ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g17 Бр. 4 стр. 3-7
  • Дали си растргнат на сите страни?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали си растргнат на сите страни?
  • Разбудете се! 2017
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • 1. ЖЕЛБАТА ДА МУ СЕ ПРУЖИ ШТО ПОВЕЌЕ НА СЕМЕЈСТВОТО
  • 2. СТАВОТ „КОЛКУ ПОВЕЌЕ ТОЛКУ ПОДОБРО“
  • 3. ОБИДОТ ДА СЕ ИСПОЛНАТ ТУЃИТЕ ОЧЕКУВАЊА
  • 4. ЖЕЛБАТА ДА СЕ БИДЕ НЕКОЈ И НЕШТО
  • НАУЧИ ДА ОДРЖУВАШ РАМНОТЕЖА
  • 1. ОДРЕДИ КОИ СЕ ТВОИТЕ ВРЕДНОСТИ И ЦЕЛИ
  • 2. НЕ ПАЃАЈ ПОД ВЛИЈАНИЕ НА РЕКЛАМИТЕ
  • 3. ДРЖИ ЈА РАБОТАТА НА ИСПРАВНО МЕСТО
  • 4. ОДВОЈУВАЈ ВРЕМЕ ЗА СЕМЕЈСТВОТО
  • Најди задоволство во работата
    Како да ја зачуваш Божјата љубов
  • Гледај исправно на работата
    Разбудете се! 2010
  • Уживај во резултатите од својот труд
    Зачувај ја Божјата љубов
  • На крај на силите — има ли помош?
    Разбудете се! 2014
Повеќе
Разбудете се! 2017
g17 Бр. 4 стр. 3-7
Еден човек работи доцна во ноќта

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Дали си растргнат на сите страни?

Дали имаш чувство дека не можеш глава да кренеш од обврски? Ако да, не си единствениот. Во едно списание пишува: „Скоро и да нема човек што не е презафатен“ (The Economist).

ВО 2015 год. била спроведена една анкета во која биле испитани луѓе од осум земји со полно работно време. Многумина од нив рекле дека им е тешко да најдат рамнотежа меѓу работните и домашните обврски. Некои од причините што ги навеле се сѐ поголемите обврски на работа и дома, зголемените трошоци и подолгото работно време. На пример, во една друга анкета спроведена во САД, работниците со полно работно време рекле дека во просек работат по 47 часа седмично. А речиси секој петти изјавил дека работи по 60 часа, па дури и повеќе!

Во друга анкета во која биле вклучени луѓе од 36 земји, повеќе од една четвртина рекле дека честопати не можат да се опуштат дури ни во слободното време! А кога и децата имаат преполн распоред, тоа негативно влијае врз нив.

Ако постојано се трудиме да завршиме повеќе работи отколку што ни дозволува времето, може да се изложиме на голем стрес и да бидеме во постојана трка со времето. Затоа се поставува прашањето дали воопшто е можно да имаме поурамнотежен живот. Каква улога во тоа играат нашите верувања, одлуки и цели? Најпрво, да разгледаме четири причини зошто некои луѓе си наметнуваат толку многу обврски.

1. ЖЕЛБАТА ДА МУ СЕ ПРУЖИ ШТО ПОВЕЌЕ НА СЕМЕЈСТВОТО

„Работев седум дена во неделата“, вели еден татко по име Гери. „Го правев тоа бидејќи секогаш имаше нешто ново што сакав да им го овозможам на моите деца. Сакав да имаат сѐ што немав јас.“ И покрај тоа што имаат добри намери, родителите треба да размислат што им е најважно. Според некои истражувања, и возрасните и децата кои им придаваат преголема важност на парите и на материјалните работи обично се помалку среќни, помалку задоволни од животот и со послабо здравје од оние кои имаат поинакви приоритети.

Тажно дете во соба полна со скапи работи

Децата кои растат во семејство во кое материјалните работи се на прво место, всушност се помалку среќни

Со цел да им обезбедат подобра иднина на своите деца, некои родители ги запишуваат на најразлични активности, а со тоа значително ги зголемуваат и своите обврски. Сепак, на крајот страдаат и децата и родителите.

2. СТАВОТ „КОЛКУ ПОВЕЌЕ ТОЛКУ ПОДОБРО“

Целта на рекламната индустрија е да ги убеди луѓето дека пропуштаат нешто ако не ги купат најновите производи. Во списанието The Economist пишува: „Тоа што на пазарот има премногу производи уште повеќе им го краде времето на луѓето бидејќи не им е лесно да одлучат што да купат, што да гледаат или што да јадат“ во краткото време што го имаат.

Во 1930 год., еден истакнат економист предвидел дека напредокот во технологијата ќе им овозможи повеќе слободно време на работниците. Но, се случило токму спротивното! Елизабет Колберт, која пишува за списанието New Yorker, вели: „Наместо помалку да работат, луѓето имаат сѐ поголеми потреби“, кои чинат и време и пари.

3. ОБИДОТ ДА СЕ ИСПОЛНАТ ТУЃИТЕ ОЧЕКУВАЊА

Некои луѓе работат од утро до мрак само за да не го разочараат својот работодавач. Притисокот можеби го зголемуваат и колегите така што им наметнуваат чувство на вина на оние што не остануваат прекувремено. Освен тоа, свој удел може да има и економската несигурност, поради која луѓето се спремни да работат подолго или, пак, да бидат на располагање дури и во слободното време.

Родителите може да бидат под притисок и доколку се обидуваат да го следат брзото темпо на некои други семејства. Зошто би го правеле тоа? Бидејќи во спротивно би се измачувале со мислата дека им кратат нешто на своите деца.

4. ЖЕЛБАТА ДА СЕ БИДЕ НЕКОЈ И НЕШТО

Тим, кој живее во САД, вели: „Си ја сакав работата и цело време работев со полна пареа. Чувствував потреба да се докажам“.

Исто како Тим, многумина сфатиле дека мислењето што го имаат за себе силно влијае врз нивното темпо на живот. Со каков резултат? „Зафатеноста стана тесно поврзана со социјалниот статус“, вели Елизабет Колберт, која беше цитирана претходно. Таа додава: „Колку позафатен си толку поважна личност изгледа дека си“.

НАУЧИ ДА ОДРЖУВАШ РАМНОТЕЖА

Библијата нѐ поттикнува да бидеме вредни и трудољубиви (Изреки 13:4). Сепак, таа нѐ поттикнува и да бидеме урамнотежени. „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“, пишува во Проповедник 4:6.

Ако имаме урамнотежен живот, тоа добро ќе влијае врз нашето психичко и физичко здравје. Но, можно ли е човек што е презафатен да го намали темпото? Да. Да видиме четири предлози.

1. ОДРЕДИ КОИ СЕ ТВОИТЕ ВРЕДНОСТИ И ЦЕЛИ

Кога станува збор за финансиите, нормално е човек да сака извесна сигурност. Но, колку пари се доволно? Што значи да си успешен? Дали успехот се мери само по примањата и по материјалните работи? Која е смислата ако човек работи толку многу што нема време да ги троши парите што ги заработува? Од друга страна, може да бидеме под притисок и ако сме поминале премногу време во одмор и рекреација.

Тим, кого го цитиравме претходно, вели: „Јас и жена ми внимателно размисливме за нашиот живот и одлучивме да го поедноставиме. Направивме табела во која запишавме каква е нашата моментална состојба и кои се нашите нови цели. Зборувавме за последиците од нашите одлуки од минатото и за тоа како да ги постигнеме целите што си ги поставивме“.

2. НЕ ПАЃАЈ ПОД ВЛИЈАНИЕ НА РЕКЛАМИТЕ

Библијата нѐ советува да ја држиме под контрола „желбата на очите“ (1. Јованово 2:15-17). Рекламите можат да ги зголемат таквите желби и да ги наведат луѓето да работат прекувремено или да трошат премногу време и пари на одмор и рекреација. Точно, можеби не можеш да ги избегнеш сите реклами. Но, од тебе зависи колку ќе се изложуваш на нив. Освен тоа, добро е да размислиш кои работи навистина ти требаат.

Имај на ум дека и луѓето со кои се дружиш можат силно да влијаат врз тебе. Ако ставаат преголем акцент на материјалните работи или ако успехот го мерат во пари, можеби е време да побараш пријатели кои имаат поинакви вредности. Библијата вели: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар“ (Изреки 13:20).

3. ДРЖИ ЈА РАБОТАТА НА ИСПРАВНО МЕСТО

Зборувај со работодавачот за твојата работа и за твоите приоритети. Немој да се чувствуваш виновен ако животот не ти се врти само околу работата. Во една книга пишува: „Оние што знаат да ги разграничат работата и семејниот живот или, пак, одвреме-навреме си земаат слободни денови, сфаќаат една важна вистина — фирмата нема да пропадне ако тие не се на работа“ (Work to Live).

Гери, кого го цитиравме претходно, стоел прилично добро во финансиски поглед, но решил да работи помалку часови. „Зборував со моето семејство и им предложив да си го поедноставиме животот“, вели тој. „Потоа почнавме малку по малку да преземаме чекори во тој правец. Освен тоа, го прашав шефот дали ќе биде можно да работам помалку денови во седмицата, и тој ми дозволи.“

4. ОДВОЈУВАЈ ВРЕМЕ ЗА СЕМЕЈСТВОТО

Многу е важно мажот и жената да минуваат време заедно, а децата да бидат со своите родители. Затоа, внимавај да не го следиш темпото на други семејства кои секогаш се зафатени. Гери вели: „Одвојувај време за да се одморите и опуштите и одложи ги обврските кои не се толку итни“.

Кога сте заедно како семејство, не дозволувајте телевизијата, мобилните телефони или некои други уреди да ви го одвлечат вниманието и да не ви остане време еден за друг. Јадете заедно барем еднаш дневно и користете ги тие прилики за да разговарате како семејство. Кога родителите го применуваат овој едноставен совет, децата се посреќни и подобро им оди на училиште.

Едно семејство руча во пријатна атмосфера

Оброците нека ви бидат прилика да разговарате како семејство

На крајот, прашај се: „Што сакам да постигнам во животот? Што ми е најважно да има моето семејство?“ Ако сакаш твоето семејство да има посреќен и поисполнет живот, вашите приоритети нека бидат во склад со мудрите совети од Библијата.

Технологијата и трката со времето

Една мајка чепка во мобилниот додека ќеркичката упорно ја вика

Дали мобилните телефони и таблетите придонесуваат да имаме повеќе или, пак, помалку време? Тоа зависи од начинот на кој ги користиме.

Работа: Електронските уреди можат да им помогнат на луѓето да бидат пофлексибилни во врска со времето и местото на кое ќе работат. Но, тие можат и да го зголемат стресот ако се очекува работникот да биде достапен во секое време.

Дома: Мобилните телефони можат да го намалат стресот бидејќи членовите на семејството ќе можат полесно да си ги усогласуваат активностите. Сепак, ваквите уреди можат да украдат голем дел од времето што семејството би требало да го помине заедно. Некои истражувања покажуваат дека децата кои мора да се натпреваруваат со електронските уреди за да го добијат вниманието на своите родители, може да станат нервозни и да имаат проблематично однесување.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели