6. Барај помош од Бог
„Кога маж ми нѐ остави, го молев Бог да ни помогне. Тој ми ја услиши молитвата. Секогаш го имавме основното. Бог нѐ води и ни помага“ (МАКИ, ЈАПОНИЈА).
ВО ДЕНЕШНИОВ свет кој сѐ повеќе е насочен кон материјалното, луѓето општо земено ретко помислуваат на Бог. Сепак, нашиот Творец е заинтересиран за нас и сака да имаме добар живот. Неговите чувства убаво се опишани во Исаија 41:10: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе... и ќе ти помогнам“.
Во претходната статија, разгледавме како Бог ни помага со добрите мерила од Библијата (2. Тимотеј 3:16). Но, Библијата е повеќе отколку само книга со совети. Таа ни ги открива прекрасните особини на Бог и неговата љубов кон нас. Затоа, како што увиделе многу родители кои се христијани — без разлика дали се во брак или не — кога живееме според учењата од Библијата, ние всушност чувствуваме колку е добар Бог.
Роберт (Австрија): „Јехова Бог е подобар татко или мајка од кој и да било од нас. Тој знае што им треба на нашите деца и знае како да ги заштити. Затоа, често му се молам заедно со ќерка ми“.
Ајуса (Јапонија): „Многу се радувам кога гледам дека син ми покажува доверба дека Јехова ќе ни помага. Тој често знае да каже: ‚Сѐ ќе биде во ред, Јехова е со нас‘“.
Кристина (Италија): „Кога ми се чини дека не можам да решам некој проблем, му се молам на Јехова и го оставам проблемот во негови раце. Веднаш чувствувам внатрешен мир, зашто знам дека проблемот ќе се реши на најдобриот можен начин“.
Лорентин (Франција): „Можам да тврдам дека Јехова ме благословува како самохрана мајка. Тој навистина им помага на страдалниците и на децата без татко или мајка“.
Кеико (Јапонија): „Бог е непристрасен. Тој сака да покаже дека се грижи за сите семејства, без разлика дали се со двајца или со еден родител“ (Дела 10:34).
Исус Христос, кој покажува исто сочувство и грижа за нас како Бог, рекол: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам... зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души“ (Матеј 11:28-30). Нема збор, Исус и неговиот небесен Татко, Јехова Бог, сакаат да се чувствуваме сигурни, свесни дека тие со љубов се грижат за нас. Во Псалм 34:8 читаме: „Вкусете и видете колку е добар Јехова“. Да, Бог сака и самиот да се увериш дека неговите совети се добри, дека тој ти го мисли најдоброто. Ќе ја прифатиш ли неговата татковска рака?