Писма од читателите
Целта на стручната нега на неизлечиво болните (јули 2011) Како социјален работник чија специјалност е палијативната нега можам лично да потврдам дека она што стои во Разбудете се! од јули 2011 е точно. Во светов во кој живееме неопходни се установи кои ќе бидат целосно опремени да ги задоволат потребите на неизлечиво болните. Едвај чекам да дојде Божјата влада, кога никој нема да рече: „Болен сум“ и кога Бог ќе ги избрише солзите од нашите очи (Исаија 33:24; Откровение 21:3, 4).
М. Р., Италија
Како е твојата штитна жлезда? (мај 2009) Ви благодарам многу за оваа статија. Пред извесно време дознав дека нешто не е во ред со мојата штитна жлезда, но не презедов ништо. Меѓутоа, откако ја прочитав оваа статија, отидов на специјалист и дознав дека имам Грејвсова болест. За среќа, ова нарушување беше откриено додека симптомите беа сѐ уште благи. Многу ви благодарам.
Т. К., Јапонија
Книга во која можеш да имаш доверба — дел 1-7 (ноември 2010 — мај 2011) Ви благодарам за прекрасно напишаната и темелно истражена серија статии во седум дела во врска со големите сили од библиската историја. Многу би сакал овие извонредни статии да бидат објавени во форма на брошура. Овие статии на историска тема будат во нас длабока почит каква и што заслужува Авторот на овие библиски пророштва, имено Јехова.
Г. Х., САД
Младите прашуваат... Што треба да знам за социјалните мрежи? (јули 2011) Ви благодарам за оваа статија. Имам 26 години. Планирав да отворам профил на [социјална мрежа], но не за да имам повеќе пријатели, туку затоа што многу луѓе ме поттикнуваа да го направам тоа. Оваа статија многу ми помогна. Можеш да најдеш пријатели и без да имаш профил на социјална мрежа.
М. П., Филипини
Очекував оваа статија да ги осуди социјалните мрежи. Меѓутоа, информациите беа урамнотежени. Беа разгледани и позитивните и негативните страни и беа дадени совети како да се заштитиме од потенцијалните опасности што ги носат социјалните мрежи. Ми помогна да бидам повнимателен кога давам лични информации преку Интернет.
К. В., САД
Како до среќно семејство (октомври 2009) Ова специјално издание многу му помогна на нашето семејство. Посебно ми се допаднаа рамките „Предлог“ во секој од седумте чекори. Моето семејство веќе ги применува овие предлози.
Х. Х., Кореја
Семејно катче Многу ви благодарам за оваа редовна рубрика. Нашата 6-годишна ќеркичка ужива да ги бара сликите, а посебно сака да ги обојува цртежите. Овие статии истакнуваат колку е важно родителите да ги поучуваат децата уште од најрана возраст. Она што го правите за најмалите е бесценето.
М. П., Полска