Што вели Библијата
Како да зачуваш мирољубиви односи?
ВО ВРСКА СО луѓето, Библијата вели: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). На Земјата има повеќе од седум милијарди луѓе, и сите се несовршени. Затоа е неизбежно да дојде до судир на карактери. Со оглед на ова, како можеме да имаме мирољубиви односи со другите?
Убави совети наоѓаме во Библијата. Во неа пишува дека нашиот Творец, чие име е Јехова, е ‚Бог на мирот‘ (Евреите 13:20; Псалм 83:18). Бог сака неговите деца на Земјата да имаат мирољубиви односи еден со друг. И не само тоа, тој ни го дава најдобриот пример. Кога првите луѓе, Адам и Ева, се побуниле против Бог и си ги расипале односите со него, тој веднаш презел чекори за да се помири со човечкиот род (2. Коринќаните 5:19). Да разгледаме три работи што можат да ти помогнат да бидеш во мир со другите.
Спремно простувај
Што вели Библијата? „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие“ (Колошаните 3:13).
Зошто не е лесно? Можеби имаш оправдана причина за „жалба против некого“ и мислиш дека со право можеш да ги прекинеш односите со него. Исто така, можеби сметаш дека тој што те налутил треба да дојде и да ти се извини. Но, ако не е свесен дека те навредил или, пак, е убеден дека вината е во тебе, спорот нема да се реши.
Што можеш да направиш? Држи се за библискиот совет така што спремно ќе простиш, посебно ако се работи за ситница. Не заборавај дека, кога Бог би водел евиденција за нашите грешки, никој од нас не би ‚опстанал‘ (Псалм 130:3). Библијата вели дека „Јехова е милосрден и добар, бавен на гнев и полн со милост. Зашто, тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:8, 14).
Размисли и за оваа библиска изрека: „Разбирањето го спречува човекот да се гневи, и чест му е да премине преку престапот“ (Изреки 19:11). Ако имаме разбирање, ќе гледаме зад очигледното и ќе сфатиме зошто некој рекол или направил нешто. Затоа, прашај се: ‚Дали оној што ми згреши беше уморен, болен или под притисок?‘ Ако ги разбереме вистинските мотиви, чувствата и околностите на другите, тоа може да ни ја намали лутината и да ни помогне да преминеме преку нивните грешки.
Зборувај
Што вели Библијата? „Ако твојот брат направи грев, оди и насамо укажи му на неговиот престап. Ако те послуша, си го придобил својот брат“ (Матеј 18:15).
Зошто не е лесно? Негативните емоции, како што се стравот, гневот и срамот може да те спречат да разговараш со оној што ти згрешил за да го решите проблемот. Освен тоа, можеби ќе ти дојде да побараш поддршка од други и да им кажеш за вашиот проблем, со што може уште повеќе да ја искомплицираш ситуацијата.
Што можеш да направиш? Кога некој проблем е сериозен и мислиш дека не можеш да преминеш преку него, разговарај со оној што ти згрешил. Направи го тоа...
1) Брзо: Не одложувај, инаку работата само ќе се влоши. Потруди се да го примениш следниов совет на Исус: „Ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар“ (Матеј 5:23, 24).
2) Насамо: Не зборувај за проблемот наоколу. „Расправи го она што го имаш со својот ближен и не откривај ги туѓите тајни“ (Изреки 25:9).
3) Мирољубиво: Не навлегувај во тоа кој бил во право, а кој не. Твојата цел е да се помирите, а не да излезеш победник. Труди се да зборуваш во прво лице, наместо да го напаѓаш другиот. Може да биде многу подобро да речеш: „Тоа ме здоболи затоа што...“, отколку: „Ти направи така и така!“ Библијата кажува нешто слично: „Да се стремиме кон она што придонесува за мир и меѓусебно да се изградуваме“ (Римјаните 14:19).
Биди долготрпелив
Што вели Библијата? „Никому не враќајте зло за зло... Напротив, ‚ако твојот непријател е гладен, нахрани го, ако е жеден, напој го, зашто, правејќи така, му натрупуваш жив жар врз главата‘“ (Римјаните 12:17, 20).
Зошто не е лесно? Ако другиот не го прифати твоето извинување, може да ти дојде да се откажеш.
Што можеш да направиш? Биди стрплив. Секој има различен темперамент и е на различно ниво на зрелост. На некои им треба време да се смират, други сѐ уште учат да ги покажуваат Божјите особини. Биди и понатаму љубезен со нив и покажувај им љубов. Библијата вели: „Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро“ (Римјаните 12:21).
За да имаме мирољубиви односи со другите, треба да се трудиме да покажуваме понизност, разбирање, стрпливост и љубов. Но, тоа сигурно ќе се исплати!
ШТО МИСЛИШ?
● Што ќе ти помогне спремно да им простуваш на другите? (Колошаните 3:13)
● Што може да ти помогне да разговараш за несогласувањето со другиот? (Матеј 5:23, 24)
● Што можеш да направиш ако другата страна не сака да се помирите? (Римјаните 12:17-21)
[Истакната мисла на страница 11]
„Разбирањето го спречува човекот да се гневи, и чест му е да премине преку престапот“ (ИЗРЕКИ 19:11)