Што вели Библијата
Мора ли да му се молиш на Бог во храм, светилиште или црква?
МНОГУ луѓе редовно одат во некој верски објект за да му се молат на Бог. Други одат во такви места на аџилак. Дали мислиш дека мора да му се молиш на Бог во храм, светилиште или црква? Или, пак, сметаш дека со него можеш да зборуваш во кое било време и на кое било место? Што вели Библијата за тоа?
На почетокот од човечката историја не постоеле верски објекти. Нашите прародители живееле во една прекрасна градина (1. Мојсеева 2:8). Оттаму можеле да комуницираат со својот Творец, Јехова Бог. Подоцна, како што се зголемувало човечкото семејство, некои праведни луѓе — како што бил Ное — ‚оделе со вистинскиот Бог‘, иако немало верски објекти (1. Мојсеева 6:9). Тие го сакале Јехова и редовно му се молеле, а Тој ги прифаќал за свои слуги.
Бог не престојува во градби направени со раце
Верните луѓе од старо време биле свесни дека Творецот на Земјата и на огромната вселена не живее во градби направени со човечка рака. „Дали Бог навистина ќе живее со луѓето на земјата?“ прашал мудриот цар Соломон. А потоа со право додал: „Еве, ни небото, ни небото над небесата не може да те собере“ (2. Летописи 6:18). Точно, древните Израелци имале шатор, а подоцна и храм во кој се собирале на годишни верски празници, како што барал Божјиот закон (2. Мојсеева 23:14-17). Сепак, можеле да му се молат на Бог во секое време — кога ги паселе своите стада, додека работеле на нива, дома како семејство или додека биле сами (Псалм 65:2; Матеј 6:6).
Така и ние можеме да му се молиме на Бог на секое место, во секое време. Исус Христос, кој е наш пример, често одел на осамено место за да се моли (Марко 1:35). На пример, во една прилика ‚излегол на гората да се моли, и целата ноќ ја поминал молејќи му се на Бог‘ (Лука 6:12).
Се разбира, како Евреин, Исус редовно одел на верските празници во храмот во Ерусалим (Јован 2:13, 14). Но, претскажал дека ќе дојде време кога храмот повеќе нема да биде средиште на обожавањето на вистинскиот Бог. Во разговор со една Самарјанка близу една планина во Самарија, каде што нејзиниот народ имал храм, Исус рекол: „Доаѓа часот кога на Таткото нема да му се клањаат ниту на оваа планина, ниту во Ерусалим“. Потоа додал дека вистинските слуги на Бог „ќе му оддаваат почит... со дух и со вистина“ (Јован 4:21, 23).
Да, Исус не ставил акцент на градби од тули и малтер, туку на почит кон Бог од срце. Но, дали тоа значело дека следбениците на Исус, кои подоцна биле наречени христијани, требало да му оддаваат почит на Бог само кога се насамо? (Дела 11:26). Не, и има добри причини за тоа.
Божјиот народ сочинува едно духовно семејство
Вистинските слуги на Бог сочинуваат семејство — духовно семејство (Лука 8:21). Едно добро семејство прави многу работи заедно, на пример, сите јадат заедно, а тоа уште повеќе ги зближува. Исто е и во духовен поглед. Христијанските состаноци се како духовна гозба во таа смисла што ни помагаат да се изградуваме како личности и нѐ зближуваат со соверниците. Апостол Павле напишал: „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и да не ги пропуштаме нашите состаноци, како што некои имаат обичај, туку да се храбриме еден со друг“ (Евреите 10:24, 25).
Слугите на вистинскиот Бог сфаќаат колку важна улога има христијанското собрание бидејќи му помага на секој член да развива христијански особини кои не можат потполно да се развијат во изолација. Некои од тие особини се љубовта, спремноста да се прости, љубезноста, благоста и мирот (2. Коринќаните 2:7; Галатите 5:19-23).
Каде се собирале првите христијани за да му оддаваат почит на Бог и да се дружат? Најчесто се собирале во приватни домови (Римјаните 16:5; Колошаните 4:15). На пример, кога му пишал на еден соверник, апостол Павле писмото го упатил и до „собранието што се собира во твојата куќа“a (Филимон 1, 2).
Слично и денес, на Божјиот народ не му се потребни раскошни верски објекти, туку удобни места во кои присутните ќе се чувствуваат пријатно. И Јеховините сведоци се собираат во такви места, наречени Сали на Царството. Всушност, најверојатно и во твоја близина има некоја Сала на Царството. Тие градби се практични и скромни, а состаноците што се одржуваат во нив се едноставни — има песна, молитва и библиски дискусии.
Јеховините сведоци многу ги ценат моментите кога можат лично и насамо да зборуваат со Бог. Затоа, секој ден се молат, и заедно со семејството и насамо. „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“, пишува во Јаков 4:8.
[Фуснота]
a Во некои преводи на Библијата на македонски, изворниот грчки збор што значи „собрание“ е преведен со „црква“.
ШТО МИСЛИШ?
● Дали Бог живее во градби направени од човек? (2. Летописи 6:18)
● Во една прилика, каде се молел Исус цела вечер? (Лука 6:12)
● Зошто вистинските слуги на Бог се собираат заедно? (Евреите 10:24, 25)
[Истакната мисла на страница 15]
Дали Бог е поспремен да ги чуе твоите молитви ако си на конкретно место?