ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 4/12 стр. 2-6
  • Уникатни предизвици

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Уникатни предизвици
  • Разбудете се! 2012
  • Сличен материјал
  • Проблеми кои се својствени за семејствата со очув или маќеа
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Предизвиците на семејствата со очув или маќеа
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
  • Семејствата со очув или маќеа можат да бидат успешни
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Како да го прифатам новиот брак на мојот родител?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
Повеќе
Разбудете се! 2012
g 4/12 стр. 2-6

Уникатни предизвици

● Според психологот д-р Патриша Пејпернау, нема логика да се даваат исти совети на обично семејство и на семејство со очув или маќеа. Тоа би било исто како „да се обидуваш да се движиш низ улиците на Њујорк користејќи карта на Бостон“.

Факт е дека предизвиците со кои се соочуваат семејствата со очув или маќеа не само што се уникатни туку се и посложени. Всушност, за односите меѓу членовите на ваквите семејства психологот Вилијам Меркел вели дека се „најсложените, најнеприродните и најтешките меѓучовечки односи“.

Тогаш, можно ли е воопшто семејствата со очув или маќеа да функционираат добро? Односите во ваквите семејства може да се споредат со шевовите на прекривач направен од разнобојни парчиња. Иако шевовите не се многу цврсти кога ќе почнеш да ги составуваш парчињата, на крајот се добива една неразделна целина — под услов да се сошијат внимателно.

Прво, да разгледаме некои од предизвиците со кои се соочуваат семејствата со очув или маќеа и што им помогнало на многу од нив успешно да ги надминат. Потоа, ќе се запознаеме со четири семејства кои успеале во тоа.

ПРЕДИЗВИК 1: НЕИСПОЛНЕТИ ОЧЕКУВАЊА

„Мислев дека децата на маж ми ќе ме прифатат ако им покажувам многу љубов и внимание, но, еве, поминаа осум години, а јас уште чекам“ (Глорија).a

КОГА ќе се земат двајца кои веќе имаат деца од претходниот брак, обично очекувањата се прилично високи. Родителите се надеваат дека ќе ги избегнат или ќе ги поправат грешките од претходниот брак и дека ќе ги почувствуваат љубовта или сигурноста по кои копнеат. Но, некои од овие очекувања не се реални и, кога нема да се исполнат, причинуваат болка. Библијата вели: „Од предолго исчекување се разболува срцето“ (Изреки 13:12). Што да правиш ако си потиштен поради неисполнети очекувања?

ШТО ДА НАПРАВИШ

Немој да ги игнорираш своите чувства мислејќи дека разочарувањето ќе помине само од себе. Наместо тоа, труди се да увидиш кое неисполнето очекување ти создава такви чувства. Потоа, размисли зошто се надеваш дека еден ден ќе се оствари и зошто не сакаш да се откажеш од таа надеж. На крајот, обиди се да гледаш пореално на ситуацијата. Еве некои примери:

1. Веднаш ќе ги засакам децата на мојот сопружник и тие ќе ме засакаат мене.

Зошто имаш вакво очекување? Отсекогаш посакував да имам семејство во кое ќе владее љубов и блискост.

Пореално гледиште: Со текот на времето, ќе стануваме сѐ поблиски. Сега е најважно тоа што се почитуваме и се чувствуваме убаво во семејството.

2. Сите брзо ќе се прилагодиме.

Зошто имаш вакво очекување? Спремни сме за нов почеток.

Пореално гледиште: На едно семејство со очув или маќеа обично му се потребни од четири до седум години за да застане на нозе. Она што ни се случува е сосема нормално.

3. Нема да се караме за пари.

Зошто имаш вакво очекување? Љубовта ќе ни помогне да не се расправаме за неважни работи.

Пореално гледиште: Финансиските проблеми поврзани со претходниот брак се сложени. Некое време можеби нема да бидеме спремни парите да ни бидат заеднички.

ПРЕДИЗВИК 2: МЕЃУСЕБНО РАЗБИРАЊЕ

„Брзо се навикнавме на новата ситуација — на сите ни беше убаво уште од самиот почеток“ (Јошито).

„Ми требаа десетина години пред вистински да решам да станам дел од новото семејство“ (Тацуки, посинок на Јошито).

ИСТО како Јошито и Тацуки, членовите на новото семејство може да не се ни свесни дека имаат различни гледишта. А зошто е важно секој да знае како размислуваат другите? Како што ќе се јавуваат проблеми, можеби ќе сакаш брзо да направиш нешто за да ги решиш. Но, за да успееш во тоа, најпрво мора да ги разбираш другите во семејството.

Многу е важно да внимаваш како комуницираш, затоа што зборовите можат да изградат, ама и да срушат. Како што вели Библијата: „Смртта и животот се во власта на јазикот“ (Изреки 18:21). Како да го користиш јазикот за подобро да се разбирате меѓу себе, наместо да направиш јаз?

ШТО ДА НАПРАВИШ

• Покажи интерес за другиот и обиди се да се ставиш на негово место, наместо да го критикуваш. На пример:

Ако син ти ти рече: „Ми недостига тато“, покажи му дека сфаќаш како му е. Наместо да речеш: „Но, твојот очув те сака и е подобар со тебе отколку татко ти“, би било подобро да кажеш: „Сигурно ти е многу тешко. Што ти недостига најмногу?“

Немој да го обвинуваш новиот брачен другар со изјави од типот: „Да беше ти подобар родител, син ти немаше да биде толку невоспитан“. Наместо тоа, зборувај за своите чувства. Еве еден предлог: „Те молам, спомни му на Лука да каже барем ‚здраво‘ кога ќе си дојде дома. Тоа многу ќе ми значи“.

• Кога сте заедно, на пример, кога јадете, се рекреирате или учествувате во духовни активности, искористете го тоа време за подобро да се запознаете.

• Одредете си време кога сите заедно ќе седнете да зборувате за семејни работи. Секој слободно нека си каже што мисли без да биде прекинуван. Најпрвин нека спомне нешто позитивно во врска со новото семејство, а потоа нека каже нешто што го мачи. Покажи почит дури и ако не се согласуваш и дозволи секој да предложи решение.

ПРЕДИЗВИК 3: КАКО СЕКОЈ ДА СЕ ВКЛОПИ

„Жена ми и нејзините деца се здружуваат против мене. Се чувствувам како вишок — странец во сопствениот дом“ (Волт).

СТРАВОТ од тоа да се биде странец во сопственото семејство може да биде корен на проблеми кои на прв поглед изгледаат неповрзани. На пример:

• Децата кои добро се сложувале со својот иден очув или маќеа пред бракот, обично не се во добри односи со нив потоа.

• Очувот или маќеата се љубоморни на 6-годишно дете.

• Доаѓа до големи кавги околу навидум небитни семејни работи.

Овој проблем влијае и врз биолошките родители затоа што може да чувствуваат притисок ако изгледа дека на семејството почнуваат „да му попуштаат шевовите“. Кармен вели: „Многу е тешко кога ќе се најдеш меѓу два огна — сопругот на едната и двете деца на другата страна“.

Клучот за да се реши ваквиот предизвик е познатото начело што го дал Исус: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12). Како може во едно комбинирано семејство секој да се чувствува како важен дел од него?

ШТО ДА НАПРАВИШ

• Бракот нека ти биде најважен (1. Мојсеева 2:24). Поминувај време со новиот брачен другар и јасно кажи им на децата кое е неговото место во семејството. На пример, уште пред да се прежени, таткото би можел да им рече на своите деца: „Ќе се оженам со Ана зашто ја сакам. Ќе бидете добри со неа, нели?“

• Испланирај да поминуваш време насамо со секое твое дете. Со тоа што ќе одвоиш време само за нив ќе покажеш колку ти значат и ќе ги увериш дека ги сакаш.

• Поминувај време со секое од посвоените деца за да се зближиш со нив без да мора другиот родител да изигрува посредник.

• Помогни им на децата да сфатат дека можат да бидат дел од новото семејство без да мора да го заборават претходното. Обично е најдобро да не бараш детето на твојот брачен другар да ти се обраќа со „мамо“, односно „тато“. Можеби во почетокот на поголемите деца нема да им биде лесно за новото семејство да велат „нашето семејство“ или „ние“.

• На секое дете дај му некаква обврска дома, секое нека има свое место на масата и свое катче во домот. Истото важи и кога ќе дојдат децата што живеат со другиот родител.

• Размисли дали би можеле да се преселите во нов стан или да направите некои промени во домот за новите членови да не се чувствуваат како туѓинци.

ПРЕДИЗВИК 4: ВОСПИТУВАЊЕ НА ДЕЦАТА

„Кога треба за нешто да ги искарам децата на Кармен, наместо да ме поддржува, таа застанува на нивна страна“ (Пабло).

„Ми се кине срцето кога Пабло постапува грубо со моите деца“ (Кармен).

ЗОШТО во семејствата со очув или маќеа може да дојде до несогласување околу воспитувањето на децата? Додека родителот сам ги подигал децата, можеби бил прилично попустлив. Кога во семејството ќе дојде нов родител, обично во почетокот не е толку близок со децата. Каков е резултатот од тоа? Очувот или маќеата може да мисли дека другиот родител е премногу мек со децата, додека биолошкиот родител може да мисли дека новиот родител е премногу строг.

Библијата вели дека треба да се биде урамнотежен во воспитувањето на децата. Во неа пишува: „Не раздразнувајте ги своите деца, туку воспитувајте ги со стега од Јехова [Бог] и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Ефешаните 6:4). Главната поента на овој стих е да го учиш детето како да размислува, а не само да го контролираш неговото однесување. Кога треба да ги искараат децата, родителите треба да го прават тоа на убав начин и со љубов за да не дојде до повредени чувства.

ШТО ДА НАПРАВИШ

• Утврдете семејни правила, а како појдовна точка нека ви послужат оние што веќе постојат. Размисли каква корист би имало од нив во следнава замислена ситуација:

Маќеа: Моника, во оваа куќа нема праќање пораки додека не го завршиш домашното.

Моника: Не си ми мајка.

Маќеа: Во право си, Мони, ама сепак сум одговорна за тебе, а кај нас правилото е да не се праќаат пораки додека не го завршиш домашното.

• Немој да поставуваш премногу правила или пребрзо да им ја менуваш рутината на другите. Она што за очувот или за маќеата е едноставно барање, може да биде тежок товар за едно дете на кое целиот свет му се свртел наопаку. Се разбира, можеби ќе биде неопходно да се постават некои нови правила, како на пример да се почитува приватноста на другите или правила за облекување, посебно ако во новото семејство има поголеми деца.

• Несогласувањата расчистувајте ги насамо, а не пред децата. Концентрирајте се на конкретни аспекти од однесувањето на детето, а не на некој наводен пропуст во воспитувањето во претходниот брак.

[Фуснота]

a Некои имиња во оваа статија се сменети.

[Слика на страница 3]

Можеби ти изгледа неостварливо вашето семејство еден ден да биде обединето

[Слика на страница 4]

Внимателно слушај за да разбереш како се чувствуваат другите или што ги загрижува

[Слика на страница 6]

Родителите треба да ги расчистуваат несогласувањата насамо

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели