ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 10/11 стр. 16-20
  • Тинејџерските години — врата кон зрелост

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Тинејџерските години — врата кон зрелост
  • Разбудете се! 2011
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Од детство кон зрелост
  • „Аклиматизација“
  • Кога детето се сомнева во твоите верувања
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Која е целта на еден родител?
    Разбудете се! 2011
  • Комуникација со тинејџери
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Родителите прашуваат
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
Повеќе
Разбудете се! 2011
g 10/11 стр. 16-20

Тинејџерските години — врата кон зрелост

ЗАМИСЛИ СИ дека доаѓаш од некој тропски остров и слетуваш на Северниот Пол. Уште на првиот чекор се соочуваш со многу поинаква клима — надвор е кочан ладно. Ќе успееш ли да се адаптираш? Да, но ќе мора да направиш некои промени.

Нешто слично се случува и кога твоите деца ќе влезат во пубертет. Се чини како климата да се сменила преку ноќ. Син ти, кој порано не се одлепуваше од тебе, сега повеќе сака да е со другарите. Од ќерка ти, која порано одвај чекаше да ти раскаже што сѐ ѝ се случило дента, сега успеваш да извлечеш само по некое зборче.

„Како беше на училиште?“ — прашуваш.

„Добро“ — одговара таа.

Молк.

„Што си замислена?“ — прашуваш ти.

„Ништо“ — одговара таа.

Повторно молк.

Што се случи? Не така одамна „ти како да имаше ВИП-влезница за животот на твоите деца“, стои во книгата Да се пробие шифрата (Breaking the Code). „Сега ти останува да се надеваш дека ќе добиеш барем некаква влезница, и тоа најверојатно за некое никакво место.“

Мораш ли да се помириш со таков ладен однос? Не. Ти можеш да останеш близок со децата и додека минуваат низ тинејџерските години. Но најпрво, треба да разбереш што точно се случува во текот на оваа неверојатна, но понекогаш и турбулентна фаза од нивниот живот.

Од детство кон зрелост

Едно време, научниците мислеа дека до петтата година од животот детскиот мозок е потполно развиен. Но, сега знаат дека, иако големината на мозокот не се менува многу по таа возраст, настапуваат големи промени во неговата функција. Кога ќе влезат во пубертет, кај младите доаѓа до хормонални промени поради кои се менува начинот на кој размислуваат. На пример, малите деца обично гледаат на работите круто — за нив постои само црно и бело — но тинејџерите се посклони да размислуваат апстрактно, се трудат да видат што се крие зад некоја работа (1. Коринќаните 13:11). Тие оформуваат свои мислења и не се срамат да си ги кажат.

Паоло од Италија забележал таква промена кај неговиот син кој е во тинејџерски години. „Кога го гледам син ми“, вели тој, „имам чувство како пред мене да стои маж, а не момче. Не се работи само за физичките промени. Она што најмногу ме одушевува е начинот на кој размислува. Не се плаши да си ги каже гледиштата и да ги брани!“

Си забележал ли нешто слично кај своето дете? Можеби кога беше помало, правеше сѐ што ќе му кажеше, не му требаа многу објаснувања. Доволно беше да му речеш: „Зашто јас така велам“. Сега, кога е тинејџер, сака да чуе причини, а можеби дури ги доведува во прашање и вредностите според кои живее вашето семејство. Понекогаш неговите размислувања може да ти изгледаат како бунтовност.

Но, немој веднаш да помислиш дека твоето дете сака да ги отфрли твоите вредности. Можеби само се бори да ги прифати како свои, да најде место за нив во својот живот. Да го објасниме тоа со еден пример: Замисли си дека се селиш во нов стан заедно со стариот мебел. Ќе биде ли лесно во новиот стан да го вклопиш секое парче мебел? Најверојатно не. Но, едно е сигурно — нема да фрлиш нешто што за тебе е скапоцено.

Твоето дете се наоѓа во слична ситуација додека се подготвува за времето кога „ќе ги остави татка си и мајка си“ (1. Мојсеева 2:24). Точно, можеби тој ден е уште далеку; твојот тинејџер сѐ уште не е возрасен. Но, што би се рекло, тој веќе се пакува. Во текот на тинејџерските години, тој ги испитува вредностите со кои пораснал и одлучува кои ќе ги задржи и како возрасен.a

Можеби те фаќа страв од помислата дека твоето дете треба да донесе такви одлуки. Но, можеш да бидеш сигурен дека, кога ќе стане возрасен човек, ќе ги задржи само оние вредности што тој ги смета за скапоцени. Затоа, сега — додека сѐ уште живее со тебе — е време темелно да ги испита начелата по кои ќе одлучи да живее (Дела 17:11).

Всушност, тоа би било и корисно за него. На крајот на краиштата, ако сега без размислување ги прифаќа твоите мерила, утре може без размислување да ги прифати мерилата на другите (2. Мојсеева 23:2). Во Библијата, таквиот млад човек е опишан како некој што може лесно да биде заведен затоа што е ‚неразумен‘ — меѓу другото, тоа значи и дека не ги промислува работите (Изреки 7:7). Младите што немаат свои убедувања можат да бидат „фрлани од бранови и... да ги носи ваму-таму секој ветар на учењето, бидејќи ги слушаат луѓето кои се служат со измама“ (Ефешаните 4:14).

Што можеш да направиш за да не му се случи такво нешто на твоето дете? Погрижи се да ги има овие три важни работи:

1. МОЌ НА СОГЛЕДУВАЊЕ

Апостол Павле напишал дека на „зрелите... [моќта] на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14). ‚Ама јас веќе одамна го научив моето дете што е добро, а што зло‘, можеби ќе речеш. Нема збор дека ваквата поука му помогнала тогаш и го подготвила за следната фаза од животот (2. Тимотеј 3:14). Сепак, Павле рекол дека луѓето треба да ја вежбаат својата моќ на согледување. За разлика од малите деца, кои можат да научат што е добро а што не, тинејџерите треба ‚во разборитоста да бидат возрасни‘ (1. Коринќаните 14:20; Изреки 1:4; 2:11). Сигурно не би сакал твојот тинејџер да биде слепо послушен, туку да донесува добро промислени одлуки (Римјаните 12:1, 2). Како да му помогнеш во тоа?

Еден начин е да го оставиш да се искаже. Не прекинувај го и труди се колку што можеш да не реагираш бурно — дури и ако рече нешто што не сакаш да го чуеш. Библијата вели: „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“ (Јаков 1:19; Изреки 18:13). Освен тоа, Исус рекол: „Устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Матеј 12:34). Ако слушаш, ќе можеш да дознаеш што навистина го загрижува твојот тинејџер.

Но, кога ќе дојде ред да зборуваш, труди се да користиш прашања наместо да изнесуваш само суви факти. Исус понекогаш прашувал: „Што мислите за ова?“ за да ги поттикне да се искажат не само неговите ученици туку и луѓето што биле тврдокорни (Матеј 21:23, 28). Слично можеш да правиш и ти со твојот тинејџер, дури и кога ќе изрази гледиште што е спротивно на твоето. На пример:

Ако тој рече: „Не сум сигурен дали да верувам во Бог“.

Наместо да одговориш: „Не зборувај сешто — нормално дека веруваш во Бог!“

Би можел да речеш: „Зошто не си сигурен?“

Зошто да му помогнеш да се искаже? Затоа што, иако слушаш што вели, треба да дознаеш што мисли (Изреки 20:5). Можеби она што е спорно за него се Божјите мерила, а не дали Бог постои.

На пример, еден млад човек што е под притисок да ги прекрши Божјите морални закони може да се обиде да го оправда тоа така што ќе го избрише Бог од сликата (Псалм 14:1). Може да си размислува: ‚Ако Бог не постои, тогаш не морам да живеам според библиските мерила‘.

Ако ти се чини дека и твојот тинејџер размислува така, би било добро да поразговарате околу прашањето: Дали сум уверен дека Божјите мерила се за мое добро? (Исаија 48:17, 18). Ако верува дека се за негово добро, помогни му да сфати дека вреди да се држи за она што е добро за него.

Ако тој рече: „Тоа си е твоја вера, не моја“.

Наместо да одговориш: „Тоа е наша вера, ти си наше дете, и ќе веруваш како што ние ќе ти кажеме!“

Би можел да речеш: „Ова се прилично тешки зборови. Но, штом ги отфрлаш моите верувања, сигурно имаш нешто со што ќе ги замениш. Значи, кои се твоите верувања? Според кои мерила сметаш ти дека треба да се живее?“

Зошто да му помогнеш да се искаже? Бидејќи, кога вака разговараш со него, ќе му помогнеш да ги преиспита своите гледишта. Може да се изненади кога ќе сфати дека имате исти верувања и дека, всушност, го мачи нешто сосема трето.

На пример, можеби не знае да им ги објасни своите верувања на другите (Колошаните 4:6; 1. Петрово 3:15). Или, можеби му се допаѓа некој од спротивниот пол со поинакви верски убедувања. Најпрво дојди до коренот на проблемот, а помогни му и на твојот тинејџер да сфати за што се работи. Колку повеќе ја користи својата моќ на согледување, толку поподготвен ќе биде да зачекори во зрелите години.

2. ПОМОШ ОД ВОЗРАСНИ

Денес во некои култури има малку или воопшто нема траги од „бурите и стресовите“ за кои некои психолози тврдат дека треба да се очекуваат во тинејџерските години. Истражувачите заклучиле дека младите во тие општества уште на рана возраст се вклучени во активностите на возрасните. Работат со нив, се дружат со нив и имаат одговорности како нив. Изрази како „светот на младите“, „малолетничка деликвенција“, па дури и „адолесценција“ воопшто не постојат.

За разлика од тоа, размисли во каква ситуација се младите во многу земји — одат во пренатрупани училишта и единствено друштво им се други млади. Кога ќе се вратат дома, ги пречекува празна куќа. Мама и тато се на работа. Роднините живеат далеку. Им останува да се дружат само со своите врсници.b Ја гледаш ли опасноста? Не е работата само во тоа дека ќе западнат во лошо друштво. Истражувачите дошле до заклучок дека дури и примерни млади се склони да се однесуваат неодговорно ако немаат никаква допирна точка со светот на возрасните.

Пример за општество што не ги двоело младите од возрасните е древниот Израел.c На пример, во Библијата читаме за Озија, кој станал цар на Јуда уште како тинејџер. Што му помогнало на Озија да се справи со оваа тешка одговорност? Очигледно, барем извесно време, тоа било влијанието на еден возрасен човек, Захарија, за кого Библијата вели дека ‚го учел на страв од Бог‘ (2. Летописи 26:5).

Дали твоето дете има еден или повеќе возрасни пријатели со исти вредности како твоите? Немој да бидеш љубоморен на таквите пријателства. Тие можат да му помогнат на твојот тинејџер да постапува исправно. Една библиска изрека гласи: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар“ (Изреки 13:20).

3. ЧУВСТВО НА ОДГОВОРНОСТ

Во некои земји, законот забранува младите да работат повеќе од одреден број часови седмично или да вршат извесен вид работа. Ваквите ограничувања беа воведени за да се заштитат децата од лоши работни услови и се резултат на индустриската револуција во 18 и 19 век.

Иако законите против експлоатација на детска работна сила ги штитат младите од опасност и злоупотреба, некои експерти тврдат дека истите тие закони ги учат и на неодговорност. Книгата Како да не останеш вечен тинејџер (Escaping the Endless Adolescence) вели дека, како резултат на тоа, многу тинејџери се со „чувство дека имаат загарантирано право на сѐ што ќе посакаат, дека заслужуваат да ги добијат работите без да се помачат за нив“. Авторите на книгата велат дека ваквиот став „изгледа дека е природна реакција на тоа што младите живеат во еден свет кој повеќе обрнува внимание на тоа да ги забавува отколку да очекува нешто од нив“.

Спротивно на ова, во Библијата пишува за млади кои уште од мали нозе носеле големи одговорности. Да го земеме за пример Тимотеј, кој најверојатно сѐ уште бил тинејџер кога се запознал со апостол Павле — човек што извршил големо влијание врз него. Во една прилика, Павле му рекол на Тимотеј: „Те потсетувам да го разгориш Божјиот дар“ (2. Тимотеј 1:6). Најверојатно на 20-ина години, Тимотеј си заминал од дома и патувал со апостол Павле, помагајќи му да основаат собранија и да ги храбрат браќата. По десетина години соработка со Тимотеј, Павле можел да им каже на христијаните во Филипи: „Немам никој друг како него, кој вистински би се грижел за вашата благосостојба“ (Филипјаните 2:20).

Честопати, тинејџерите многу сакаат да имаат одговорности, особено кога сметаат дека прават нешто важно. Така, не само што учат во иднина да бидат одговорни возрасни личности туку уште сега се мотивирани да го даваат најдоброто од себе.

„Аклиматизација“

Како што спомнавме на почетокот од оваа статија, ако и ти имаш дете во пубертет, најверојатно можеш да осетиш дека сега „климата“ е поинаква од пред само неколку години. Биди сигурен дека можеш да се адаптираш, исто како и за време на другите фази од животот на твоето дете.

Тинејџерските години на твоето дете сметај ги за можност 1) да му помогнеш да ја развива својата моќ на согледување, 2) да му овозможиш помош од некој возрасен и 3) да му всадиш чувство на одговорност. На тој начин ќе го подготвиш да зачекори на патот кон зрелоста.

[Фусноти]

a Една книга ги опишува тинејџерските години како „долга, тешка разделба“. Нешто повеќе можеш да прочиташ во Стражарска кула од 1 мај 2009, страници 10-12, издадена од Јеховините сведоци.

b Забавата наменета за тинејџери ја искористува нивната желба да бидат со своите врсници, потхранувајќи ја идејата дека младите си имаат свој свет кој возрасните ниту го разбираат ниту можат да го дешифрираат.

c Изразите „адолесцент“ и „тинејџер“ ги нема во Библијата. Очигледно, младите во Божјиот народ, и во претхристијанската и во христијанската ера, биле вклучени во активностите на возрасните на многу порана возраст отколку што е вообичаено во многу култури денес.

[Рамка/слика на страница 20]

„НЕ МОЖАМ ДА ЗАМИСЛАМ ПОДОБРИ РОДИТЕЛИ“

Родителите кои се Јеховини сведоци и со збор и со пример ги поучуваат своите деца да живеат според библиските начела (Ефешаните 6:4). Но, не ги присилуваат на тоа. Тие сфаќаат дека секое дете, кога ќе биде доволно зрело, мора да одлучи според кои вредности ќе живее.

Ешлин (18) решила да живее според вредностите за кои ја поучувале родителите. Таа вели: „За мене, мојата религија не е нешто што го правам само еднаш во седмицата. Мојата религија е мојот живот. Влијае врз сѐ што правам и врз секоја моја одлука — од тоа со кого се дружам па сѐ до тоа какви книги читам“.

Ешлин многу го цени начинот на кој ја воспитувале нејзините родители, кои се христијани. „Не можам да замислам подобри родители“, вели таа, „и среќна сум што ми всадија желба да бидам и да останам Јеховин сведок. До крајот на животот ќе ме водат поуките што ги добив од нив.“

[Слика на страница 17]

Остави го твојот тинејџер да зборува

[Слика на страница 18]

Еден зрел возрасен пријател може позитивно да влијае врз твоето дете

[Слика на страница 19]

Смисловната работа им помага на тинејџерите да станат одговорни возрасни личности

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели