лак“ (Псалм 18:34).
Во врска со христијаните, апостол Павле рекол: „Иако живееме во тело, не војуваме според склоностите на телото. Зашто, оружјето на нашето војување не е телесно“ (2. Коринќаните 10:3, 4).
Дали овие изјави си противречат? Или можеби има оправдани причини зошто Бог дозволил древниот Израел да војува, а не им го дозволил тоа на христијаните? Дали неговото мислење се променило? Ќе добиеме јасен одговор на овие прашања ако земеме предвид три главни разлики меѓу Израел и вистинските христијани.
Три значајни разлики
1. Древниот Израел бил народ сместен на територија што му ја дал Бог, а соседните народи честопати го напаѓале. Затоа, Бог му заповедал на својот народ да ја штити својата земја, па дури и му давал победи над непријателите (Судиите 11:32, 33). Од друга страна, вистинските христијани не се народ со своја територија, туку ги има во сите земји. Затоа, ако следбениците на Исус во една земја се вклучат во војна со друга земја, би се бореле против своите соверници — нивните духовни браќа и сестри — за кои им е заповедано да ги сакаат, па дури и да умрат за нив (Матеј 5:44; Јован 15:12, 13).
2. Над древниот Израел царувал човек, а неговиот престол се наоѓал во Ерусалим. Но, со вистинските христијани владее Исус Христос, кој сега е моќно духовно суштество чиј престол е на небото (Даниел 7:13, 14). Самиот Исус рекол: „Моето царство не е дел од овој свет. Да беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“ (Јован 18:36). Тоа значи дека ниту едно политичко царство, или влада, на Земјата не може да тврди дека му припаѓа на Христос. Што значи ова за Исусовите „слуги“, или следбеници? Тоа го објаснува третата точка.
3. Како и другите народи, и древниот Израел обично испраќал свои гласници, односно, како што денеска ги нарекуваме, амбасадори или пратеници (2. Царевите 18:13-15; Лука 19:12-14). Исус го направил истото, но со две значајни разлики. Прво, Исус ги испраќа сите свои следбеници. На своите ученици тој им рекол: „Како што Таткото ме прати мене така и јас ве праќам вас“ (Јован 20:21). Како мирољубиви пратеници на Исус, првите христијани не земале оружје в раце. Второ, следбениците на Исус разговараат со сите што сакаат да ја слушнат нивната порака. Исус рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Матеј 24:14). Исто така рекол: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20).
За жал, оние што ја извршуваат службата која им ја дал Исус не се секогаш добредојдени. Од таа причина, Павле му напишал на христијанскиот проповедник Тимотеј: „Како добар војник на Христос Исус, и ти биди спремен да трпиш зло“ (2. Тимотеј 2:3). Се разбира, Тимотеј не користел дословно оружје, туку духовно, а дел од тоа оружје била и Божјата Реч, наречена „мечот на духот“ (Ефешаните 6:11-17).
Зошто христијанското собрание го заменило Израел?
Речиси 1.500 години Израелците имале посебен однос со Бог кој се темелел на еден сојуз, или договор (2. Мојсеева 19:5). Тој сојуз, чиј посредник бил Мојсеј, ги вклучувал Десетте заповеди и други закони кои им помагале на Израелците исправно да му служат на Бог и да живеат според неговите морални мерила (2. Мојсеева 19:3, 7, 9; 20:1-17). Но, за жал, Израелците како народ не му останале верни на Бог, и дошле дури до тој степен што ги убивале неговите пророци (2. Летописи 36:15, 16; Лука 11:47, 48).
На крајот, Јехова го испратил својот Син, Исус Христос, кој се родил како Евреин. Наместо да го дочекаат како Месијата, Евреите, општо земено, го отфрлиле. Како резултат на тоа, Бог го раскинал својот повеќевековен сојуз со Израел, и бил урнат симболичниот ѕид што ги одвојувал Евреите од другите народи (Ефешаните 2:13-18; Колошаните 2:14). Отприлика во истото време Бог го основал христијанското собрание, а за глава на собранието го поставил Исус. Освен тоа, уште пред крајот на првиот век ова собрание го сочинувале луѓе од најразлични народи. „Во секој народ [Бог] го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“, напишал апостол Петар, кој бил Евреин (Дела 10:35).
Јеховините сведоци се трудат да го следат примерот на првите христијани. Затоа се познати по тоа што проповедаат јавно и не учествуваат во политиката и во војните (Матеј 26:52; Дела 5:42). Тие не дозволуваат ништо да ги спречи да им ја кажуваат на сите луѓе добрата вест за Божјето Царство, единствената влада која ќе го искорени злото и ќе донесе траен мир на Земјата. Имајќи ја на ум таа скапоцена надеж, апостол Павле напишал: „Како Христови застапници молиме: ‚Помирете се со Бог!‘“ (2. Коринќаните 5:20). Денес ова е уште поитно, затоа што сме многу близу до крајот на „последните денови“ на овој злобен свет (2. Тимотеј 3:1-5).
ШТО МИСЛИШ?
● Која извонредна особина треба да ја покажуваат христијаните еден кон друг? (Јован 13:34, 35)
● Кое е главното „оружје“ на еден вистински христијанин? (Ефешаните 6:17)
● Која важна порака ја објавуваат претставниците на Исус? (Матеј 24:14; 2. Коринќаните 5:20)
[Слика на страница 23]
Јеховините сведоци се меѓународно братство и не учествуваат во ниту една војна