Библијата — книга со точни пророштва — дел 7
„Ќе дојде крајот“
Во оваа серија од осум статии е разгледано едно извонредно обележје на Библијата — пророштвата запишани во неа. Статиите ќе ти помогнат да дојдеш до одговорот на овие прашања: Дали библиските пророштва се едноставно производ на некои паметни луѓе? Или, пак, се дело на Бог? Испитај што велат доказите.
ЧУВСТВУВАШ ЛИ лутина кога корумпираните влади ги угнетуваат и ги искористуваат своите граѓани? Чувствуваш ли дека се гази правдата кога големите бизниси ги прават богатите уште побогати на сметка на сиромашните? Дали си гневен кога религиозните водачи ги стрижат и ги дерат своите верници или кога ги поучуваат за чисти лаги? Ако да, сигурно ќе ти биде мило да дознаеш дека и Библијата ги осудува ваквите зли дела. Во оваа статија ќе бидат разгледани 1) библиски пророштва кои го претскажуваат крајот на сето зло и на сите злобни луѓе и 2) причините зошто можеме да имаме потполна доверба во овие пророштва.
Крај на злобата
Во претходната статија од оваа серија беа разгледани обележјата на знакот што го дал Исус кој покажува колку е блиску крајот на овој свет. Едно од нив е проповедањето на добрата вест за Божјето Царство во целиот свет — Божја влада која наскоро ќе владее со целата Земја (Даниел 2:44; Матеј 24:3, 14). Исус рекол дека кога ќе заврши ова дело, „ќе дојде крајот“. Можеби ќе се изненадиш кога ќе дознаеш дека првата работа на која Бог ќе ѝ стави крај е лажната религија, која кажува лаги за него. Во Библијата, лажната религија е претставена со блудница наречена „Големиот Вавилон“ (Откровение 17:1, 5).
Пророштво 1
„Ќе дојдат нејзините неволји [на Големиот Вавилон]: смрт и тага и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто е силен Јехова Бог, кој ѝ судеше“ (Откровение 18:2, 8).
Исполнување: Библијата вели дека во времето што го одредил, Бог ќе ги поттикне светските политички сили да се свртат против лажната религија наречена Големиот Вавилон и да ја уништат. Тие „ќе ја опустошат и ќе ја разголат. И ќе го изедат нејзиното месо“ (Откровение 17:16). Со други зборови, тие ќе ги откријат нејзините срамни дела и ќе го ограбат нејзиното огромно богатство. Нејзиното уништување ќе се случи многу брзо и од неа нема да остане ни трага (Откровение 18:21).
Политичките владетели можеби ќе мислат дека идејата да ја уништат лажната религија доаѓа од нив. Но, со исполнувањето на ова неверојатно пророштво ќе се докаже дека крајот на Големиот Вавилон е дело на Бог. Тој ќе „им стави во срцата да ја извршат неговата замисла“ (Откровение 17:17).
Пророштво 2
„Во деновите на тие цареви, небесниот Бог ќе подигне царство... Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други [човечки] царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44).
Исполнување: Откако ќе ѝ стави крај на лажната религија, Бог ќе се сврти кон другите организации — политичките и трговските — како и кон злобните луѓе (Изреки 2:22; Откровение 19:17, 18). Како еден газда кој ги исфрла лошите станари, Бог ќе ги ‚уништи оние што ја уништуваат земјата‘. Тој ќе ги уништи оние што ја полнат Земјата со насилство и со морална изопаченост (Откровение 11:18; Римјаните 1:18, 26-29).
Кој ќе преживее? Библијата вели: „Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11; 72:7).
Можеме ли да им веруваме на библиските пророштва? Можеме ли да бидеме сигурни дека Бог ќе ги отстрани злобата и страдањето и дека ќе ги зачува праведните? Да!
Библиските пророштва се достојни за доверба
Јеховините сведоци веруваат дека Јехова Бог е Автор на Библијата и дека сѐ што ветил ќе исполни (2. Тимотеј 3:16). Дали е разумно да веруваме во тоа?
Ако имаш пријател кој навистина те сака и никогаш не те излажал, дали би му верувал ако ти вети дека ќе направи нешто добро за тебе што е во границите на неговите можности? Сигурно би му верувал. Бог е многу подобар пријател од кој и да е човек. „Тој не лаже“, стои во Библијата (Тит 1:2, Радосна Вест).
Бог не прифаќа слепа вера или лековерност. Значи, тој ги водел со својот свет дух библиските писатели да запишат многу пророштва кои само тој, Семоќниот, може да ги исполни. Голем број од тие пророштва и нивното исполнување ги разгледавме во претходните шест статии од оваа серија. Затоа, можеме да бидеме уверени дека Бог ќе ги исполни и пророштвата за нашата иднина, вклучувајќи ги и оние што беа разгледани во оваа статија.
Да, нашиот Творец навистина ќе им стави крај на лажната религија, на суровите влади и на алчниот трговски свет. Сакаш ли да дознаеш нешто повеќе во врска со тоа што ќе се случи по овие настани? Одговорот ќе биде даден во последната статија од оваа серија во наредниот број на Разбудете се!