ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Месијата
Библијата прорекла дека на Земјата ќе дојде Месија кој ќе го ослободи човештвото од болести, страдања и смрт. Дали Исус Христос е Месијата?
Како луѓето можеле да го препознаат Месијата?
Во Библијата било проречено дека Месијата, односно Христос, ќе има две улоги во два различни временски периоди.a Првата улога требало да ја има како човек на Земјата. Библиските писатели прорекле многу детали за животот и службата на Исус за луѓето да можат лесно да препознаат дека тој е Месијата. Всушност, главната цел на библиските пророштва е „да сведочат за Исус“ (Откровение 19:10).
Кога бил на Земјата, Исус покажал што ќе направи во многу поголеми размери како моќно духовно суштество
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Таа прорекла дека, во својата прва улога, Месијата...
ќе биде потомок на цар Давид (Исаија 9:7; Лука 3:23-31).b
ќе се роди во Витлеем (Михеј 5:2; Лука 2:4-7).
понизно ќе ја објавува „добрата вест“ (Исаија 61:1; Лука 4:43).
ќе биде презрен и сметан за безвреден (Исаија 53:3; Матеј 26:67, 68).
ќе биде предаден за 30 сребреници (Захарија 11:12, 13; Матеј 26:14, 15).
ќе молчи пред оние што ќе го обвинуваат и неправедно ќе го осудат на смрт (Исаија 53:6, 7; Матеј 27:12-14).
ќе стане жртвено „јагне“ кое ќе ги отстрани гревовите на луѓето и ќе им помогне да имаат близок однос со Бог (Исаија 53:7; Јован 1:29, 34, 36).
ќе биде убиен и притоа нема да му биде скршена ниту една коска (Псалм 34:20; Јован 19:33, 36).
ќе биде погребан меѓу богатите (Исаија 53:9; Матеј 27:57-60).
ќе воскресне на третиот ден (Матеј 16:21; 28:5-7).
Исус ги исполнил сите овие пророштва како и многу други. Лекувал болни и воскреснувал мртви. Но, освен што ни дал силен доказ дека тој е Месијата, ни дал и цврста основа да веруваме дека библиските пророштва во иднина ќе се исполнат во уште поголема мера (Лука 7:21-23; Откровение 21:3, 4). Откако воскреснал, Исус седнал од ‚десната страна‘ на Бог и чекал да дојде времето да ја доврши својата улога како Месија (Псалм 110:1-6).
„Кога ќе дојде Христос, зарем ќе направи повеќе знаци отколку што направи овој?“ (Јован 7:31).
Како Месијата ќе ја исполни својата втора улога?
Евреите во времето на Исус очекувале Месијата да ги ослободи од римската власт и да владее како цар на обновеното царство на Израел (Дела 1:6). Следбениците на Исус кои биле Евреи дури подоцна сфатиле дека тој ќе ја исполни својата втора улога од небото како моќно духовно суштество кое ќе има голема власт (Матеј 28:18).
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Таа прорекла дека, во својата втора улога, Месијата...
ќе владее како Цар на една светска влада, Божјето Царство (Даниел 7:13, 14; Откровение 11:15).
ќе ги благослови сите луѓе кои веруваат во него (1. Мојсеева 22:17, 18; Псалм 72:7, 8).
ќе „вчудовиди многу народи“ и нивните владетели кога ќе ги уништи затоа што му се спротивставуваат (Исаија 52:15; Откровение 19:19, 20).
ќе спаси едно „големо мноштво“ праведни луѓе од сите народи и ќе ги воведе во нов и мирољубив свет (Откровение 7:9, 10, 13-17).
заедно со Јехова Бог ќе ги воскресне мртвите во рајот на Земјата (Лука 23:43; Јован 5:21, 28, 29).
ќе ги поучи своите поданици да бидат мирољубиви (Исаија 11:1, 2, 9, 10).
ќе го отстрани гревот, кој е главната причина за болестите и смртта (Јован 1:29; Римјаните 5:12).
ќе ги уништи сите дела на Ѓаволот и ќе ги обедини луѓето под власта на Јехова Бог (1. Коринќаните 15:25-28; 1. Јованово 3:8).
Како Месија, Исус ја исполнил својата прва улога, а наскоро ќе ја исполни и својата втора улога. Оние што се мудри учат за него затоа што самиот Исус рекол: „Јас сум патот и вистината и животот“ (Јован 14:6).
„Во неговите дни ќе процвета праведникот и ќе има голем мир сѐ додека постои месечината. Ќе има поданици... до краиштата на земјата“ (Псалм 72:7, 8).
a Зборот „Месија“ потекнува од хебрејскиот јазик. Изразот „Христос“ го има истото значење како и „Месија“, но доаѓа од грчкиот јазик (Јован 1:41).
b Првиот библиски извештај се однесува на пророштвото, а вториот на исполнувањето.