Што вели Библијата
Како треба да му се молиме на Бог?
ИМАМЕ непроценлива чест да зборуваме со Семоќниот и да му ги излеваме нашите најдлабоки чувства. Сепак, многумина не знаат како да се молат, а други, пак, сакаат да ги подобрат своите молитви. Очигледно, и некои од првите следбеници на Исус се прашувале дали се молат на исправен начин. Еден од нив му рекол: „Господару, научи нѐ да се молиме“ (Лука 11:1). Исус му одговорил така што му ја кажал прочуената молитва која честопати се нарекува Оченаш. Таа убава, но сепак едноставна молитва не само што ни помага да зборуваме со Бог на начин што му се допаѓа туку и ни помага да ја разбереме главната порака на Библијата.
Што учиме од молитвата на Исус
Исус рекол: „Значи, молете се вака: ‚Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое. Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата. Лебот наш за овој ден дај ни го денес и прости ни ги нашите долгови, како што и ние им простуваме на нашите должници. И не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од Злобниот‘“ (Матеј 6:9-13).
Забележи дека Исус рекол: „Молете се вака“. Зошто го кажал ова? Исус не сакал неговите следбеници само да ги повторуваат, односно да ги рецитираат неговите зборови. Всушност, тој веќе им кажал дека не треба така да се молат (Матеј 6:7). Напротив, од неговата молитва учиме кои работи треба да ни бидат најважни — работи што му се важни на Бог, а не само она што ни е важно нам. За да дознаеме кои се тие работи, најпрво треба да го разбереме она што го кажал Исус. Да ја разгледаме неговата молитва дел по дел.
Што сакал да каже Исус
„Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое.“ Исус со право му се обратил на Бог со „Татко“ бидејќи Тој со љубов се грижи за нас и нѐ штити, исто како што еден добар татко се грижи за своите деца и ги штити. Освен тоа, Бог има лично име — Јехова — кое не треба да се заменува со многуте негови титули, меѓу кои се и Семоќен, Бог и Господa (Псалм 83:18). Но, зошто Божјето име, кое го вклучува и неговиот углед, треба да биде посветено? Затоа што било осрамотено и наклеветено.
Некои луѓе го обвинуваат Бог за неволјите што ги снаоѓаат, иако можеби се предизвикани од човечки фактор, или, пак, самите тие едноставно се нашле на погрешно место во погрешно време (Изреки 19:3; Проповедник 9:11). Други мислат дека Бог е виновен за природните катастрофи. Но, Библијата вели дека „Бог не може да се искуша со зло, а и тој никого не искушува со зло“ (Јаков 1:13). Освен тоа, многу религии учат дека Бог ги казнува лошите луѓе така што вечно ги мачи во пекол, учење со кое му нанесуваат болка на Бог, за кого Библијата вели дека е љубов (Еремија 19:5; 1. Јованово 4:8). Во Римјаните 6:23 пишува дека „платата за гревот е смрт“, а не вечно мачење!b
„Да дојде царството твое.“ Божјето Царство е влада на чело со Исус Христос. Наскоро тој ќе преземе целосна контрола над Земјата. Во Даниел 7:14 стои: „Нему му беа предадени власта, честа и царството“. Божјето Царство ќе „дојде“ кога ќе се вмеша во работите на Земјата, односно кога ќе ги уништи сите други влади и во потполност ќе завладее со нашата планета (Даниел 2:44).
„Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата.“ Под власта на Царството, човештвото послушно ќе ја врши Божјата волја. Како резултат на тоа, ќе владее вистински мир и сите луѓе ќе му служат на Бог во склад со неговата волја. Политиката и лажната религија кои денес ги разединуваат луѓето повеќе нема да постојат. Според Откровение 21:3, 4, симболично кажано, „Божјиот шатор“ ќе биде „меѓу луѓето“ „и [Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“.
„Лебот наш за овој ден дај ни го денес.“ Откако покажал дека најпрво треба да се молиме за Божјето име и за Божјето Царство, Исус ги спомнал и нашите потреби. Од неговите зборови се гледа дека не треба да бараме повеќе од она што ни е потребно „за овој ден“. Напротив, треба да го задржиме на ум советот од Изреки 30:8, каде што пишува: „Не давај ми ниту сиромаштија ниту богатство. Храни ме со леб колку што ми треба“.
„Прости ни ги нашите долгови, како што и ние им простуваме на нашите должници.“ Во овој стих, со зборот „долгови“ се укажува на „гревови“.c Сите ние сме должни да му бидеме послушни на Бог. Па така, кога не сме му послушни, или му грешиме, си насобираме долгови. Сепак, Јехова е спремен да ни прости и да ни ги поништи долговите кога и ние спремно им простуваме на оние што ни грешат нам (Матеј 18:21-35).
„Не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од Злобниот.“ „Злобниот“ е Сатана Ѓаволот, кој уште е наречен и „Искушувачот“ (Матеј 4:3). Бидејќи нашето несовршено тело е слабо, потребна ни е помош од Бог за да му се спротивставиме на Сатана и на луѓето што се на негова страна (Марко 14:38).
Молитвата што Исус ја дал како пример може да ти помогне да ги подобриш твоите молитви, можеби така што ќе направиш промени и ќе ги ставиш поважните работи на прво место. Но, како молитвата на Исус ни помага да ја разбереме главната порака на Библијата? Од неговите зборови дознаваме дека главната порака на Библијата е посветувањето на Божјето име, отстранувањето на сета злоба и мирољубивото владеење на Божјето Царство над Земјата. Во оваа молитва наоѓаме навистина големи духовни богатства!
[Фусноти]
a Името Јехова се појавува околу 7.000 пати во изворниот текст на Библијата, главно пишуван на хебрејски и на грчки јазик. За жал, во многу од денешните преводи на Библијата Божјето свето име е заменето со титули.
b Додека го чекаат воскресението, мртвите не живеат во некој друг облик, туку ‚спијат‘, односно „не се свесни за ништо“ (Јован 5:28, 29; 11:11-13; Проповедник 9:5).
ШТО МИСЛИШ?
● Што сакал да каже Исус кога рекол: „Молете се вака“? (Матеј 6:9)
● Кои се најважните работи за кои обично треба да се молиме? (Матеј 6:9, 10)
● Што се „нашите долгови“, и зошто треба да им простуваме на оние што ни грешат? (Матеј 6:12)
[Слика на страница 13]
Молитвата што ја кажал Исус може да ти помогне на прво место да ги ставиш работите што му се важни на Бог, а не само она што ти е важно тебе