Титаник — „најпознатиот брод што некогаш постоел“
10 АПРИЛ 1912: Титаник тргнува од Саутемптон (Англија) на пат кон Њујорк (САД)
11 АПРИЛ: Откако зема патници во Шербур (Франција) и Квинстаун (денешен Коб во Ирска), Титаник запловува во водите на Атлантикот
14 АПРИЛ: Околу 23.40 часот, Титаник удира во санта мраз
15 АПРИЛ: Во 2.20 часот, Титаник потонува, при што животот го губат 1.500 луѓе
КАКОВ брод бил Титаник? Зошто потонал? Во близина на Белфаст (Северна Ирска) се наоѓа Музејот на народна култура и транспорт на Алстер, каде што може да се најде одговор на овие прашања.
Што го прави посебен?
Според Мајкл Меккон, поранешен кустос на Музејот на народна култура и транспорт, Титаник е „најпознатиот брод што некогаш постоел“. Но, Титаник не бил уникатен. Бил втор од трите огромни бродови изградени на бродоградилиштата Харленд и Волф во Белфаст.a Титаник, еден од најголемите бродови во тоа време, бил долг 269 метри и широк 28 метри.
Бродската компанија „Вајт Стар Лајн“ ги нарачала овие огромни прекуокеански бродови со цел да го преземе водечкото место во профитабилниот превоз на патници и стоки до северноамериканскиот континент. Сепак, во поглед на брзината, „Вајт Стар Лајн“ не била достојна конкуренција на „Кунард Лајн“. Затоа, првенствена цел ѝ било да изгради поголеми и полуксузни бродови со кои ќе ги привлече богатите и славните.
Но, Титаник бил привлечен и за една друга група луѓе. „Во периодот помеѓу 1900 и 1914 год., во САД влегувале речиси 900.000 доселеници годишно“, вели Вилијам Блер, директор на Националните музеи на Северна Ирска. Бродските компании кои сообраќале преку Атлантикот најголема заработка остварувале токму од европските иселеници што се упатувале кон САД, а и Титаник требало да послужи за таа намена.
Несреќата
Капетанот на Титаник, Едвард Џ. Смит, бил свесен за опасностите од мразот во Северноатлантскиот Океан. Тој веќе многупати го имал поминато тој пат со Олимпик. Други бродови имале испратено неколку предупредувања за санти мраз, но некои од предупредувањата не биле земени предвид или најверојатно не му биле пренесени на капетанот.
Одненадеж, стражарите на Титаник здогледале санта мраз и кренале тревога — но веќе било предоцна! Дежурниот офицер успеал да избегне директен удар со сантата, но не можел да спречи таа да го закачи бродот од страната. Тоа го оштетило трупот на бродот, по што морската вода поплавила неколку предни комори. За кратко време, на капетанот Смит му било јасно дека на неговиот брод му нема спас. Испратил СОС пораки и наредил да се спуштат чамците за спасување.
Титаник бил опремен со 16 чамци за спасување и уште четири на склопување. Во нив имало место за отприлика 1.170 лица. Но, на бродот имало околу 2.200 патници и членови на екипажот! Да биде трагедијата уште поголема, многу од чамците запловиле пред да се наполнат. Освен тоа, повеќето од нив не се ни обиделе да побараат преживеани меѓу оние што скокнале во морето. На крајот, биле спасени само 705 души!
Епилогот
По несреќата на Титаник, поморските власти донеле закони за подобрување на безбедноста на море. Еден таков закон налагал во иднина бродовите да имаат доволно чамци за спасување.
Со години се веруваше дека Титаник потонал толку брзо затоа што при сударот била направена голема дупка во трупот. Но, во 1985 год., откако Титаник беше откриен на океанското дно, истражувачите дојдоа до поинаков заклучок — дека поради смрзнатите води челикот на бродот станал лесно кршлив и почнал да пука. Помалку од три часа по сударот, бродот се прекршил на два дела и потонал, останувајќи запаметен во историјата како една од најголемите поморски катастрофи.b
[Фусноти]
a Претходник на Титаник бил Олимпик, а по него бил изграден Британик.
b Прочитај ја приказната на еден човек што ја преживеал катастрофата на Титаник во англиското издание на Разбудете се! од 22 октомври 1981, страници 3-8.
[Карта на страница 14]
(Види во публикацијата)
Саутемптон
↓
Шербур
↓
Квинстаун (Коб)
↓
Местото на ударот
Њујорк
[Слики на страници 12 и 13]
„Титаник“ додека се градел
Пропелерите на „Титаник“
Работници си заминуваат од бродоградилиштата Харленд и Волф во Белфаст (Ирска)
[Слика на страница 14]
Е. Џ. Смит, капетанот на „Титаник“ (десно) и бродскиот благајник Херберт Мекелрој
[Извор на слика]
© Со љубезна дозвола на CSU Archive/age fotostock
[Извори на слики на страница 12]
Страници 12 и 13: Отпловува од Саутемптон, додека се градел и бродоградилиште: © National Museums Northern Ireland; пропелери: © The Bridgeman Art Library
[Извор на слика на страница 15]
© SZ Photo/Knorr & Hirth/Bridgeman Art Library